У.бр.216/2011

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеи 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 12 декември 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 98 став 8, член 127 ставови 1 и 5, член 136 став 1, член 277 став 1 и член 280 став 1 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија” бр.79/2005, 110/2008, 83/2009 и 116/2010).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 98 ставови 3, 4 и 5, член 101 став 1, член 125-а, член 126-а, член 137 став 2 и член 418 ставови 2 и 5 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Адвокат Зоран Петковиќ-Бакли и адвокат Гордана Каркалашева, двајцата од Скопје, адвокат Весел Јашари од Кичево и адвокат Оливер Т. Гашев од Велес до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијативи за поведување на постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот о значен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата поднесена од адвокатите Зоран Петковиќ – Бакли и Гордана Каркалашева-Трајковска, оспорените членови 98 став 8 и 101 став 1 од Законот биле спротивни на член 8 став 1 алинеи 3 и 10, член 9 став 1 и член 50 од Уставот, како и со член 6 од Европската конвенција за човекови права, како и со членови од Законот за судовите и компаративно со други членови од Законот за парничната постапка. Имено, со оспорените законски решенија се оневозможувало еднаков пристап пред судот во заштита на правата и право заснованите интереси на странките (граѓаните) во остварување на граѓанските права и обврски, како и користењето на своето со Устав загарантирано право на судска заштита.

Според иницијативата, оспорените одредби содржеле санкции поради неисполнување на процесната претпоставка (уреден и разбирлив поднесок) со што се санкционирале странките кои ги застапува адвокат или полномошник, за нивните тужбени барање да не биде мериторно одлучувано, со што истите биле ставени во нерамноправна положба со другите странки кои немаат полномошник, односно адвокат, што било спротивно на член 9 став 2 од Уставот. Ова од причини што полномошникот настапува во интерес, односно во или за сметка на странките и дека во постапката се работи за заштита на правата на странките и затоа не можело тужбеното барање да се отфрли поради неуредност или неразумност.

Оспорените одредби што се однесувале на доставувањето на писмената (член 125-а, лен 126-а став 2 и став 5, член 127 став 1 и 5, член 136 став 1 и член 137 став 2 од Законот) според иницијативата биле спротивни на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот односно на темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото. Предвидувањето начин на достава реално му оневозможувало на адресантот да се запознае со писменото, а со тоа фактички му била ускратена можноста да го искористи своето право на изразување (одговор) во постапката, бидејќи за него настапувале граѓанско-правни последици кои што Законот за парничната постапка ги предвидува во случај на доцнењето на процесните дејствија.

Според иницијативата, со оспорените членови 277 став 1 и 280 став 1 од Законот, се оневозможувало еднаков пристап пред судот во заштита на правата и интересите на странките (граѓаните) во остварување на своите права и обврски, како и се нарушувал принципот на контрадикторност на постапката, како едно од основните начини на судската постапка.

Оспорениот став 2 на членот 418 од Законот, според иницијативата, судот не бил во согласност со член 1 и 2 од Законот, а проблемот, пак, на правниот интерес, кој се бара во смисла на ставот 5 на член 418 од Законот, се сведувал на проблем на процесната легитимација за водење на конкретната парница. Постоењето на правниот интерес не било материјално правна претпоставка за усвојување на тужбеното барање. Воедно во Законот за парничната постапка не била предвидена никаква правна процедура за утврдување на правниот интерес, што било спротивно на основните начела на постапката – контрадикторност, усменост и непосредност.

Адвокат Весел Јашари од Кичево, во својата иницијатива го спори член 98 став 3 во делот: „доказ за лична идентификација” и став 5 од Законот, во кои се барало, меѓу другото поднесоците да содржат и единствен матичен број. Според иницијативата ваквите законски решенија не биле во согласност со член 18 став 1 од Уставот, како и со Законот за заштита на личните податоци.

Во иницијативата на адвокат Оливер Т. Гашев од Велес, се оспорува член 418 став 5 од Законот, бидејќи истата била во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Имено, примената на оспорената одредба не значела владеење на правото, бидејќи со отфрлање на тужбата не се постигнувала целта на барањето на правната заштита на граѓаните и се воведувала правна несигурност на граѓаните на Република Македонија.

Имено, според иницијативата, со примената на оспорената одредба била оневозможена можноста тужителот да има право на избор за заштита на своите права: дали ќе поднесе тужба за долг врз основа на веродостојна исправа до судот или пак до нотар ќе поднесе предлог за донесување на решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа.

Понатаму овој член од Законот се оспорува вис а вис член 51 и 98 од Уставот, како и другите членови од Законот за парничната постапка.

4. Судот на седницата утврди дека во член 98 од Законот е предвидено дека:

(1) Тужбата, одговорот на тужбата, правните лекови и другите изјави, предлози и соопштенија што се даваат надвор од расправата се поднесуваат писмено, или по електронски пат до приемното одделение на надлежниот суд (поднесоци).
(2) Поднесоците задолжително треба да содржат адвокатски печат, освен оние кои се составени од страна на полномошници определени во член 81 став (1) алинеи 2 и 3 од овој закон.
(3) Поднесоците мораат да бидат разбирливи и мораат да го содржат сето она што е потребно за да може да се постапи по нив. Тие особено треба да содржат: означување на судот, име и презиме поткрепени со доказ за лична идентификација, живеалиште, односно престојувалиште на странките, односно фирмата и седиштето на правното лице запишани во Централниот регистар на Република Македонија или друг регистар поткрепени со доказ од соодветниот регистар, нивните законски застапници и полномошници, ако ги имаат, предмет на спорот, вредноста на спорот, содржина на изјавата и потпис на подносителот, односно електронски потпис, е-меил адреса и контакт телефон.
(4) Поднесоците поднесени од адвокати, државен орган односно орган на државна управа, единици на локална самоуправа, правни лица и лица кои вршат јавни овластувања покрај податоците од ставот (3) на овој член треба да содржат и податоци за електронско сандаче за достава на писмената регистрирано согласно со закон.
(5) Странката во поднесокот е должна да го наведе својот единствен матичен број на граѓанинот, односно единствен матичен број на субјектот на уписот (ЕМБС) за правните лица.
(6) Ако изјавата содржи некое барање, странката треба во поднесокот да ги наведе фактите врз кои се заснова барањето, како и докази кога е тоа потребно.
(7) Изјавата што се дава со поднесокот може, наместо со поднесок, да се даде усно на записник кај парничниот суд.
(8) Поднесокот од адвокат задолжително содржи печат, односно електронски потпис од адвокатот и адвокатска маркичка предвидена со посебен закон, во спротивно поднесокот се смета за неуреден и судот ќе го отфрли. До донесување на посебен закон со кој се уредува адвокатската маркичка, поднесокот од адвокат задолжително треба да содржи печат, односно електронски потпис.

Според член 101 од Законот:

(1) Поднесоците кои се поднесени од полномошник, а кои се неразбирливи или не ги содржат податоците од член 98 ставовите 3, 4, 5 и 8 на овој закон или не се поднесени во доволен број примероци кога тие се поднесени во писмена форма, судот ќе ги отфрли.
(2) Ако поднесокот е неразбирлив или не го содржи сето она што е потребно за да може да се постапи по него, судот ќе му укаже на подносителот кој нема полномошник, да го исправи поднесокот.
(3) Кога судот ќе му го врати поднесокот на подносителот од став (2) на овој член заради исправка или дополнение, ќе определи рок за повторно поднесување на поднесокот кој не може да биде подолг од осум дена.
(4) Ако поднесокот што е врзан за рок биде исправен, односно дополнет и предаден на судот во рокот определен за дополнение или исправка, ќе се смета дека му е поднесен на судот оној ден кога прв пат бил поднесен.
(5) Ќе се смета дека поднесокот е повлечен ако не му биде вратен на судот во определениот рок, а ако биде вратен без исправка односно дополнение, ќе се отфрли.
(6) Ако поднесоците или прилозите во писмена форма не ги поднесе во доволен број примероци, судот ќе го повика подносителот од став (2) на овој член да ги поднесе во рок од три дена, а во спротивно поднесокот ќе го отфрли.

Во член 125-а од Законот, се предвидува дека доставувањето на писмената на адвокати, државни органи, односно органи на државната управа, единици на локална самоуправа, правни лица и на лицата на кои им се пренесени јавни овластувања, се врши по електронски пат во електронско сандаче.

Според член 126-а од Законот:

(1) Доставувањето по електронски пат се врши преку информатичкиот систем на судот на адресата на електронското сандаче на примателот на доставата.
(2) Доставата по електронски пат се смета за извршена на денот на приемот на писменото по електронски пат.
(3) Информатичкиот систем на судот истовремено со испраќање на писменото допримателот на доставата на неговата електронска адреса испраќа и известување дека од информатичкиот систем насудот е испратен писмен документ кој имателот на адресата мора да го преземе.          (4) Електронската пошта од електронското сандаче мора да биде преземена најдоцна осум дена од денот на нејзиното испраќање.
(5) Во известувањето од ставот (3) на овој член примателот на доставата се предупредува дека доколку електронската пошта не биде преземена од електронското сандаче во рокот предвиден со ставот (4) на овој член, доставувањето ќе се смета за извршено.
(6) Примателот на електронската пошта со својот електронски потпис го докажува својот идентитет, врши увид во своето електронско сандаче и електронски го потпишува писменот кое го упатува до судот, односно го потврдува приемот на електронската пошта.
(7) Доколку писменото кое се доставува по електронски пат содржи прилози за кои нема техничка можност да се достават електронски, судот во писменото кое го доставува ќе го извести примателот чие седиште, живеалиште или престојувалиште се наоѓа во седиштето на судот дека прилозите треба да ги подигне непосредно од судот во рок од три дена од денот на известувањето, а доколку во тој рок не ги подигне, се смета дека прилозите се доставени.
(8) Доставата на прилозите предвидени во ставот (7) на овој член до примателот чие седиште, живеалиште или престојувалиште е надвор од седиштето на судот, се врши на еден од начините определени во членот 125 став (1) на овој закон.

Членот 127 од Законот, предвидува дека:

(1) Во случај кога не постојат технички услови за достава во електронско сандаче на субјектите утврдени во член 98 став (3) од овој закон, доставувањето се врши со предавање на писмената на лицето овластено за примање на писмена или на работникот кој ќе се затече во канцеларијата, односно во деловната просторија.
(2) Достава на правното лице може да се изврши и преку неговата деловна единица ако спорот произлегува од правен однос на таа деловна единица.
(3) Кога писменото треба да се достави до државен орган, доставувањето се врши со предавање на писменото во неговата писарница. Како ден на доставување се смета денот на предавањето на писменото во писарницата.
(4) Писмената кои се доставуваат преку поштенски фах не смеат да бидат достапни на лицата на кои им се доставуваат пред да ја потпишат доставницата. Писмената се доставуваат во затворени пликови, кога доставувањето се врши преку пошта. При преземањето на писменото мора да се преземат сите писмена оставени во поштенскиот фах.
(5) На секое писмено кое се доставува на начинот определен во ставот (4) на овој член се назначува денот кога тоа е оставено во поштенскиот фах на лицето на кое доставувањето му се врши на тој начин. Ако писменото не биде подигнато во рок од осум дена од денот на оставањето на писменото во поштенскиот фах, се смета дека доставувањето е уредно извршено.

Согласно член 136 од овој закон:

(1) Ако лицето до кое писменото треба да се достави не се затече во својот стан, доставувањето се врши со предавање на писменото на некој од неговите полнолетни членови на домаќинството, кој е должен да го прими писменото.
(2) Ако доставувањето се врши на работното место на лицето до кое треба да се достави писменото, а тоа лице не се затече тука, доставувањето може да се изврши на лице кое работи на истото место, ако тоа се согласи да го прими писменото.
(3) Предавање на писменото на друго лице не е дозволено ако тоа учествува во постапката како противник на лицето до кое треба да се изврши доставувањето.
(4) Лицата кои согласно со одредбите од ставовите (1) и (2) на овој член им се доставува писменото наместо на лицето на кое писменото е упатено, должни се писменото да му го предадат на тоа лице.

Во член 137 од истиот закон:

(1) Тужба, платен налог, вонреден правен лек, пресуда, решение донесено во постапка поради смеќавање на владение, како и решение против кое е дозволена посебна жалба, ќе се достават лично до странката која е физичко лице, односно до нејзиниот законски застапник, односно полномошник. Другите писмена ќе се достават лично кога тоа со овој закон изрично е определено или кога судот смета дека поради приложените исправи во оригинали или од некоја друга причина е потребна поголема претпазливост.
(2) Писменото за кое со овој закон е определено дека треба лично да се достави, му се предава непосредно на лицето на кое му е испратено. Ако лицето на кое писменото мора лично да му се достави, не се затече таму каде што треба да се изврши доставувањето, писменото ќе му се испрати препорачано по пошта. Ако писменото не биде подигнато во рок од осум дена од денот на известувањето дека писменото треба да го подигне, ќе се смета дека достава е уредно извршена.
(3) Ако писменото од ставот (1) на овој член треба да се достави до државни органи и до правни лица, доставувањето се врши согласно со одредбите на членот 127 од овој закон.

Според член 277 од Законот:

(1) Ако на подготвителното рочиште не дојде тужителот кој уредно е поканет, а изостанокот не го оправда, тужбата се смета за повлечена, ако со тоа се согласил тужениот, а ако тужениот не е присутен, тужбата ќе се смета за повлечена ако во рок од осум дена по приемот на известувањето за повлекувањето не се изјаснил дека на тоа се противи.
(2) Ако на подготвителното рочиште не дојде тужениот кој уредно е поканет и не го оправда своето отсуство, а не постојат услови за донесување на пресуда поради изостанок, судот ќе расправа со присутната странка.
(3) Ако на подготвителното рочиште која било од странките не дојде, а изостанокот го оправда, рочиштето ќе се одложи.

Член 280 од овој закон, предвидува:

(1) Ако на првото точиште за главна расправа, како и на некое подоцнежно рочиште не дојде тужителот кој уредно е поканет, а изостанокот не го оправдал, тужбата се смета за повлечена согласно со членот 277 став (1) од овој закон.
(2) Ако на првото рочиште за главна расправа не дојде тужениот, а изостанокот не го оправдал и нема услови за донесување на пресуда поради изостанок, како и кога на некое подоцнежно рочиште ќе изостане тужениот, расправата може да се одржи.

Според член 418 од Законот:

(1) Кога тужбеното барање се однесува на пристигнато побарување во пари, а тоа побарување се докажува со веродостојна исправа приложена кон тужбата во оригинал или во заверен препис, судот ќе му издаде налог на тужениот да го исполни тужбеното барање (платен налог).
(2) Кога побарувањето се однесува на пристигнато побарување во пари кое се докажува со веродостојна исправа, но должникот приговорил пред нотар во постапка за извршување врз основа на веродостојна исправа согласно со Законот за извршување, судот ќе издаде платен налог ако тужителот го сторил веројатно постоењето на правен интерес за издавање на платен налог.
(3) Како веродостојни исправи се сметаат особено:
1) јавни исправи,
2) приватни исправи на кои потписот на обврзникот гозаверил органот надлежен за заверување,
3) меници и чекови со протест и со повратни сметки ако тие се потребни за засновање на барање,
4) изводи од заверени деловни книги,
5) фактури и
6) исправи кои според посебни прописи имаат значење на јавни исправи.
(4) Судот ќе издаде платен налог иако тужителот во тужбата не предложил издавање на платен налог, а се исполнети сите услови за издавање платен налог.
(5) Ако тужителот не го стори веројатно постоењето на правниот интерес или не побарал од нотар да донесе решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа, судот ќе ја отфрли тужбата.

5. Темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, според член 8 став 1 алинеи 3 и 8 од Уставот, се владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во член 18 став 1 од Уставот е предвидено дека се гарантираат сигурноста и тајноста на личните податоци.

Според член 50 став 1 од Уставот, секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите.

Во член 51 од Уставот е предвидено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според Амандман XXI, со кој е заменет членот 15 од Уставот на Република Македонија, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд. Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или оррганизација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.

Законот за парничната постапка ги уредува правилата на постапката врз основа на кои судот расправа и одлучува во споровите за основните права и обврски на човекот и граѓанинот, за личните и семејните односи на граѓаните, како што работните, трговските, имотните и другите граѓанско-правни спорови, ако со закон за некои од тие спорови не е определено за нив судот да решава според правилата на некоја друга постапка.

Оспорениот член 98 од Законот е поместен во Глава VI од Законот, со наслов: „Поднесоци”.

Ставовите 3, 4 и 5 на членот 98 од Законот бил предмет на оценка на Уставниот суд, кој со Решенија У.бр.197/2011 и 109/2011 од 14 ноември 2012 година, не поведе постапка за оценување на уставноста на наведените ставови на оспорениот член 98 од Законот.

Во образложенијата на двете решенија Судот завзел став дека формулацијата конкретизирана во член 98 став 3 од Законот, според која писменото задолжително треба да содржи име и презиме на странките поткрепени со доказ за лична идентификација, во суштина значи обврска за подносителот на поднесокот, а не и обврска за обезбедување на ваков податок за спротивната странка, кој податок не е достапен до подносителот на поднесокот, поради што и не може да се бара од него. И покрај тоа што поимот „странките” е искажан во множина, според Судот треба и единствено може да се подразбере како обврска за секоја странка во постапката, која го доставува поднесокот и која располага со таквиот податок. Притоа, од Известувањето добиено од Претседателот на Основниот суд Скопје ИИ Скопје,Судот утврдил дека ваквата формулација очигледно предизвикала и одредени проблеми во примената на Законот и потреба за соодветни заклучоци од Апелационите судови за воедначена примена на оваа одредба, но Судот оцени дека сепак не станува збор за нејасна законска одредба во степен и обем кој би значел повреда на владеењето на правото, како што се наведува во иницијативите, што би водело кон поведување на постапка за оценување на нејзината уставност.

Во поткрепа на ваквиот став е и ставот 5 од истиот член 98 од Законот, според кој јасно стои дека странката во поднесокот е должна да го наведе својот единствен матичен број на граѓанинот, односно единствен матичен број на субјектот на уписот (ЕМБС) за правните лица. Тоа значи дека ваквиот податок е личен и единствено достапен само на подносителот на поднесокот, а не и на спротивната странка, во која смисла е јасно определена и обврската за негово доставување од подносителот на поднесокот.

Од наведеното произлегува дека податоците за лична идентификација на странката, вклучително и единствениот матичен број на граѓанинот, односно единствениот матичен број на субјектот на уписот за правни лица, законодавецот ги пропишал како задолжителен елемент на секој поднесок за да може судот непречено да постапува по него. Точната идентификација на странката е од значење од аспект на точно утврдување на субјектите кои имаат правна работа за која е иницирана судска постапка низ која треба таа да биде разрешена, како и од значење за согледување на нејзината процесна легитимација во конкретна судска постапка. Со оглед на тоа што парничната постапка е судска постапка која се води пред надлежните судови како независни и самостојни државни органи, тие со закон се овластени идентификацијата на субјектите кои со поднесоци се обраќаат до нив, да бараат да биде потврдена и со нивниот матичен број, што е само и единствено во интерес на постапката. Во таа смисла, заради заштита на ваквите податоци, законодавецот во член 10 став 1 од Законот за управување со движењето на предметите во судовите („Службен весник на Република Македонија“, бр.171 од 30.12.2010 година) пропишал дека овластениот судски службеник во рок од два дена од денот на приемот на правосилната судска одлука е должен да ја објави на веб страницата на судот со име и презиме на странките, односно називот на правното лице, при што се анонимизира адресата на живеалиште, односно престојувалиште или седиштето на странките, единствениот матичен број на граѓанинот или единствениот матичен број на субјектот на упис и личните податоци на сведоците во постапката. Според став 3 на истиот член, во случаите кога јавноста е исклучена согласно со Уставот на Република Македонија, законот и ратификуваните меѓународни договори, судските одлуки не се објавуваат на веб страницата на судот.

Оттука, според Судот, законската определба во поднесоците кои се доставуваат до суд, јасно и прецизно да биде определен идентитетот на странката, што вклучува и наведување на единствениот матичен број на граѓанинот, односно единствениот матичен број на субјектот на уписот (ЕМБС) за правни лица, единствено е за утврдување на идентификацијата на странката за потребите на постапката која се води пред суд, а законодавецот пропишал правила за заштита на сигурноста и тајноста на овие лични податоци дадени пред суд, поради што не можат да се прифатат како основани наводите во иницијативите дека член 98 став 3 во делот кој се однесува на обврската во поднесокот кој се доставува до судот да се наведе името и презимето поткрепени со доказ за лична идентификација, како и одредбата во став 5 на истиот член не биле во согласност со член 18 став 1 од Уставот.

Во Решението У.бр.109/2011 од 14 ноември 2012 година Судот се произнел по однос на став 4 од членот 98 од Законот во кое, меѓу другото се наведува: наводите во иницијативата, дека со член 98 став 4 се повредувале наведените уставни членови со тоа што определуваат адвокатите да имаат обврска во поднесоците да внесуваат и податоци за електронско сандаче за достава на писмена регистрирано согласно закон (став 4 на член 98), всушност значи Судот да го земе предвид знаењето на адвокатите да употребуваат компјутери, Интернет, … како и нивните примања, и таа состојба да ја подведе под наведените уставни одредби, што исто така не е надлежност на Уставниот суд.

Во однос, пак, на наводите во иницијативата дека минималните хигиено-технички услови на адвокатските канцеларии се утврдуваат со општ акт на Адвокатската комора на Република Македонија и Комората во својата работа е самостојна и независна, па законодавецот со означениот дел од член 98 став 4 навлегол во автономијата на Комората, Судот утврди дека електронското сандаче за достава на писмена регистрирано согласно закон може да биде и законска материја како дел од содржината на поднесоците или од доставата на писмената заради брзо и ефикасно постапување на судовите, за што законодавецот има уставна основа во Амандман XXV точка 1 став 4 на Уставот според кој видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон. Поради тоа, не може да се постави прашањето за согласноста на член 98 став 4, во наведениот дел, од Законот со уставните одредби.

По однос на наводите содржани во иницијативата за ставот 8 од член 98 од Законот, дека истиот не бил во согласност со Уставот на Република Македонија, Судот оцени дека Законот за парничната постапка во членот 98 содржи одредби кои пропишуваат кои елементи треба да содржи поднесок упатен до судот. Во таа насока, ставот (8) од истиот член, пропишува дека задолжителен елемент на секој поднесок е адвокатски печат, односно електронскиот потпис кога поднесокот се упатува по електронски пат, како и адвокатската маркичка, која се уште не е уредена со посебен закон. Со оглед на карактерот на адвокатурата како носител на права, обврски и овластувања како јавна служба да обезбедува правна помош, таа мора да ги почитува законските решенија. Оспорената одредба од законот, воедно обезбедува одредени стандарди во постапувањето на адвокатите, како услов поднесокот да се смета за уреден. На тие стандарди и барање за квалитет на поднесоците упатени до судот, во својство на полномошници на странките, е и одредбата од членот 101 став (1) од Законот (изменет и дополнет со членот 16 од Законот за изменување и дополнување на Законот за парничната постапка, („Службен весник на Република Македонија” бр.116/2010). Со оглед на тоа што станува збор за квалификувано лице за застапување пред суд, законот е категоричен во своето барање за поднесоците да одговорат на законските барања, а на тоа треба во прв ред да внимаваат полномошниците кои истите ги поднеле. При тоа, еднаков третман имаат сите видови на полномошници опфатени со членот 81 став (1) од законот.

Оспорените одредби по однос на член 101 став 1, член 125-а, член 126-а, член 137 став 2 и член 418 став 5 од Законот, веќе биле предмет на оценување на овој суд кој во наведените решенија се произнел дека истите не се во спротивност со Уставот, па во конкретнава иницијатива, според Судот не се наведени аргументи ко би биле од влијание за поинакво одлучување поради што во овој дел иницијативата треба да се отфрли во смисла на член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

Оспорените одредби 127 ставови 1 и 5, како и член 136 став 1 од Законот, се поместени во Главата Х со наслов: „Доставување на писмена и разгледување на списи“.

Според Судот предвидениот начин на достава на писмена регулира ситуација кога не постојат технички услови за достава во електронско сандаче на субјектите утврдени во членот 98 став 3 од овој закон. Имено, доставата со предавање на писмената на лицето овластено за примање на писмена или на работникот кој ќе се затекне во канцеларијата, односно во деловната просторија, според нас, само е рефлексија на начелото на економичност и ефикасност на постапката, а се со цел за побрзо и поекономично решавање на парничните спорови и како такво истото не е во спротивност со Уставот на Република Македонија.

Идентична е и ситуацијата во став 5 од членот 127, како и во член 137 став 2 од Законот. Имено, доставувањето на начините наведени во овие оспорени членови се во функција на воспоставување на соодветни законски механизми, што е во ингеренција на законодавецот, со кои ќе се обезбеди побрзо и поефикасно постапување со цел за разрешување на споровите за основните права и обврски на човекот и да се постигне правосилно разрешување во што е можно пократок временски период. На овој начин сметаме дека се обезбедуваат правните претпоставки за почитување на начелото на судење во разумен рок и правната сигурност на граѓаните.

Во Глава XIX од Законот со наслов: „Подготвување на главна расправа“ е содржан членот 277 во чиј став 1 е предвидено дека ако на подготвителното рочиште не дојде тужителот кој е уредно поканет, а изостанокот не го оправда, тужбата ќе се смета за повлечена, ако со тоа се согласил тужениот, а ако тужениот не е присутен, тужбата ќе се смета за повлечена ако во рок од осум дена по приемот за известувањето за повлекувањето не се изјаснил дека на тоа се противи. Членот 280 став 1, пак, е содржан во Глава XX со наслов: „Главна расправа”.

Од анализата на содржината на цитираните одредби, а во корелација со наводите во иницијативата, според Судот истите не се во спротивност со одредбите на Уставот на Република Македонија, на кој се алудира во иницијативата. Ова од причина што со оспорените законски решенија предвидени во член 277 став 1 и член 280 став 1 од Законот, не се крши основното начело на судската постапка – начелото на контрадикторност, бидејќи на странките им е дадена можност да се произнесат, како во фаза на подготвително рочиште, така и во фаза на рочиште за главна расправа, што значи истите се уредно поканети, не го оправдале своето отсуство, што значи дека дадена им е можноста да ги изнесуваат своите аргументи во главна, јавна и контрадикторна постапка, но по нивна вина и причина, не е испочитувано тоа начело, што е основ за повлекување на тужбата. Но, тоа не значи дека тужителот не може повторно да поднесе тужба и да си ги оствари својте права во повторна постапка, бидејќи повлечена е само тужбата, а тужбеното барање може да се обнови со нова тужба пред судот.

Оспорениот став 2 на членот 418 од Законот е поместен во Глава XXVIII со наслов: „Издавање писмен долг”.

Според член 417 од Законот, ако во оваа глава не постојат посебни одредби во постапката за издавање писмен налог ќе се применуваат другите одредби на овој закон.

Во членот 418 став 2 од Законот, кој е предмет на уставно судска анализа, во конкретниот случај се предвидува дека кога побарувањето се однесува на пристигнато побарување во пари, а тоа побарување се докажува со веродостојна исправа приложена кон тужбата во оригинал или заверен препис, судот ќе му издаде налог на тужениот да го исполни тужбеното барање (писмен налог).

Анализирајќи ја содржината на оспорениот став 2 од членот 418 од Законот, а во контекст на наводите во иницијативата поднесена од адвокатите Зоран Петковиќ и Гордана Каркалашева-Трајковска, сметаме дека истиот во смисла на деловничката одредба на член 28 алинеја 1 од Деловникот треба да се отфрли. Имено во иницијативата се оспорува ставот 2 на членот 418 од Законот вис а вис членовите 1 и 2 од Законот за парнична постапка, за што Судот нема надлежност во смисла на член 110 од Уставот, да цени меѓусебна согласност на одредбите од ист закон.

Од наведените причини Судот оцени дека иницијативата во овој дел по однос на член 418 став 2 од Законот, треба да се отфрли во смисла на член 28 алинеја 1 од Деловникот.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски. Решението по однос на член 136 став 1, член 277 став 1, член 98 ставови 3, 4 и 5, член 101 став 1, член 125-а, член 126-а и член 137 став 2 од Законот е донесено со мнозинство гласови.

У.бр.216/2011
12 декември 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски