У.бр.224/2006-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 јануари 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за определување на опрема, материјали и услуги од одбранбен и безбедносен карактер („Службен весник на Република Македонија“ број 34/1998, 5/1999, 80/1999 и 64/2003), донесена од Владата на Република Македонија.

2. Љубен Пауновски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Со иницијативата не се дадени причините за оспорување на уставноста и законитоста на Одлуката.

3. Согласно членот 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со иницијативата се оспорува уставноста и законитоста на Одлуката за определување на опрема, материјали и услуги од одбранбен и безбедносен карактер („Службен весник на Република Македонија“ бр.34/1998, 5/1999, 80/1999 и 64/2003), донесена од Владата на Република Македонија врз основа на Законот за јавни набавки кој важеше во време на донесувањето на оваа одлука.

Меѓутоа, врз основа на одредби од сега важечкиот Закон за јавни набавки („Службен весник на Република Македонија“ бр.19/2004 и 109/2005), Владата на Република Македонија донела нова Одлука за определување на опрема, стоки и услуги од одбранбен и безбедносен карактер („Службен весник на Република Македонија“ бр.69/2004) и со точката 3 од оваа одлука престанала да важи оспорената одлука.

Со оглед на тоа што оспорената одлука не е во правниот поредок и со иницијативата без наведени причини и аргументи се оспорува уставноста и законитоста на оваа одлука која престанала да важи, Судот оцени дека врз основа на наведените уставни и деловнички одредби се исполнети условите за отфрлање на иницијативата.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и   д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.224/2006-1
24 јануари 2007 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи