У.бр.225/2001-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 јануари 2003 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 43 став 7 од Законот за градежното земјиште (“Службен весник на Република Македонија”бр. 53/2001).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Виолета Стојановска од Кичево, со решение У.бр.225/2001 година од 6 ноември 2002 година поведе постапка за оценување уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од оваа одлука затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека со член 43 став 7 од Законот за градежното земјиште, експропријација на сопственоста и правата кои произлегуваат од неа на земјиште, згради и други објекти (недвижности), заради изградба на објекти на инфраструктурата предвидени со Програмата за уредување на градежното земјиште, се врши во корист на Републиката, а за сметка на општините, односно градот Скопје.

5. Според член 30 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон. Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Согласно член 56 став 1 од Уставот, сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита. Според ставот 3 на овој член, со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се остапат на користење.

Со законот за градежното земјиште се уредуваат правата и обврските во поглед на градежното земјиште и уредувањето на тоа земјиште.

Според член 2 од овој закон, градежното земјиште е добро од општ интерес за Републиката и ужива посебна заштита, на начин и услови утврдени со овој закон. Уредувањето на градежното земјиште е дејност од општ интерес.

Членот 6 од овој закон уредува дека градежно земјиште може да биде во сопственост на Република Македонија и на домашни физички и правни лица, под услови утврдени со овој и друг закон.

Согласно член 42 од овој закон, под уредување на градежно земјиште во смисла на овој закон се подразбира изградба на објекти на инфраструктура, заради обезбедување на непречен пристап до градежната парцела од јавен пат, поставување на водоводна, канализациона (фекална и атмосферска), електрична, ПТТ и друга инсталација со приклучоци до градежната парцела.

Во членот 43 ставовите 2, 5 и 6 од овој закон, е утврдено дека уредувањето на градежното земјиште во рамките на подрачјето утврдено со генерален урбанистички план за населено место и детален урбанистички план го вршат општините врз основа на програма што ја донесува советот на општината.

Во делот на Законот за градежно земјиште што се однесува на трансформацијата на правото на користење на градежното земјиште, поточно во членот 56 е определено дека со денот на влегувањето во сила на овој закон, градежното земјиште во општините односно градот Скопје на кое има изградено објекти кои со делбен биланс се пренесени на општините односно градот Скопје, правото на користење на земјиштето кое служи за редовна употреба на тие објекти се трансформира во право на долготраен закуп на градежно земјиште сопственост на Република Македонија.

Според член 3 од Законот за експропријација, експропријацијата може да се врши за 1) државата – за свои потреби, за потребите на јавните претпријатија основани од државата, јавните фондови, образованието, воспитанието, науката, културата, здравството, социјалната заштита и спортот кога дејноста се врши како јавна (државна) служба; 2) општините и градот Скопје – за потребите на единиците на локалната самоуправа и за потребите на јавните претпријатија и фондови основани од општините односно градот Скопје; 3) за потребите на правни и физички лица, за изградба на објекти и изведување на други работи од јавен интерес предвидени во член 2 на овој закон.

Со член 11 од овој закон е уредено дека надоместот за експроприраната недвижност и трошоците на постапката за експропријација паѓаат на товар на корисникот на експропријацијата за чии потреби е експроприрана недвижноста.

Од наведените уставни и законски одредби произлегува дека градежното земјиште е добро од општ интерес за Републиката кое ужива посебна заштита. Имено, на сите добра (во случајот градежното земјиште) кои со закон се определени како добра од општ интерес и сй во сопственост на Републиката може да постои само право на користење од страна на оние субјекти на кои Републиката им ги отстапила тие добра на користење и тоа според услови и начин определен со закон.

Оттука произлегува дека градежното земјиште може да биде во сопственост на Република Македонија и во сопственост на домашни физички и правни лица но под услови утврдени со законот за градежното земјиште или со друг закон.

Според мислењето на Судот, ако експропријацијата се врши во корист на државата, државата треба да ги сноси и трошоците на експр опријацијата поради што оспорената одредба од Законот создава обврски за општината и за градот Скопје кои не треба да паднат на нивен товар.

Од друга страна, доколку експропријација се врши за потребите на единиците на локалната самоуправа и за потребите на јавните претпријатија и фондови основани од општините односно градот Скопје, во тој случај експропријационите трошоци треба да бидат на товар на општината односно градот Скопје.

Со оглед на тоа што оспорената одредба од Законот предвидува експропри јацијата на сопственоста и правата кои произлегуваат од неа на земјиште, згради и други објекти (недвижности) заради изградба на објекти на инфраструктурата предвидени со Програмата за уредување на градежното земјиште да се врши во корист на Републиката но истовремено предвидува и обврски за општините и за градот Скопје, односно предвидува товарот на експропријацијата да падне врз општините и врз градот Скопје, Судот оцени дека оспорената одредба од Законот не е во согласност со член 30 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У. бр. 225/2001
15 јануари 2003 год.
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Тодор Џунов