У.бр.225/2004

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 13 јули 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за распределба на средства за валоризација на платите на работниците во општинската администрација бр.08-706 од 26 јули 2002 година, во делот што се однесува само на Никола Наумов.

2. Серафим Наумовски од Охрид на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека со оспорената одлука градоначалникот на општина Охрид Никола Наумов извршил распределба на средствата на платите во општинската администрација меѓу другите предвидувајќи си зголемување на платата од 15% на основица која и претходно си ја определувал самиот. Тоа не било во согласност со член 32 став 5 од Уставот и со член 52 став 8 од Законот за локалната самоуправа.

Подносителот на иницијативата потенцира дека иницијативата се однесува само на износот на Никола Наумов и предлага Судот да го поништи само делот од Одлуката кој се однесува на градоначалникот Никола Наумов.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената Одлука е донесена на 26 јули 2002 година согласно потпишаната спогодба помеѓу Сојузот на синдикатите на Македонија и Владата на Република Македонија за утврдување на најниската плата и распределба на средствата за плати во Република Македонија и член 50 од Законот за локалната самоуправа во кој е определена надлежноста на градоначалникот.

Во конкретно оспорениот член 3 од оваа одлука, е утврдена поединечната распределба на средствата за плата по работник при што се наведени 46 имиња и презимиња со проценти за секого поединечно меѓу кои имиња и презимиња е и Никола Наумов со 15%.

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Тргнувајќи од содржината на оспорената одлука, како и од барањето во иницијативата Судот да поништи само дел од Одлуката кој се однесува на конкретна личност, Судот оцени дека станува збор за интерен акт на општината во кој во член 3 поименично се наведени 46 лица, меѓу кои е и Никола Наумов кому му се распределени средства за плата во висина од 15%.

Оттука, според Судот оспорената одлука не може да се третира како општ пропис по кој би постапувал Уставниот суд, затоа што не содржи општи норми на однесување, не уредува односи за неопределен број на субјекти во правото на општ начин, ниту утврдува права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.225/2004
13 јули 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова