У.бр.230/2005

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 31 мај 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 3, членот 43 став 2 и членот 95 став 1 во делот: „и добрите oбичаи“ од Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Македонија” бр.18/2001, 4/2002 и 5/2003).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на делот: „и добрите oбичаи“ од одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата делот: „и добрите oбичаи“ од оспорените законски одредби не бил во согласност со Уставот на Република Македонија, бидејќи според член 8 став 2 од Уставот, во Република Македонија било слободно се што со Уставот и законите не било забрането. Потоа секој бил должен да ги почитува Уставот и законите, според член 51 став 2 од Уставот, меѓутоа изречна должност за почитување на добрите обичаи во Уставот не била содржана.

Оттаму, подносителот на иницијативата смета дека оспорениот дел на законските одредби не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и став 2, како и со член 51 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 3 од Законот за облигационите односи, учесниците во прометот слободно ги уредуваат облигационите односи во согласност со Уставот, законите и добрите обичаи.

Според член 43 став 1 од Законот, секоја договорна обврска мора да има дозволена основа, а според став 2, основот е дозволен ако е во согласност со Уставот, законите и добрите обичаи.

Според член 95 став 1 од Законот, договорот кој не е во согласност со Уставот, законите и добрите обичаи е ништовен, ако целта на повреденото правило не упатува на некоја друга санкција или ако со законот во определениот случај не е предвидено нешто друго.

Сите одредби се оспоруваат во делот: “и добрите обичаи”.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 8 став 2 од Уставот, во Република Македонија слободно е се што со Уставот и законот не е забрането.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според Амандманот XXV на Уставот, судската власт ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Забранети се вонредни судови. Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Тргнувајќи од содржината на наведениот амандман произлегува дека судовите судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Што се однесува до законите, во случајот Законот за облигационите односи, во него постојат повеќе одредби (член 41, 67 став 1, 96 став 2 и 131 став 1), покрај трите оспорени, кои како рамка на однесување предвиделе почитувањето на добрите обичаи.

Имено, според концептот на Законот за облигацините односи со него се уредуваат основите на облигационите и договорните односи во прометот на стоки и услуги, помеѓу правните и физичките лица како учесници во тие односи, а тие во прометот се слободни да ги уредуваат облигацините односи во согласност со Уставот, законите и добрите обичаи. Оттаму, почитувањето на Уставот, законите и добрите обичаи во Законот е издигнато на ранг на општо начело (член 3).

Секако добриот обичај не е прецизно определена категорија, меѓутоа е општо познат како таков во правната терминологија и како начело ја добива својата конкретна содржина за определено време и простор.

Притоа, секој правен систем во мноштвото на правни норми наоѓа место и за едно подрачје на кое се поголеми можностите самите странки, според сопствената војла да ги уредат своите односи, но секогаш во рамките на законски утврдените норми, а таква една област се токму облигационите односи.

Добрите обичаи воопшто, потоа, добрите деловни обичаи или пак добрите трговски обичаи не се непозната категорија во правото. Обичаите воопшто се правила на однесување кои не ги воспоставил законодавецот, туку тие се свесно или пак несвесно создадена мерка на однесување развиена од самите заедници или одделен нејзин дел. Добриот обичај има инструментална функција насочена кон одбрана од општествено опасното и овозможување на општествено корисното, пришто во правото никој не може да се повика на примена на „лош обичај”.

Добрите обичаи се преќутно настанати и фактички преставуваат постоечки конвенционални норми што можат да се утврдат. На теренот на граѓанското право добите обичаи се изедначени со постоечкиот морал. Добрите обичаи се од мошне важно значење за судовите во утврдувањето на фактичката состојба, интересите на странките при стапувањето во облигационите или пак договорните односи и нивното придржување до начелото на совесност и чесност, како меродавен стандард за постапувањето на странките од моментот на настанувањето на правниот однос до постапката во врска со нивното извршување.

Во конкретниот случај почитувањето на добрите обичаи се однесува на рамката во која треба да се движи слободата на учесниците во прометот во уредувањето на облигационите односи (член 3), потоа во кои рамки ќе се смета дека основот е дозволен (член 43 став1) и во кои случаи ќе се смета дека договорот е ништавен (член 95 став 1 од Законот).

При тоа за добрите обичаи да послужат на наведената цел во постапките пред судовите, треба да бидат во таа мера познати и распространети за да странките или учесниците во облигационите односи ги применуваат како непишано правило на однесување во конкретен облигационен однос.

Со оглед на наведеното, по однос на она што преставуваат добрите обичаи на теренот на правото, според Судот проилегува дека тие не можат да бидат во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 и став 2 од Уставот на Република Македонија.

Имено, во почитувањето на добрите обичаи неминовно е содржано и почитување на чесност и искреност на учениците во правните односи што, според Судот, во крајна линија води и кон поочитување на влаеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Од друга страна почитувањето на добрите обичаи не значи по автоматизам негирање на Уставот, законите и меѓународните договори, туку напротив води кон нивно почитување и зајакнување.

Врз основа на изнесеното произлегува дека неоснован е наводот во иницијативата за несогласност на делот од оспорените одредби од Законот со членот 8 став 1 алинеја 3 и став 2 од Уставот на Република Македонија и останатите одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 230/2005
31 мај 2006 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова – Ристова