У.бр.22/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 28 септември 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 72 од Законот за спречување на корупцијата („Службен весник на Република Македонија“ бр.28/2002, 46/2004, 126/2006, 10/2008, 161/2008, 145/2010, 97/2015 и 148/2015).

2. Игорчо Точев од Кочани, Љубица Стојковска Перковска од Скопје и Лепосава Веноска од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 72 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителите на иницијативата спорениот член не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, според кој владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, како и со членот 51 од Уставот.

Ова од причина што оспорениот член 72 од Законот за спречување на корупцијата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 28/2002) во неговата основна форма не е менуван и ако со измените на Законот за изменување и дополнување на Законот за спречување на корупцијата ( “Службен весник на Република Македонија“ бр.97/2015 и 148/2015) членот 33 ставот 4 кој е дел од содржината на оспорениот член 72 од Законот претрпел измена.

Со оглед на тоа што членот 33 од Законот за спречување на корупцијата содржи само три става во себе останува беспредметно повикувањето на ставот 4 од член 33 предвидено со член 72 од Законот.

Според подносителите на иницијативата владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок, подразбира дека во правниот поредок треба да егзистираат само јасни, прецизни и недвосмислени норми. Во случај кога оспорениот член во себе содржи некакво повикување, упатување на друга норма таа неминовно мора да е дел од правниот поредок за да тоа уредување претставува една логична, правна функционална целина.

Подносителите сметаат дека тоа не е случај со оспорената одредба од член 72 од Законот за спречување на корупцијата, поради што истата не е во согласност со принципот на владеење со правото.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 72 е поместен во делот „Преодни и завршни одредби“ поднасловот „Донесување на потребните акти“ и во истиот е предвидено дека: „Владата на Република Македонија актот за содржината и формата од член 33 став 4 на овој закон ќе го донесе најдоцна во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон“.

Во членот 33 од Законот, на кој упатува оспорениот член 72 било предвидено дека:

(1) Избран или именуван функционер, службено лице и одговорно лице во јавно претпријатие и друго правно лице што располага со државен капитал при изборот, односно по стапувањето на должност, а најдоцна во рок од 30 дена, пополнува анкетен лист со детален попис на недвижен имот, подвижни предмети од поголема вредност, хартии од вредност и побарувања и долгови, како и друг имот што е во негова сопственост или во сопственост на членовите на неговото семејство.
(2) При изборот, односно по стапувањето на должност, а најдоцна во рок од 30 дена, лицето од став 1 на овој член депонира и заверена изјава кај нотар за откажување од заштита на банкарска тајна во однос на сите сметки во домашни и странски банки.
(3) Анкетниот лист и изјавата се доставуваат до Државната комисија и Управата за јавни приходи.
(4) Содржината и формата на анкетниот лист ги утврдува со свој акт Владата на Република Македонија.

Законот за спречување на корупција повеќе пати е изменуван и дополнуван, односно изменуван е членот 33 од Законот,при што законодавецот при измената на наведениот член не го менувал оспорениот член 72 од Законот, или поточно речено измените на членот 33 од Законот доследно не биле инкорпорирани во членот 72.

Со последните измени и дополнувања на Законот за спречување на корупцијата (“Службен весник на Република Македонија бр.97/2015), член 33 ставот (3) се брише, а ставот (4) станува став (3).

Со вака направената измена од Законот,членот 33 ја има следната содржина:

(1) Избран или именуван функционер, одговорно лице во јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице кое располага со државен капитал, при изборот или именувањето, а најдоцна во рок од 30 дена од денот на изборот или именувањето, пополнува анкетен лист со детален попис на недвижен имот, подвижни предмети од поголема вредност, хартии од вредност и побарувања и долгови, како и друг имот што е во негова сопственост, или сопственост на членовите на неговото семејство, со наведување на основот на стекнување на пријавениот имот и депонира заверена изјава од нотар за откажување од заштита на банкарска тајна во однос на сите сметки во домашни и странски банки, како и изјава за согласност за јавно објавување на податоците за имотната состојба од анкетниот лист.
(2) Лицето од ставот (1) на овој член има обврска да пополни анкетен лист во рок од 30 дена по престанувањето на функцијата.
(3) Лицето од ставот (1) на овој член, анкетните листови од ставовите (1) и (2) на овој член и изјавата од ставот (1) на овој член ги доставува до Државната комисија и Управата за јавни приходи.

Имајќи ја предвид направената анализа,произлегува дека содржината на членот 33 став 4 на кој упатува оспорениот член 72 од Законот е променета, односно ставот 4 нумерички станал став 3, а неговата содржина останала непроменета.

4.Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Тргнувајќи од наводите содржината на иницијативата која во суштина се сведува на тоа Уставниот суд да се впушти во постапување, односно оценување на уставноста со цел да се изврши корекција на оспорениот член 72 од Законот за спречување на корупцијата поради неусогласеност со друга одредба од истиот закон, кое е во надлежност на законодавецот, а кое нешто законодавецот не го сторил.

Имајќи ја предвид надлежноста на Уставниот суд да ја оценува согласноста на законите со Уставот како и уставно-судската практика од која јасно произлегува дека Уставниот суд ги отфрлал како ненадлежен иницијативите за оценка на меѓусебната согласност на одредби од ист закон, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата врз основа на член 28 став 1 од Деловникот на Уставниот суд.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.22/2016
28.09.2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Издвоено мислење по предметот У.бр.22/2016