У.бр.213/2004

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 септември 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 54 став 2 и член 55 став 2 од Законот за класифицирани информации (“Службен весник на Република Македонија” бр.9/2004).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата со оспорениот член 54 став 2 од Законот не само што не се давало образложение за причините за престанокот на важноста на безбедносниот сертификат, туку против таквото решение не била дадена можност незадоволното лице да поднесе жалба, како што тоа било сторено во членот 55 став 3 од овој закон. Значи, законодавецот за сосема слични ситуации, предвидел различни решенија, односно во случајот, го исклучил и уставно загарантираното право на жалба против решението за престанок на важноста на безбедносниот сертификат, со што се повредувал членот 8 став 1 алинеја 3, членовите 9, 15, 51 и 54 став 1 од Уставот на Република Македонија, односно правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен, можело да се ограничи само во случаи утврдени со Уставот, а не со закон, како што било во конкретниот случај.

Во иницијативата понатаму се наведува дека оспорената законска одредба не била во согласност и со членот 8 став 1 алинеја 3, членовите 9, 23, 32 став 1 и 2, 51 и 54 став 1 од Уставот на Република Македонија, односно со оспорената законска одредба се повредувала и еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, како и правото на учество во вршењето на јавни функции, односно правото на работа и достапноста на секое работно место.

Подносителот на иницијативата, исто така, смета дека и членот 55 став 2 од Законот за класифицирани информации со кој се предвидувал дека во решението од ставот 1 на овој член не се дава образложение за причините за одбивање на барањето за издавање на безбедносен сертификат, не е во согласност со напред наведените уставни одредби.

Имено, донесување на решение без образложение, претставувало суштествена повреда на правилата на постапката, кое задолжително повлекувало поништување на решението во жалбената постапка, односно во управен спор. Решението мора да биде образложено, смета подносителот на иницијативата особено кога барањето на странката се одбива или кога на странката и се налага некаква обврска. Без образложение на решението не било можно да се цени правилноста на утврдената фактичка состојба во жалбената постапка, а ниту законитоста на оспореното решение во управен спор.

Во иницијативата се наведува дека оспорените законски одредби овозможувале злоупотреба на дискреционото право на директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, на кој начин законски му било овозможено определени лица да ги дискриминира.

Поради изнесеното подносителот на иницијативата бара Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на законските одредби кои се оспоруваат.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 54 став 1 од Законот за класифицирани информации ако се утврди дека лицето не постапува со класифицираните информации согласно со овој закон или повеќе не е исполнет некој од условите врз основа на кои е издаден безбедносниот сертификат, директорот на Дирекцијата донесува решение за престанок на важењето на безбедносниот сертификат и пред истекот на неговата важност.

Во оспорениот став 2 на овој член од Законот е утврдено дека во решението од ставот 1 на овој член не се дава образложение за причините за престанок на важноста на безбедносниот сертификат.

Според член 55 став 1 директорот на Дирекцијата може да донесе решение за одбивање на барањето за издавање на безбедносниот сертификат ако не се исполнети условите од членовите 46, 47 и 48 на овој закон.

Според оспорениот став 2 од овој член во решението од ставот 1 на овој член не се дава образложение за причините за одбивање на барањето за издавање на безбедносен сертификат.

Според ставот 3 од овој член против решението од ставот 1 на овој член лицето чие барање е одбиено може да поднесе жалба до надлежната второстепена комисија на Владата.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Согласно член 9 од Уставот граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.

Во ставот 2 од овој член од Уставот е утврдено дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според членот 15 од Уставот, се гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања.

Според членот 23 од Уставот на Република Македонија секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, а според ставот 2 од овој член секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Според наводите во иницијативата всушност оспорените законски одредби главно се оспоруваат во однос на членот 15 од Уставот на Република Македонија.

Од анализата на овој член од Уставот произлегува дека тој спаѓа во делот (главата) на “Основните слободи и права на човекот и граѓанинот”, односно во делот на “Граѓански и политички слободи и права”.

Материјата на класифицираните информации е уредена со Законот за класифицирани информации кој е донесен од Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 10 февруари 2004 година. Законот влегол во сила на 6 март 2004 година.

Според членот 1 од Законот, со овој закон се уредува класификацијата на информациите, условите, критериумите, мерките и активностите што се преземаат за нивна заштита, правата, обврските и одговорностите на создавачите и корисниците на класифицирани информации, меѓународната размена, како и други прашања во врска со користењето на класифицирани информации.

Според членот 2 од Законот, цел на овој закон е обезбедување на законито користење на класифицирани информаци и оневозможување на секаков вид незаконски пристап до информациите.

Од анализата на овие одредби од Законот произлегува дека со овој закон не се уредуваат правата и обврските на граѓаните, односно овој закон не ги создава ниту ги елиминира правата на граѓаните, туку уредува една специфична материја од областа на безбедноста и одбраната на државата и е во функција на обезбедување на виталните и важните интереси на државата.

Според членот 3 од Законот, овој закон се применува и за заштита на класифицирани информации примени од странски држави и меѓународни организации или создадени во меѓусебна соработка, доколку со ратификуваните меѓународни договори или со меѓународните договори на кои им пристапила Република Македонија поинаку не е уредено.

Во членот 4 од Законот е утврдено дека за спроведување на утврдената политика за заштита на класифицираните инфорамции и меѓународните стандарди, за реализирање на размената на класифицирани информации согласно со меѓународните договори, како и за вршење на други работи утврдени со овој закон, се основа Дирекција за безбедност на класифицирани информации.

Во членот 7 и 8 од Законот се утврдени степените на класифицирани информации (државна тајна, строго доверливо, доверливо и интерно), при што за секоја од нив се дадени дефиниции за нивно меѓусебно разграничување.

Во членот 9 од Законот е утврдено дека “класифицирана информација со степен “државна тајна” определуваат: претседателот на Република Македонија, претседателот на Собранието на Република Македонија, претседателот на Владата на Република Македонија, претседателот на Уставниот суд на Република Македонија, претседателот на Врховниот суд на Република Македонија, министрите во рамките на своите ресори, јавниот обвинител на Република Македонија, началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, директорот на Агенцијата за разузнавање, директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, како и од нив со писмена согласност овластени лица.

Во ставот 2 од овој член е утврдено дека ако е определено со закон, меѓународен договор или друг пропис, класифицирана информација со степен “државна тајна” определуваат и лицата предвидени во тие акти.

Од анализата на членот 9 од Законот произлегува дека со цел да се избегне можната злоупотреба на овие мошне чувствителни информации, точно се определени лицата кои што можат да определат класифицирана информација со степенот “државна тајна”, но и според другите одредби од овој закон сличен режим имаат и другите степени на класифицирани информации.

Согласно членот 3 од Законот за општата управна постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/2005) во управните области за кои со закон е пропишана посебна постапка, се постапува според одредбите на тој закон.

Во ставот 2 од овој член е утврдено дека според одредбите на овој закон се постапува по сите прашања во управните области што не се уредени со посебен закон.

Според Судот оспорените одредби се специјални – посебни одредби во однос на одредбите од општата управна постапка кои се генерални – општи и секогаш се постапува согласно принципот дека специјалниот пропис го дерогира општиот (леџ специалис дерогат леџ генералис).

Имајќи го предвид фактот дека се работи за посебна и специфична материја – област, законодавецот во поднасловот “Постапки за издавање на безбедносни сертификати” целосно ја пропишува постапката за издавање на безбедносни сертификати за секој степен на класифицирана инфромација посебно.

По однос на наводите во иницијативата дека според оспорените одредби од Законот не се дава образложение за причините за одбивање на барањето за издавање на безбедносен сертификат, кое претставувало суштествена повреда на правилата на постапката, Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот со означените членови на Уставот на Република Македонија од причина што станува збор за посебна и специфична материја (од областа на безбедноста и одбраната) за која законодавецот има право целосно да ја пропишува и постапката за издавање на безбедносни сертификати како и времетраењето на безбедносни сертификати со цел да се обезбеди законитост во користење на класифицирани информации, обезбедување на доверливост на трајните, виталните и важните интереси на Република Македонија првенствено во областа на одбраната и безбедноста на земјата, како и обезбедување на рамноправна соработка со меѓународните организации и странски држави во областа на размената на класифицирани информации.

Според член 34, корисник на класифицирана информација е државен орган или друго правно или физичко лице во Република Македонија кое има безбедносен сертификат или странски државен орган или друго странско правно или физичко лице кое има безбедносен сертификат на матичната држава и дозвола за пристап до класифицирани информаци издадена од Дирекцијата.

Според член 36, безбедносен сертификат за пристап и користење на класифицирани информации од сите степени, без претходна безбедносна проверка, заради вршење на функцијата од денот на изборот до крајот на мандатот, добиваат: претседателот на Република Македонија, претседателот на Собранието на Република Македонија, претседателот на Владата на Република Македонија, заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија, претседателот на Уставниот суд на Република Македонија и претседателот на Врховниот суд на Република Македонија.

Значи, освен лицата од член 36 сите други корисници подлежат на безбедносна проверка пред издавањето на безбедносниот сертификат. На барање на Дирекцијата оперативните безбедносни проверки од член 46, 47 и 48 од овој Закон ги вршат надлежните служби на Министерството за внатрешни работи и на Министерството за одбрана (член 50).

Според член 37, од Законот за извршување на работните задачи, на лицата во државните органи, органите на единицата на локалната самоуправа, јавните претпријатија, јавните установи и служби, како и други правни и физички лица им се издава безбедносен сертификат за соодветен степен на класифицирана информација согласно со принципот “потребно е да знае”. Барањето за издавање на безбедносен сертификат лицата од став 1 на овој член го поднесуваат преку одговорните лица во државните органи, органите на единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија, јавните установи и служби, како и во други правни и физички лица.

Доколку не се исполнети условите од наведените членови на Законот, директорот на Дирекцијата има право да донесе решение за одбивање на барањето за издавање на безбедносен сертификат. Во решението не се дава образложение за причините за одбивање на барањето, а по жалбата одлучува належната второстепена комсија на Владата на Република Македонија.

Од анализата на овие законски одредби произлегува дека тука не се работи за општи права на граѓаните, туку законодавецот точно го определува кругот на корисниците на класифицираните информации и овие лица определени со Законот, безбедносниот сертификат за пристап и користење на класифицираните информации без претходна проверка не го добиваат како граѓани (индивидуи) туку како носители на функции определени со закон и е во функција на остварување односно на вршењето на функцијата, а не како лично граѓанско право.

Во прилог на оваа констатација е и фактот дека во ставот 2 од членот 37 од Законот е утврдено дека барањето за издавање на безбедносен сертификат лицата кои се вработени во државните органи, органите на единицата на локалната самоуправа, јавните претпријатија, јавните установи и служби, како и други правни лица, го поднесуваат преку одговорните лица на овие органи.

Дотолку повеќе што законодавецот во главата седма на законот предвидел казнени одредби со кои се санкционира незаконското користење на класифицираните информации.

Имајќи го предвид изнесеното, а со оглед на тоа што безбедносниот сертификат не претставува класичен управен акт со кој се решаваат индивидуалните права на граѓанинот, туку за право на пристап и користење на класифицирани иинформации за една специфична материја – област како што е безбедноста и одбраната на државата, Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените законски одредби со Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.213/2004
21 септември 2005 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова