У.бр.22/2014

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 28 мај 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Делот X став 1 од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2013 година, бр.41-10106/1-12, донесена од Владата на Република Македонија на 9 јануари 2013 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2013).

2. Димче Николов од с.Чифлик, општина Чешиново-Облешево, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Програмата означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, предвидувањето во оспорената одредба од Програмата земјоделските стопанства кои бараат финансиска поддршка да мораат да ги имаат намирено сите финансиски обврски за воден надомест, врз основа на евиденцијата која се води во водостопанските претпријатија вклучително и евиденцијата на должници од регистрирани водни заедници на територијата на водостопанските претпријатија, значело дека јавните претпријатија кои се во државна сопственост и водните заедници кои стопанисуваат со водата се доведуваат во поповолна положба во однос на другите правни субјекти кои се земјоделски производители со оглед дека на јавните претпријатија им се овозможувало на полесен начин да го наплатат побарувањето отколку другите земјоделски производители, па таквата одредба од Програмата не била во согласност со владеењето на правото и со слободата на пазарот и претприемништвото утврдени во член 8 став 1 алинеја 3 и член 55 од Уставот.

Со иницијативата се бара, доколку Уставниот суд има надлежност да одлучува за уставноста на оспорената одредба од Програмата, да оцени дали има повреда на Уставот и ако има, да го укине тој дел од Програмата.

3. Судот на седницата утврди дека правна основа за донесување на Програмата е, пред се, Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2013 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.171/12), како и Законот за земјоделство и рурален развој („Службен весник на Република Македонија“ бр.49/10, 53/11 и 126/12), Законот за тутун и тутунски производи („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/06, 88/08, 31/10, 36/11 и 53/11), Законот за вино („Службен весник на Република Македонија“ бр.50/10, 53/11 и 6/12) и Законот за сточарството („Службен весник на Република Македонија“ бр.7/08 и 116/10).

Во Делот I од Програмата се определува дека „средствата за финансиска поддршка во земјоделството за 2013 година во вкупен износ од 6.885.500.000,00 денари, обезбедени согласно Буџетот на Република Македонија за 2013 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.167/12) раздел 14004 програма 2 потпрограма 20 ставка 464 разни трансфери ќе се користат според следните мерки: 1. Директни плаќања за растително производство; 2. Директни плаќања за сточарско производство; 3. Помош за премии за осигурување; 4. Помош за заштита на земјоделското земјиште; 5. Помош за одделни категории носители на земјоделско стопанство; 6. Помош во сточарскиот сектор; 7.Материјални трошоци за спроведување на Програмата; 8. Пренесени обврски од Програмите за финансиска поддршка во земјоделството од претходните години.“

Во оспорениот став 1 на Дел X од Програмата се определува дека „корисници на директни плаќања од Делот I мерки 1, 2, 3, 4 и 5 на оваа програма се земјоделски стопанства кои ги имаат намирено сите финансиски обврски кон Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство кои произлегуваат од: склучени договори за користење државно земјоделско земјиште и склучени договори за набавка на механизација, намирени сите финансиски обврски кон Јавното претпријатие за стопанисување со пасишта кои произлегуваат од склучени договори за користење на државни пасишта и намирено сите финансиски обврски за воден надомест врз основа на евиденцијата која се води во водостопанските претпријатија вклучително и евиденцијата на должници од регистрирани водни заедници на територијата на водостопанските претпријатија а која е доставена до Управата за водостопанство од страна на водостопанските претпријатија најдоцна до 30.04.2013 година.“

4.Според член 91 алинеја 1 од Уставот, „Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување.“

Во член 4 од Законот за водостопанството се определува дека дејностите од областа на водостопанството се дејности од јавен интерес.

Во член 1 од Законот за пасиштата се пропишува дека работите на управување, стопанисување и користење на пасиштата се дејности од јавен интерес.

Според член 14 став 1 од Законот за земјоделство и рурален развој („Службен весник на Република Македонија“ бр.49/10, 53/11, 126/12, 15/13 и 69/13) „право на користење на средствата согласно со овој закон имаат земјоделски стопанства запишани во регистарот од член 15 на овој закон и други корисници и земјоделски задруги регистрирани согласно со Законот за земјоделски задруги под услови и на начин пропишани со овој закон.“

Според член 14-а од наведениот закон, „корисниците на средства од член 14 став 1 од овој закон треба да ги имаат намирено и финансиските обврски кон Јавното претпријатие за стопанисување со пасишта кои произлегуваат од склучените договори за користење на државните пасишта и намирено сите финансиски обврски за воден надоместок врз основа на евиденцијата на должници од регистарот на водните заедници на територијата на водостопанските претпријатија, за претходната година во однос на годината во која ќе може да го остваруваат правото на користење на средствата.“

Според член 2 став 1 од Законот за дополнување на Законот за земјоделство и рурален развој („Службен весник на Република Македонија“ бр.69/13), „правото на користење на средствата од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2013 година може да имаат и корисници кои до денот на влегувањето во сила на овој закон ги немаат намирено обврските согласно со членот 14-а од овој закон за 2011 година, а ќе ги намират најдоцна до 30 октомври 2013 година и ќе достават барање за користење на средства до Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.“

Од изнесените уставни и законски одредби произлегува дека дејностите од областа на водостопанството, како и работите на управување, стопанисување и користење на пасиштата, се дејности од јавен интерес и, како такви, извршувањето на тие дејности и работи, согласно Уставот на Република Македонија, се регулирани со Законот за водостопанството и Законот за пасиштата, но и со други закони како што е Законот за земјоделство и рурален развој и подзаконските акти донесени врз основа на Законот, поради што Судот оцени дека оспорената одредба од Програмата има основа во наведените уставни и законски одредби и не ја загрозува слободата на пазарот и претприемништвото, ниту ја нарушува еднаквоста на субјектите на пазарот, туку со таквата одредба од Програмата Владата на Република Македонија обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот преку пропишување на правни механизми за поефикасна наплата на побарувањата на сите субјекти на пазарот.

5.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.22/2014
28 мај 2014 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Издвоено мислење по предметот У.бр.22/2014