У.бр.234/1992

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницта одржана на 12 мај 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за детално урбанистичко решение на Градски гробишта и дел од населбата “Чифлик” во Струмица, донесена од Собранието на Општината на 5 мај 1981 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Едровски Љубомир од Струмица му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на Одлуката означена во точка 1 од ова решение, затоа што планот во фазата на нацрт не бил ставен на јавен увид и јавна расправа и што граѓаните не биле известени за одржувањето на јавната расправа, односно на јавната расправа присуствувале претставници на две месни заедници, што не било во согласност со закон.

3. На седницата Судот утврди дека на 3 март 1981 година по нацрт-планот била одржана јавна расправа во просториите на Домот на техничката култура во Струмица.

4. Според член 31 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85, 18/89 и 38/90), просторниот и урбанистичкиот план задолжително се ставаат во фазата на нацрт-план на јавна расправа.

Со оглед на тоа што оспорената одлука во фазата на нацрт била ставена на јавна расправа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со означената законска одредба. Што се однесува до наводот во иницијативата за бројот на граѓаните кои присуствувале на јавната расправа, Судот оцени дека бројот на присутните граѓани не е од значење за оценување законитоста на постапката за донесување на планот.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.