У.бр.228/2010

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 2 ноември 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1.НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 23 став 2 точка 6 од Законот за адвокатура („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2002, 60/2006, 29/2007, 106/2008 и 135/2011).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 23 став 2 точка 7 од Законот означен во точката 1 од ова решение и на уставноста и законитоста на Правилникот за коморска маркичка, донесен од Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија на 13 ноември 2010 година и Правилникот за измена и дополнување на Правилникот за дисциплинска одговорност, донесен од Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија на 18 септември 2010 година.

3. Сашо Врбовски адвокат од Битола и други адвокати, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на законските одредби означени во точките 1 и 2 од ова решение и уставноста и законитоста на правилниците означени во точката 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, предвидувањето во член 23 став 2 точка 6 од Законот за адвокатура престанување на правото на вршење на адвокатска дејност ако адвокатот не врши уплата на коморска членарина, значело дека адвокатот мора да плаќа коморска членарина и ако не ја плаќа коморската членарина престанува да ја врши адвокатската дејност, односно услов за вршење на адвокатската дејност е членство во Адвокатската комора, што не било во согласност со слободата на граѓаните на здружување заради остварување и заштита на нивните, покрај другото, економски и други права загарантирани со член 20 став 1 од Уставот, која слобода почива на доброволност, а не на задолжителност. Ваквата законска одредба не била во согласност ниту со член 32 од Уставот, со кој се определува дека секој има право на работа и слободен избор на вработување (став 1), секому под еднакви услови му е достапно секое работно место (став 2) и секој вработен има право на соодветна заработувачка (став 3), со оглед дека оспорената законска одредба им ги ускратувала наведените права на адвокатите ако не плаќале коморска членарина.

Подносителот на иницијативата наведува дека таквата законска одредба на адвокатите ако не платиле коморска членарина им определувала санкција во вонкривична постапка, иако членот 33 од Кривичниот законик не предвидувал таква санкција туку само забрана за вршење на професија, дејност или должност како споредна казна заедно со казна затвор или условна осуда, со што адвокатите биле во нееднаква положба во однос на другите граѓани, а законската одредба вршела флагрантна повреда на уставното начело на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите. Според подносителот, ако коморската членарина била парично побарување на здружение спрема членовите, при што ако не била платена санкциите за неплаќање на паричните побарувања во сите постапки во нашиот правен поредок (парничната, стечајната, ликвидационата или извршната постапка) се сведувале на плаќање на казнена камата или казнена такса, па затоа не смеело да се определува санкција-престанок на вршење на дејност како што е тоа утврдено кај адвокатите.

Во однос на член 23 став 2 точка 7 од Законот, иницијативата не содржи причини поради кои се оспорува.

Во врска со Правилникот за коморска маркичка донесен од Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија на 13 ноември 2010 година, најнапред се укажува дека според Правилникот коморската маркичка е посебен заштитен образец со А4 формат на кој се составува полномошното и се плаќа 600,00 денари по предмет за кој е ангажиран адвокатот. Тргнувајќи од тоа дека членот 18 ставовите 3 и 4 од Законот за адвокатура не определува коморската маркичка да се плаќа за издавање на полномошно, туку дека коморската маркичка се става на секој поднесок или исправа составени од адвокат или се предава на суд и други органи при застапување од страна на адвокат, подносителот на иницијативата смета дека Правилникот не е во согласност со наведените законски одредби. Во иницијативата се наведува дека содржината, формата, издавањето и друго во врска со полномошното е уредено со Законот за облигационите односи и со законите за кривична, парнична, вонпарнична и управна постапка, и дека во ниеден од тие закони не било определено издавањето на полномошното да биде на посебен образец, поради што Правилникот немал основа во позитивната нормативна поставеност на работите околу полномошното.

Со оспорениот Правилник за измена и дополнување на Правилникот за дисциплинска одговорност, донесен од Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија на 18 септември 2010 година, се определувало дека неплаќањето на коморска членарина и коморска маркичка претставува потешка повреда на адвокатската должност. Но, според член 30 став 2 од Законот за адвокатура потешки повреди на адвокатската должност и угледот на адвокатурата биле (1) неизвршување или очигледно несовесно вршење на работите на правна помош и вршење на јавни овластувања, (2) непостапување по овластувањето и непреземањето дејствија што адвокатот е должен да ги преземе во заштита на правата и интересите на странката и (3) повредување на должноста на чување тајна, при што подносителот на иницијативата смета дека според став 3 од истиот член на Законот наведените повреди требало поблиску да се уредат со акт на Адвокатската комора без да може со тој подзаконски акт да воведе и други потешки повреди на адвокатската должност и на угледот на адвокатурата. При таква состојба, иницијаторот смета дека наведените законски одредби ги определиле како потешки повреди на адвокатската должност само оние дејствија кои се во врска со нивната основна дејност-давање на правна помош на нивните странки, а не и нивното организирање, вклучително и финансиските обврски на адвокатите кон Комората, со што Управниот одбор на Комората како доносител на оспорениот правилник излегол надвор од законските рамки и влегол во делокругот на законодавната власт повредувајќи ги темелните вредности основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска определени во член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 4 од Уставот, како и член 51 од Уставот. Подносителот на иницијативата наведува и тоа дека финансиската обврска на адвокатите спрема Адвокатската комора не можела да биде предмет на дисциплинска одговорност односно неплаќањето на коморска членарина и коморска маркичка никаде не било определено како кривично дело, прекршок или дисциплинска мерка.

Со иницијативата се предлага изрекување на привремена мерка заради спречување да настанат тешко отстранливи последици.

4.а) Судот на седницата утврди дека во член 23 став 2 точка 6 од Законот за адвокатура („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/2002, 60/2006, 29/2007, 106/2008 и 135/2011) се определува дека „правото на вршење адвокатска дејност на адвокатот му престанува ако не врши уплата на коморска членарина.“ Во точката 7 од истиот член на Законот се определува дека правото на вршење адвокатска дејност на адвокатот му престанува ако му е одземена лиценцата за работа.

Во член 33 од Законот се определува дека адвокатите во Република Македонија се организираат во Адвокатска комора на Република Македонија (став 1) и дека Комората има својство на правно лице (став 3).

Според член 34 став 1 од Законот, Адвокатската комора на Република Македонија во својата работа е самостојна и независна, а според став 2 од истиот член на Законот Комората решава за стекнување и престанок на правото на вршење адвокатска дејност и упис и бришење во Именикот на адвокатите, Именикот на стручните соработници и Именикот на адвокатските приправници (точка 1), врши упис и бришење во Именикот на адвокатските друштва (точка 2), решава за одговорноста за повреда на адвокатската должност и угледот на адвокатурата (точка 3), решава за привремена забрана на вршење на адвокатска дејност (точка 4), донесува Тарифа за награда и надоместок на трошоците на адвокатите (точка 5), донесува акти на Комората (точка 6), донесува Кодекс на адвокатската етика (точка 7), се грижи за стручно оспособување и усовршување на адвокатските стручни соработници и адвокатските приправници (точка 8) и дава мислење за реципроцитет на барање на надлежен државен орган (точка 9).

Според член 35 од Законот, Адвокатската комора на Република Македонија се финансира од коморска членарина, коморски уписен влог, подароци и фондации, закупнина, коморска маркичка и други приходи во согласност со закон.

б) Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон (став 1); Секој е должен да ги почитува Уставот и законите (став 2).

Според член 53 од Уставот, адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија и дека таа вредност се остварува така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот а сите други прописи со Уставот и законите, при што секој субјект е должен да ги почитува Уставот и законите.

Од содржината на член 53 од Уставот произлегува дека адвокатурата е јавна служба што обезбедува правна помош, при што таа јавна служба е самостојна и независна и врши јавни овластувања кои и’ се доверени со закон.

Во член 23 став 2 точка 6 од Законот за адвокатура („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/2002, 60/2006, 29/2007, 106/2008 и 135/2011), се определува дека „правото на вршење адвокатска дејност на адвокатот му престанува ако не врши уплата на коморска членарина.“

Во член 33 од Законот се определува дека адвокатите во Република Македонија се организираат во Адвокатска комора на Република Македонија (став 1) и дека Комората има својство на правно лице (став 3).

Според член 34 став 1 од Законот, Адвокатската комора на Република Македонија во својата работа е самостојна и независна, а според став 2 од истиот член на Законот Комората решава за стекнување и престанок на правото на вршење адвокатска дејност и упис и бришење во Именикот на адвокатите, Именикот на стручните соработници и Именикот на адвокатските приправници (точка 1), врши упис и бришење во Именикот на адвокатските друштва (точка 2), решава за одговорноста за повреда на адвокатската должност и угледот на адвокатурата (точка 3), решава за привремена забрана на вршење на адвокатска дејност (точка 4), донесува Тарифа за награда и надоместок на трошоците на адвокатите (точка 5), донесува акти на Комората (точка 6), донесува Кодекс на адвокатската етика (точка 7), се грижи за стручно оспособување и усовршување на адвокатските стручни соработници и адвокатските приправници (точка 8) и дава мислење за реципроцитет на барање на надлежен државен орган (точка 9).

Според член 35 од Законот, Адвокатската комора на Република Македонија се финансира од коморска членарина, коморски уписен влог, подароци и фондации, закупнина, коморска маркичка и други приходи во согласност со закон.

Наведените законски одредби се содржани во основниот текст од Законот донесен во 2002 година.

Од изнесените законски одредби произлегува дека адвокатите се организираат во Адвокатска комора на Република Македонија, Комората има својство на правно лице и своите работи ги врши самостојно и независно, при што Законот прецизно ги определува работите на Комората почнувајќи од уписот на адвокатите, стручните соработници и адвокатските приправници во соодветните именици, преку адвокатската етика и одговорноста при вршењето на адвокатската дејност, како и стручното оспособување и усовршување, до донесувањето на актите на Комората и наградата и надоместокот на трошоците на адвокатите за вршењето на адвокатската дејност. Законот ги пропишува и изворите на финансирање на Адвокатската комора на Република Македонија потребни заради извршување на набројаните работи на Комората, меѓу кои извори е и коморската членарина, при што Законот утврдува дека нејзиното неплаќање предизвикува престанување на правото на адвокатот да ја врши адвокатската дејност. Со други зборови, законодавецот ставил особено значење на плаќањето на коморската членарина како извор на финансирање на Адвокатската комора.

Имајќи ја предвид определбата од член 53 на Уставот со закон да се утврдат јавните овластувања на адвокатурата како самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош, законодавецот има овластување да го определи и финансирањето на тие јавни овластувања, а во тие рамки и да го проценува значењето на последиците од непочитувањето на финансиските обврски за вршењето на јавните овластувања на Комората и да презема мерки за спречување на таквите појави, па според тоа има уставна основа за таквите законски решенија, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената законска одредба со член 8 став 1 алинеја 3 и членовите 51 и 53 од Уставот.

Во однос на наводите во иницијативата за повреда на начелото на еднаквоста, имајќи предвид дека се во прашање различни групи на граѓани кои се наоѓаат во различни ситуации (адвокати при вршење на адвокатска дејност, од една страна, и други граѓани во други ситуации, од друга страна), произлегува дека постоењето на различни правила за различни субјекти во различни ситуации не е повреда на еднаквоста, поради што Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената законска одредба со член 9 од Уставот.

Во врска со наводите во иницијативата за несогласноста на член 23 став 2 точка 6 од Законот со членовите 20 и 32 од Уставот, имајќи предвид дека оспорената законска одредба се однесува на адвокатите како вршители на јавни овластувања и чија положба е посебно уредена со Законот за адвокатурата во тие ситуации, произлегува дека спротивставените одредби (уставните, од една страна, и законската, од друга страна) се однесуваат на различна материја, поради што Судот утврди дека не може да се оценува уставноста на законската одредба од тој аспект.

Во однос на иницијативата за оценување на уставноста на член 23 став 2 точка 7 од Законот (за одземање на лиценцата за работа на адвокат), со оглед на тоа што во иницијативата не се изнесени причини поради кои се смета дека наведената законска одредба е неуставна, Судот утврди дека нема процесни претпоставки за постапување по тој дел од иницијативата, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5.а) Судот на седницата утврди дека оспорениот правилник за коморска маркичка донесен од Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија на 13 ноември 2010 година, престанал да важи со член 2 од Правилникот за коморска маркичка донесен од Управниот одбор на Комората на 24 јуни 2011 година, а оспорениот Правилник за измена и дополнување на Правилникот за дисциплинска одговорност донесен од Управниот одбор на Комората на 18 септември 2010 година, престанал да важи со член 1 од Одлуката бр.02-950/2 донесена од Управниот одбор на Комората на 24 јуни 2011 година.

б) Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што (1) оспорениот правилник за коморска маркичка донесен од Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија на 13 ноември 2010 година, престанал да важи со член 2 од Правилникот за коморска маркичка донесен од Управниот одбор на Комората на 24 јуни 2011 година и што (2) оспорениот Правилник за измена и дополнување на Правилникот за дисциплинска одговорност донесен од Управниот одбор на Комората на 18 септември 2010 година, престанал да важи со член 1 од Одлуката бр.02-950/2 донесена од Управниот одбор на Комората на 24 јуни 2011 година, Судот утврди дека нема процесни претпоставки за постапување и по тој дел од иницијативата, поради што одлучи како во точката 2 од ова решение.

6. Имајќи предвид дека нема основа за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 23 став 2 точка 6 од Законот за адвокатура, а воедно нема процесни претпоставки за постапување по делот од иницијативата што се однесува на уставноста на член 23 став 2 точка 7 од Законот, како и за оценување на уставноста и законитоста на двата правилници на Адвокатската комора, Судот оцени дека нема основи за изрекување на привремена мерка.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов, а во однос на точката 1 од ова решение со мнозинство гласови.

У бр.228/2010
2 ноември 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски