У.бр.224/2010

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 29 ноември 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 46 од Законот за судовите (“Службен весник на Република Македонија” број 58/2006, 35/2008 и 150/2010).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд му поднесe иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата на Законот означен во точката 1 на ова решение.

3. Според подносителoт на иницијативата во членот 46 од Законот за судовите биле пропишани посебни услови за избор на судии во основен суд, апелационен суд и во Врховниот суд на Република Македонија, како и во Управниот суд и во Вишиот управен суд.

Подносителот на иницијативата смета дека со оваа законска одредба лицата дипломирани правници со положен правосуден испит не биле ставени во еднаква правна положба за избор на судија.Така, на пример, во овие одредби било предвидено дека покрај судиите да може да се пријави и само лице кое има пет или шест годин работен стаж на правни работи во државен орган според ставот 2 алинеи 1 и 2 од оспорениот член, додека ова исто право не било предвидено и за лице кое имало пет или шест години стаж на правни работи кое не работело во државен орган, како што се адвокатите, извршителите, нотарите, медијаторите, универзитетските професори од областа на правото со научен степен доктор на правни науки или вонреден универзитетски професор кој предавал повеќе од десет години правен предмет сврзан со судската практика како што било наведено во членот 46 од Законот за судовите од 2006 година. Според наводите во иницијативата овие лица биле дискриминирани во однос на првите лица, односно судиите и државните службеници.

Од тие причини подносителот на иницијативата смета дека со оспорената законска одредба биле повредени темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска од член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 9, член 23, член 32 став 1 и 2, член 51 и Амандманот XXV од Уставот на Република Македонија.

Исто така подносителот на иницијативата смета дека при одлучувањето за основаноста на оваа иницијатива Судот да ја има во предвид и одредбата на членот 43 од овој закон и врз основа на изнесеното, предлага на Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на членот 46 од Законот. Воедно во иницијативата предлага Уставниот суд да донесе и решение за времена мерка за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорената законска одредба, бидејќи со нејзиното извршување би можеле на настанат тешко отстапливи последици.

4.Судот на седница утврди дека според член 46 став 1 посебни услови за избор на судија во основен суд, апелационен суд и во Врховниот суд на Република Македонија се: за судија на основен суд може да биде избрано лице кое ја завршило почетната обука во Академијата за судии и јавни обвинители; за судија на апелационен суд може да биде избрано лице кое има работно искуство од најмалку четири години непрекинат судиски стаж како судија во основен суд до моментот на пријавувањето за избор, кое во последната година од страна на Судскиот совет на Република Македонија е оценето со највисока позитивна оцена и во однос на другите пријавени лица има добиено најголем број бодови, согласно со закон, или судија во Управниот суд или Вишиот управен суд кој во последната година од страна на Судскиот совет на Република Македонија е оценет со највисока позитивна оцена и во однос на другите пријавени лица има добиено најголем број бодови, согласно со закон и за судија на Врховниот суд на Република Македонија, може да биде избрано лице кое има работно искуство од најмалку шест години непрекинат судиски стаж како судија во апелационен суд до моментот на пријавувањето за избор и кое во последната година од страна на Судскиот совет на Република Македонија е оценето со највисока позитивна оцена и во однос на другите пријавени лица има добиено најголем број бодови, согласно со закон или судија во Управниот суд или Вишиот управен суд кој во последната година од страна на Судскиот совет на Република Македонија е оценет со највисока позитивна оцена и во однос на другите пријавени лица има добиено најголем број бодови, согласно со закон.

Според ставот 2 од овој член, посебни услови за избор на судија во Управниот суд и во Вишиот управен суд се: за судија на Управниот суд може да биде избрано лице кое има работно искуство од најмалку четири години непрекинат судиски стаж како судија во основен суд до моментот на пријавувањето за избор и кое во последната година од страна на Судскиот совет на Република Македонија е оценето со највисока позитивна оцена и во однос на другите пријавени лица има добиено најголем број бодови, согласно со закон или лице кое има пет години стаж на правни работи во државен орган со потврдени резултати во работата или кое во последната година е оценето со највисока позитивна оцена, согласно со закон и за судија на Вишиот управен суд може да биде избрано лице кое има работно искуство од најмалку три години непрекинат судиски стаж како судија во Управниот суд до моментот на пријавувањето за избор и кое во последната година од страна на Судскиот совет на Република Македонија е оценето со највисока позитивна оцена и во однос на другите пријавени лица има добиено најголем број бодови, согласно со закон или лице кое има шест години стаж на правни работи во државен орган со потврдени резултати во работата или кое во последната година е оценето со највисока позитивна оцена, согласно со закон.

5.Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот на Република Македонија владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.

Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во членот 23 од Уставот, е утврдено дека секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Согласно членот 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно Амандманот XXV со кој се заменува членот 98 од Уставот, судската власт ја вршат судовите, кои се самостојни и независни и судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Забранети се вонредни судови.
Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според член 99 став 1 од Уставот, судијата се избира без ограничување на траењето на мандатот.

Со одредбите од Законот за судовите е определено дека судската власт ја вршат судовите во Република Македонија кои се самостојни и независни државни органи.

Според членот 22 од Законот, во судскиот систем судската власт ја вршат основните судови, апелационите судови, Управниот суд, Вишиот управен суд и Врховниот суд на Република Македонија.

Во делот III од Законот, кој се однесува на „Судии и судии поротници“, со членот 38 став 1 е уредено дека судиската функција ја вршат судии. Судијата се избира без ограничување на траење на мандатот.

Според Член 43 од Законот, при изборот на судии и судии – поротници не смее да се врши дискриминација во однос на полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. При изборот на судии и судии-поротници без да се нарушат критериумите пропишани со закон, ќе се обезбеди соодветна и правична застапеност на граѓаните што припаѓаат на сите заедници. За судија или судија-поротник не може да биде избрано лице кое со судијата или судијата-поротник во истиот суд е во сродство во права линија или во странична линија до трет степен или е негов брачен другар

Според членот 45 од Законот, за судија може да биде избрано лице кое ги исполнува следниве услови: да е државјанин на Република Македонија, активно да го владее македонскиот јазик, да е работоспособен и да има општа здравствена способност за што се вршат здравствени прегледи, дипломиран правник со завршено четиригодишно високо образование на правни студии со просек од најмалку осум или дипломиран правник со стекнати 300 кредити според Европскиот кредит-трансфер систем (ЕКТС), со просек од најмалку во секој во секој од двата циклуса на универзитетските студии, или нострифицирана диплома од правен факултет во странство за стекнати 300 кредити, да има положено правосуден испит во Република Македонија, активно да познава еден од официјалните јазици на Европската унија, од кои задолжително англискиот јазик, што се докажува со еден од следниве меѓународно признати сертификати: ТОЕФЕЛ (TOEFEL) најмалку 74 бода за електронско полагање преку компјутер, не постар од две години од денот на издавањето на сертификатот; ИЕЛТС (IELTS) – најмалку 6 бода, не постар од две години од денот на издавањето на сертификатот; ТОЛЕС (TOLES) најмалку високо ниво (higher level); ИЛЕК (ILEC) – положен со успех најмалку Б 2 (Б 2) и Кембриџ сертификат – најмалку Прв сертификат за англиски ФЦЕ – Б 2 ( First Certificate of English FCE – B 2), практична работа со компјутери и да ужива углед, да поседува интегритет за вршење на судиската функција и да поседува социјални способности за вршење на судиската функција, за што се спроведуваат тестови за интегритет и психолошки тестови.

Потребните видови на здравствените прегледи, формата и содржината на психолошкиот тест и тестот за интегритет, како и нивото на практичната работа со компјутери од ставот 1 алинеи 3, 7 и 8 на овој член ги уредува Судскиот совет на Република Македонија.

Според членот 45-а став 1 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/10) психолошкиот тест кој го спроведува Судскиот совет на Република Македонија има за цел по пат на проверка на социјалните способности да ги афирмира кандидатите за вршење на функцијата судија. Согласно ставот 2 од овој член тестот за интегритет кој го спроведува Судскиот совет на Република Македонија се заснова врз постојните етички и професионални кодекси за вршење на функцијата судија и има за цел проверка на етичките и моралните вредности на кандидатот за вршење на фунцијата судија и се состои од: тест кој се спроведува во писмена форма и анонимно, врз основа на стандардно утврдена листа на прашања и прибирање на податоци и информации за етичките и моралните вредности на кандидатот за вршење на функцијата судија, добиени на правно релевантен начин од 15 лица избрани по случаен избор од Судскиот совет на Република Македонија од листа на 50 предложени лица од кандидатот, со најмалку завршено четиригодишно средно образование кои го познаваат кандидатот најмалку три години и кои не можат да бидат роднини со кандидатот по крв во права и странична линија до четврти степен, посвоителот и посвоеникот и роднини по сватовство до втор степен.

Според ставот 3 од овој член Судскиот совет на Република Македонија е должен при спроведувањето на психолошкиот тест и тестот за интегритет, да води сметка за заштита на личните податоци, угледот и достоинството на кандидатот, согласно со закон.

Според ставот 4 од овој член, за спроведувањето на психолошкиот тест и првиот дел на тестот за интегритет Судскиот совет на Република Македонија ангажира стручни лица од независна и целосно акредитирана професионална институција.

Според ставот 5 од овој член, психолошкиот тест се спроведува врз основа на меѓународно признати психолошки тестови за вршењето на функцијата судија кои се применуваат во најмалку една од земјите членки на Европската унија и ОЕЦД-Организација за економска соработка и развој.

Според членот 46 став 1 од Законот, посебни услови за избор на судија во основен суд, апелационен суд и во Врховниот суд на Република Македонија се:за судија на основен суд може да биде избрано лице кое ја завршило почетната обука во Академијата за судии и јавни обвинители; за судија на апелационен суд може да биде избрано лице кое има работно искуство од најмалку четири години непрекинат судиски стаж како судија во основен суд до моментот на пријавувањето за избор, кое во последната година од страна на Судскиот совет на Република Македонија е оценето со највисока позитивна оцена и во однос на другите пријавени лица има добиено најголем број бодови, согласно со закон, или судија во Управниот суд или Вишиот управен суд кој во последната година од страна на Судскиот совет на Република Македонија е оценет со највисока позитивна оцена и во однос на другите пријавени лица има добиено најголем број бодови, согласно со закон и за судија на Врховниот суд на Република Македонија, може да биде избрано лице кое има работно искуство од најмалку шест години непрекинат судиски стаж како судија во апелационен суд до моментот на пријавувањето за избор и кое во последната година од страна на Судскиот совет на Република Македонија е оценето со највисока позитивна оцена и во однос на другите пријавени лица има добиено најголем број бодови, согласно со закон или судија во Управниот суд или Вишиот управен суд кој во последната година од страна на Судскиот совет на Република Македонија е оценет со највисока позитивна оцена и во однос на другите пријавени лица има добиено најголем број бодови, согласно со закон.

Според членот 46 став 2 алинеја 1 од од Законот, посебни услови за избор на судија во Управниот суд се: за судија на Управниот суд може да биде избрано лице кое има работно искуство од најмалку четири години непрекинат судиски стаж како судија во основен суд до моментот на пријавувањето за избор и кое во последната година од страна на Судскиот совет на Република Македонија е оценето со највисока позитивна оцена и во однос на другите пријавени лица има добиено најголем број бодови, согласно со закон или лице кое има пет години стаж на правни работи во државен орган со потврдени резултати во работата или кое во последната година е оценето со највисока позитивна оцена, согласно со закон.

Според оспорениот член 46 став 2 алинеја 2 од Законот, посебни услови за избор на судија во Вишиот управен суд се: за судија на Вишиот управен суд може да биде избрано лице кое има работно искуство од најмалку три години непрекинат судиски стаж како судија во Управниот суд до моментот на пријавувањето за избор и кое во последната година од страна на Судскиот совет на Република Македонија е оценето со највисока позитивна оцена и во однос на другите пријавени лица има добиено најголем број бодови, согласно со закон или лице кое има шест години стаж на правни работи во државен орган со потврдени резултати во работата или кое во последната година е оценето со највисока позитивна оцена, согласно со закон.

Од анализата на оспорена одредба од членот 46 од Законот, произлегува дека законодавецот пропишал посебни услови за избор на судија во основен, апелационен, Врховниот суд на Република Македонија, Управниот суд и Вишиот управен суд.

При уставносудската анализа на оспорената одредба од членот 46 од Законот го имавме предвид ставот на Судот по предметот У.бр.11/2011, каде Судот ја запрел постапка за оценување на уставноста на членот 46 став 2 алинеја 2 од законот. Имено, Судот изрази сомнение дека со оспорената законска одредба, се ставени во привилегирана положба лицата кои вршат судска функција во Управниот суд во однос на лицата кои вршат судска функција во останатите судови, по однос достапноста за избор на конкретната судска функција за кое подеднакво ги исполнуваат сите претходни услови, спротивно на уставните начела за еднаквост и достапност на секое работно место, односно функција. На одржаната седница на 4 мај 2011 година, Судот не го изгласа предлогот за поништување на оспорената одредба од Законот, а при повторното гласање, Судот не го изгласа ниту предлогот за нејзино укинување, поради што Судот одлучи да ја запре постапката по овој предмет.

Тргнувајќи од анализата на целината на оспорената одредба, Судoт во конкретниот случај не донесе интервентна одлука за оспорениот член 46 од овој закон, во кој се наведени посебните услови предвидени за избор на судија, бидејќи оцени дека законодавецот пропишувајќи ги општите и посебните услови за избор на судии определил дека истите мора да ги исполнува секој кој аплицира за избор на судија, односно условите се однесуваат за секого еднакво. За избор на судија во основен суд може да биде избрано лице кое има завршена почетна обука во Академија на судии и јавни обвинители, а за избор во суд од повисока инстанца секој кандидат мора да има непрекинат судиски стаж од точно определен број на години и постигнат квантитет и квалитет во работата.

Поради гореизнесеното, Судот смета дека во конкретниот случај, основано не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од членот 46 од Законот со одредбите од член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 9, член 23 и член 32 став 1 и 2, член 51 и амандман 25 од Уставот. Исто така, цениме дека не се настапени предвидените услови за примена на одредбите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд, за донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија, преземени врз основа на оспорената одредба од Законот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точкaта 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумовски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.224/2010
29 ноември 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски