У.бр.210/2006

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеи 2 и 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 28 ноември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 10 став 2 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ 79/2005).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 10 ставовите 3, 4, 5 и 6 од Законот означен во точката 1 на ова решение.

3. Димитрија Атанасовски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од законот означени во точките 1 и 2 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорените ставови на членот 10 од Законот за парничната постапка биле спротивни на член 15 од Уставот на Република Македонија, член 8 алинеи 1 и 3, член 9 став 2 како и член 60 од Уставот. Одредбата од оспорениот став 5 била спротивна и на член 13 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи. Република Македонија имала своја валута – денар како едно од обележјата на државноста на Република Македонија, па пропишувањето на казни во странска валута било спротивно на уставните одредби. Според подносителот на иницијативата нејасна била одредбата според која судот можел надвор од рочиште за главна расправа да изрекува парични казни и смета дека таквата одредба служи за дисциплинирање на несимпатичните полномошници, застапници и странки.

Одредбата од членот 10 став 5 според подносителот на иницијативата била чудна. Според него, со решението за изрекување на паричната казна се одлучувало надвор од рамките на тужбеното барање, па се работело за посебен акт кој не било процесно решение со кое се управува постапката. Со оглед дека такавото решение не подлежело на оценка, тоа не морало да содржи образложение за причините за изрекување на казна што во практиката доведувало до одмазнички казнувања. На полномошниците и застапнициите кои не останувале до крајот на постапката, правото на жалба со тоа им се оневозможувало засекогаш.

Поради наведеното, со иницијативата се бара Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на член 10, ставовите 2, 3, 4, 5 и 6 од Законот за парнична постапка.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот став 2 на членот 10 од Законот за парничната постапка, со парична казна од 50 до 500 евра во денарска противвредност ќе се казни физичко лице (странка, замешувач, одговорно лице во правно лице), а со казна во висина од 250 до 2.500 евра во денарска противвредност ќе се казни правно лице, кое ќе ги злоупотреби правата што му припаѓаат во постапката, доколку со овој закон поинаку не е определено.

Според ставот 3 на истиот член од Законот, со паричната казна од ставот 2 на овој член ќе се казни и застапникот (полномошник или законски застапник), доколку е одговорен за злоупотребата на правата.

Согласно ставот 4 на овој член од Законот, паричната казна од ставовите 2 и 3 на овој член ја изрекува првостепениот суд. Надвор од рочиштето за главната расправа казната ја изрекува судија поединец, односно претседателот на советот.

Врз основа на член 10 став 5 од Законот, против решението со кое е изречена парична казна, не е дозволена посебна жалба.

Според оспорениот став 6 на членот 10 од Законот, ако изречената парична казна не биде доброволно платена во рокот кој го определил судот, таа присилно се наплатува по службена должност како парично побарување според Законот за извршувањето.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 1 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, како и владеењето на правото, се утврдени како едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Амандманот XXI точка 1 на Уставот, со кој е заменет членот 15, го гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд.

Врз основа на член 50 став 1 од Уставот, секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 60 став 2 од Уставот, Народната банка на Република Македонија е самостојна и одговорна за стабилноста на валутата, за монетарната политика и за општата ликвидност на плаќањата во Републиката и кон странство.

Со Законот за парничната постапка се определуваат правилата на постапката врз основа на кои судот расправа и одлучува за основните права и обврски на човекот и граѓанинот во споровите од личните и семејните односи, од работните односи, како и од имотните и другите граѓанско правни односи на физичките и правните лица, освен ако за некои од наведените спорови со посебен закон не е предвидено судот да одлучува според правилата на некоја друга постапка.

Во оспорениот член 10 од Законот се утврдува дека судот е должен да настојува постапката да се спроведе без одолжување, во разумен рок, со што помалку трошоци, како и се утврдува обврска за судот да ја оневозможи секоја злоупотреба на правата што на странките им припаѓаат во постапката. За остварување на оваа обврска, законодавецот го овластил првостепениот суд да изрекува парична казна на странката, замешувачот, одговорното лице во правното лице или застапникот кој ќе ги злоупотреби правата што му припаѓаат во постапката. Против решението со кое е изречена паричната казна, не е дозволена посебна жалба. Ако изречената парична казна не биде доброволно платена во рокот што го определува судот, таа присилно се наплатува по службена должност како парично побарување според Законот за извршувањето.

Одредбата од членот 10 став 2 од Законот подносителот на иницијативата ја оспорува од аспект на чен 60 од Уставот со образложение дека пропишувањето на казни во странска валута било спротивно на Уставот.

Според мислењето на Судот, овие наводи во иницијативата се неосновани. Изразувањето на висината на казните во евра во денерска противредност е нормативна техника која има за цел да обезбеди стабилност на нормата во случај на промени на курсот на денарот, што во спротивност би повлекло менување на законската одредба преку менување на самиот закон. Од тие причини законодавецот не само во овој закон, туку и во многу други ја применува оваа техника на определување на висината на паричните казни. При определување на висината на паричните казни, користењето на еврото служи повеќе како пресметковна единица, додека самото извршување на паричната казна се врши во денарска противредност, односно во денари. На овој начин се обезбедува не само стабилност на нормата, туку и стабилност и ефикасност и на казнената политика на државата во изрекувањето и извршувањето на предвидените парични казни.

Со ваквото изразување на висината на паричните казни не се повредува денарот како домашна валута и едно од обележјата на државноста на Република Македонија, како што смета подносителот на иницијативата, поради што Судот не го постави прашањето за согласност на оспорената одредба од членот 10 став 2 со членовите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

6. Врз основа на член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

По однос на одредбата од членот 10 став 5 од Законот за парничната постапка, Судот утврди дека таа веќе била предмет на оцена пред Уставниот суд на Република Македонија кој со Решение У.бр. У.број. 7/2006 од 29 март 2006 година, не повел постапка за оценување на уставноста. Во ова Решение Судот изразил став дека со одредбата од членот 10 став 5 од Законот не се отстапува од уставно гарантираното право на жалба против одлуките донесени во постапка во прв степен пред суд, бидејќи решението со кое е изречена парична казна врз основа на членот 10 став 2 и 3 може да се побива во жалбата против конечната одлука во смисла на член 368 став 2 од Законот, поради што и не го поставил прашањето за согласноста на оспорената одредба со Амандманот XXI точка 1 на Уставот на Република Македонија.

Имајќи го предвид наведеното Судот одлучи иницијативата во однос на став 5 на членот 10 од Законот за парничната постапка да ја отфрли врз основа на член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд.

Во иницијативата како оспорени посебно се наведуваат и цитираат одредбите од ставовите 3, 4, 6, меѓутоа, со оглед на тоа што за овие оспорени одредби недостасуваат причини поради кои се оспорува нивната уставност, Судот оцени дека во однос на овие ставови не постојат процесни претпоставки за одлучување и одлучи иницијативата да ја отфрли согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова – Ристова, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.210/2006
28 ноември 2007
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски