У.бр.218/2010-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 9 ноемвври 2011 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА членот 4 став 3 во делот: „или врз основа на склучен договор со надоместок кој е приход на Буџетот на Република Македонија“, од Законот за Управата за јавни приходи („Службен весник на Република Македонија“ бр.81/2005, 81/2008, 105/2009 и 145/2010) и членот 5 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Управата за јавни приходи („Службен весник на Република Македонија“ бр.145/2010).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата на Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.218/2010 од 2 и 23 март 2011 година поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од законите означени во точката 1 од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека во членот 4 став 3 од Законот за Управата за јавни приходи е предвидено Управата за јавни приходи покрај работите од ставовите 1 и 2 на овој член врши и работи што се однесуваат на утврдување и наплата на други јавни давачки, доколку тие работи и се доверени со закон или врз основа на склучен договор, со надоместок кој е приход на Буџетот на Република Македонија.

Според членот 5 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Управата за јавни приходи („Службен весник на Република Македонија“ бр.145/2010), одредбата од членот 1 став 2 на овој закон со кој се дополнува членот 4 со два нови ставови 4 и 5 од Законот за Управата за јавни приходи („Службен весник на Република Македонија“ бр.81/2005, 81/2008 и 105/2009), ќе започне да се применува од 1 ноември 2010 година.

5. Согласно членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со членот 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување.

Според членот 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според членот 52 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување. Законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок, што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето. Законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Законодавецот во Законот за Управата за јавни приходи, со измените во 2010 година предвидел ново законско решение, а тоа е дека извршувањето во однос на наплата на паричните казни, односно глобите и трошоците изречени во парничните, прекршочните, кривичните и управните постапки во корист на Република Македонија, не се спроведува преку извршители согласно Законот за извршување. Паричните износи по тие основи утврдени со извршните акти на судските и управните органи, кои се во корист на Република Македонија, државата ќе си ги наплатува преку Управата за јавни приходи. Од друга страна, паричните износи по сите правни основи утврдени со извршните акти на судските и управните органи, кои се во корист, не на Република Македонија, туку на другите субјекти во правото (физички и правни лица), тие лица ги наплатуваат преку извршители согласно Законот за извршување. Со одредбите од Законот за извршување се уредни правилата според кои само извршителите постапуваат заради присилно извршување на извршни одлуки на надлежни органи наведени во Законот и правилата од Законот за извршување ги спроведуваат извршителите, а не Управата за јавни приходи.

Според Судот, Управата за јавни приходи е даночен орган на државата, кој постапува согласно Законот за даночната постапка и Законот за упрвата за јавни приходи. Во тие рамки законодавецот го определил делокругот и надлежностите на Управата, меѓу кои и наплатата на данок и другите јавни давачки и споредни даночни давачки кои ги управува Управата за јавни приходи. Со Законот за даночната постапка детално е регулирана постапката на присилната наплата по даночните управни акти и присилната наплата е во надлежност на Управата за јавни приходи. Во правниот поредок, присилната наплата на данокот, другите јавни давачки и споредни даночни давачки кои ги управува Управата за јавни приходи е посебна законска материја, уредена со посебен закон.

Според Судот, неспорно е дека паричните казни, односно глобите и трошоците изречени во парничните, прекршочните, кривичните и управните постапки, во корист на Република Македонија, се во однос на присилната наплата, ново законско овластување на Управата за јавни приходи, да го управува и спроведува, преку одредбите од Законот за даночната постапка, кои се однесуваат за присилната наплата, така што не станува збор за отсуство на законска регулатива за извршување на овие средства во корист на Република Македонија, надвор од Законот за извршување. Меѓутоа, и покрај фактот што статусот на должник кон државата, за исплата на паричните износи од наведените постапки во корист на Република Македонија, не се менува и останува ист без оглед како присилната наплата односно присилно извршување ќе се спроведе, па затоа со наведените законски измени, тоа преминува да биде предмет на други законски правила и друг орган, надвор од Законот за извршување и лицата извршители. Имено, неспорна е интенцијата на законодавецот, присилната наплата во определените димензии, односно за паричните казни, односно глоби и трошоците изречени во парничните, прекршочните, кривичните и управните постапки, кои се во корист на Република Македонија, да се добие економичност и ефикасност со доверување на управување и извршување на присилната наплата од страна на Управата за јавни приходи, која веќе има законски механизам на присилна наплата на даноците и други јавни давачки и споредни даночни давачки.

Поаѓајќи од тоа дека со досегашното паралелно постоење на законските решенија на уредување на присилната наплата преку извршители и преку Управата за јавни приходи не се нарушувал системот на извршување и наплата на паричните износи од должниците, Судот оцени дека и во случајов со проширување на овластувањата на Управата за јавни приходи, не може уставно да се проблематизира законското решение, освен во делот од членот 4 став 3 „или врз основа на склучен договор со надоместок кој е приход на Буџетот на Република Македонија“ од Законот за Управата за јавни приходи и членот 5 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавни приходи.

Ова поради тоа што членот 4 став 3 во делот „или врз основа на склучен договор со надоместок кој е приход на Буџетот на Република Македонија“ од Законот, нема уставна оправданост бидејќи надлежноста на Управата за утврдување и наплата на конкретна јавна давачка може да биде предмет на регулирање само со закон, а не со договор, односно надлежноста на Управата која секако има јавно правен карактер е законска материја со која се регулираат односите на правата и обврските во вршењето на таа надлежност па затоа не може да биде препуштена на договорен однос без надлежност конкретно пропишана со закон. Со оглед на тоа што одредбата од членот 4 став 3 во наведениот дел допушта на договорна основа, без законска регулатива, да се определува надлежност на Управата за јавни приходи за утврдување и наплата на други јавни давачки, Судот утврди дека тоа е спротивно на членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, според кој владеењето на правото во кое е инкорпорирана правната сигурност на граѓаните, е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија. Оспорениот дел од одредбата не е во согласност и со членот 33 од Уставот, според кој секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

6. Судот, исто така, утврди дека Законот за изменување и дополнување на Законот за Управата за јавни приходи („Службен весник на Република Македонија“ бр.145/2010) е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ на 5 ноември 2010 година, а уредува во членот 5 став 2, дека ќе започне примената на ставовите 4 и 5 од членот 4 од Законот да биде од 1 ноември 2010 година, што неспорно е дека им дава повратно дејство на нормите, пред објавувањето и влегувањето во сила на Законот, спротивно на членот 52 од Уставот, имајќи предвид дека во случајов повратното дејство не е поповолно за граѓаните, а со тоа нема ниту уставна оправданост. Оттука, членот 5 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Управата за јавни приходи не е во согласност со членот 52 од Уставот.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.218/2010
9 ноември 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски