У.бр.211/2006-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 5 ноември 2008 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 32 став 1, член 51 став 4 точка 1 во делот „или за лице кое може да даде известување за сторени кривични дела или прекршоци или за сторителите на такви дела“ и член 97 став 2 во делот „за работни места со посебни должности и овластувања утврдени со актот за систематизација на работните места во полицијата“ од Законот за полицијата („Службен весник на Република Македонија“ бр.114/2006).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесени иницијатив од Стамен Филипов и Петре Илиевски од Скопје со Решение У.бр.211/2006 од 4 јули и 19 декември 2007 година поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот за полицијата означени во точката 1 од оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.

4. На седницата Судот утврди дека според член 32 став 1 од Законот за полицијата, полицијата може да ги ограничи основните слободи и права на човекот и граѓанинот само под услови и во постапка утврдени со Уставот и со закон.

Во член 8 од Уставот на Република Македонија е предвидено дека темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија меѓу другите се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и почитување на општоприфатените норми на меѓународното право.

Според член 11 став 1 од Уставот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени.

Според член 12 став 1 од Уставот, слободата на човекот е неприкосновена, а според став 2 на овој член никому не може да му биде ограничена слободата, освен со одлука на суд и во случаи и во постапка утврдена со закон.

Во член 54 став 1 од Уставот е предвидено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот може да се ограничат во случаи утврдени со Уставот, а според став 2 на овој член, слободата и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена и вонредна состојба според одредбите на Уставот.

Тргнувајќи од содржината на одредбата од член 11 ставовите 1 и 2 и член 12 од Уставот произлегува дека слободата и моралниот интегритет на човекот и граѓанинот се општоприфатени лични слободи и права гарантирани со Уставот, а механизмот за нивно обезбедување е содржан во забраната дека никому не може да му биде ограничена слободата освен со одлука на суд и во случаи и во постапка утврдена со закон, како и во забрана на секаков вид и облик на мачење, нечовечко и понижувачко однесување и казнување.

Од анализата на член 54 ставовите 1 и 2 од Уставот кој е поместен во делот на гаранции на основните слободи и права произлегува дека слободата и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени само во случаи утврдени со Уставот, при што како посебен услов за ограничување на одредено право, а не на сите е настапување на воена и вонредна состојба.

Оттука, имајќи ги предвид наведените уставни одредби со кои се гарантираат основните слободи и права на човекот и граѓанинот и предвидените механизми за нивна заштита, недвосмислено произлегува дека основните слободи и права се утврдени со Уставот и основот за нивното ограничување мора да се наоѓа во Уставот. Притоа со Уставот може да се предвиди обемот на ограничувањето на одредена слобода или право кој е обврзувачки за законодавецот или општо да се определи обемот до кој законодавецот може да ги ограничи основните слободи и права. Доколку, Уставот на тоа не упатува основните слободи и права не можат да се уредат и ограничат со закон, туку нивната содржина и ограничување ќе се определат преку севкупноста на уставните определби и норми на правниот поредок како претпоставка за реално остварување на слободите и правата загарантирани со Уставот.

Со оглед на тоа што во конкретниов случај со оспорената одредба од член 32 став 1 од Законот се дава можност полицијата во вршењето на своите надлежности да ги ограничи основните слободи и права, Судот оцени дека предвидената надлежност води кон ограничување на основните слободи и права на човекот и граѓанинот надвор од уставните рамки.

5. Судот, исто така, утврди дека според член 51 став 4 точка 1 од Законот, распис се распишува за лице за кое постојат основи на сомневање дека е сторител на кривично дело или прекршок, или за лице кое може да даде известување за сторени кривични дела или прекршоци или за сторители на такви дела (оспорен дел).

Според член 8 алинеи 1 и 3 од Уставот на Република Македонија, покрај другите, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се: основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, како и владеењето на правото.

Во член 25 од Уставот е утврдено дека на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Според член 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според став 2 на овој член секој е должен да го почитува Уставот и законите.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Според член 8 од Европската Конвенција за заштита на човековите права и основни слободи секој човек има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката.

Јавната власт не смее да се меша во остварувањето на ова право, освен ако тоа мешање е предвидено со закон, и ако претставува мерка која е во интерес на државата и јавната безбедност, економската благосостојба на земјата, заштита на здравјето и моралот или заштитата на правата и слободите на другите, во едно демократско општество.
Според член 17 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права никој не може да биде изложен на самоволно и незаконско мешање во неговиот приватен живот, семејство, стан или преписки, ниту на противзаконити напади на неговата чест и углед.

Секој има право на законска заштита против таквото мешање или напад.

Според член 1 од Универзалната декларација за правата на човекот сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви во достоинството и правата.

Во членот 12 од наведената декларација, пак, е предвидено дека никој нема да биде изложен на произволно вмешување во приватниот живот, семејството, домот и преписката, ниту пак на напади врз неговата чест и углед.

Секој има право на правна заштита од таквото вмешување или напади.

Од наведените уставни одредби, а посебно член 25 од Уставот на Република Македонија, како и наведените меѓународни конвенции, произлегува дека на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста.

Почитувањето на личниот живот на граѓанинот е основа за забрана кој и да е да се меша во личното однесување на човекот и во неговото определување, односно личниот живот е приватна работа на човекот во која никој не може да се меша, освен во случаи кога изразувањето на личноста и однесувањето на личноста ги доведува во прашање општоприфатените норми во општеството. Слични карактеристики има и приватноста на семејниот живот, а тоа значи дека никој нема право да се меша во односите во семејството, меѓу брачните другари меѓу родителите и децата, начинот на живеење, семејниот ред и друго.

Почитувањето на достоинството и угледот на граѓанинот во себе не ја содржи само обврската луѓето во меѓусебните односи да се почитуваат, туку ја инкорпорира и улогата на државата која треба да гарантира заштита на приватноста поаѓајќи од фактот што со самото тоа што се работи за човечко суштество со него треба да се постапува со уважување на неговото достоинство и углед.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека со предвидувањето да се објави распис за лице кое може да даде известување за сторени кривични дела или за прекршоци или за сторителите на таквите дела утврдено во член 51 став 4 точка 1 од Законот, се задира во приватноста на личноста и заштитата, односно правните средства за заштита на приватноста.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека со наведената законска одредба се доведува во прашање заштитата на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, поради што таа не е во согласност со Уставот.

6. Воедно, Судот утврди дека во член 97 став 2 од Законот, по исклучок работен однос без јавен оглас се заснова „за работни места со посебни должности и овластувања утврдени со актот за систематизација на работните места во полицијата“ и за стипендисти на Министерството – завршени студенти на Полициската академија.

Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, како и владеењето на правото.

Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во делот на одредбите од Уставот кои се однесуваат на економските, социјалните и културните права, во членот 32 став 1 е утврдено дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност. Според ставот 2 на овој член, секому под еднакви услови му е достапно секое работно место, а според ставот 5, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Уставната гаранција за достапноста на работното место секому под еднакви услови е едно од основните права на граѓанинот кое воедно претставува и гаранција за неговата економска и социјална сигурност и ја изразува определбата секој човек способен за работа тоа право да го оствари под определени услови и објективни можности и за секој вид работа.

Определбата содржана во оспорениот дел на член 97 став 2 од Законот за полицијата, според Судот, граѓаните ги доведува во нееднаква положба во поглед на достапноста на работното место. Имено, пополнувањето на одредено работно место без огласување значи дека некои граѓани се привилегирани и полесно засноваат работен однос без притоа да има транспарентност и меѓусебна конкуренција.

Врз основа на наведеното, Судот оцени дека член 97 став 2 во делот: „за работни места со посебни должности и овластувања утврдени со актот за систематизација на работните места во полицијата“ не е во согласност со уставните одредби на кои се повикуваат подносителите на иницијативите.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.211/2006
5 ноември 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски