У.бр.220/2011

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 јуни 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за содржината и начинот на остварувањето на правата и обврските од задолжителното здравствено осигурување („Службен весник на Република Македонија“ број 105/2011, 115/2011, 144/2011, 181/2011, 5/2012 и 29/2012).

2. Стамен Филипов од Скопје и Фани Михајловска, адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативите,содржината на остварувањето на правата и обврските од задолжителното здравствено осигурување можелa да се уредува само со Законот за здравствено осигурување и со колективан договор, а не како во случајов, со Правилник кој е подзаконски акт. Воедно, Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување не бил овластен со закон да донесе правилник каков што бил насловен оспорениот Правилник.

Според член 34 од Уставот, граѓаните имале право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор, а согласно член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижела за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност. Според членот 39 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантирало правото на здравствена заштита, а граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

Од изнесените уставни одредби произлегувало дека недопуштено било со општи акти на Фондот да се уредуваат правата и обврските од здравственото осигурување,како дел од социјалното осигурување.

Оспорениот Правилник бил несогласен со Уставот поради тоа што без законски основ навлегол во уредувањето на прашања кои се законска материја, и тоа во однос на остварувањето на правата од примарната и специјалистичко консултативна здравствена заштита, остварувањето на дијализа во домашни услови, остварувањето на права од болничка здравствена заштита, остварувањето на право од медицинска рехабилитација и остварувањето на права на парични надоместоци. Имено, ова биле права кои исклучиво можеле да се уредуваат со закон а не со подзаконски акти на Фондот.

Оспорениот Правилник не бил во согласност со Законот за здравствено осигурување,според кој задолжителното здравствено осигурување се установува за сите граѓани на Република Македонија заради обезбедување на здравствени услуги и парични надоместоци врз начелата на сеопфатност, солидарност,еднаквост и ефективно користење на средствата под услови утврдени со овој закон,а не под услови со оспорениот Правилник.

Поради наведените причини со иницијативите се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот Правилник.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорениот Правилник, во согласност со Законот за здравствено осигурување, поблиску се уредувала содржината и начинот на остварување на правата и обврските од задолжителното здравствено осигурување на осигурените лица на Фондот за здравствено осигурување на Македонија.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија , Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 алинеа 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Фондот за здравствено осигурување на Македонија, донел Правилник за содржината и начинот на остварувањето на правата и обврските од задолжителното здравствено осигурување, број 02-3855/8 од 5 март 2012 година (“Службен весник на Република Македонија“ број 54/2012), со кој во членот 97 утврдил дека со денот на влегувањето во сила на овој правилник престанува да важи Правилникот за содржината и начинот на остварување на правата и обврските од задолжителното здравствено осигурување (“Службен весник на Република Македонија“ број 105/2011, 115/2011, 144/2011, 181/2011, 5/2012 и 29/2012).

Со оглед на тоа што со влегувањето во сила на новиот Правилник престанал да важи Правилникот кој се оспорува со предметната иницијатива и тој веќе не е во правниот поредок, Судот оцени дека се настапени деловнички претпоставки за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати и д-р Гзиме Старова.

У.бр.220/2011
20 јуни 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски