У.бр.210/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 декември 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 101 став 2 во делот: “и настапуваат по сила на законот со кој се предвидени” од Кривичниот законик (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/96 и 80/99).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Глава 8 – Правни последици од осудата со член 101 став 1 и член 102 од Законикот означен во точката 1 од ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на Глава 8 – Правни последици од осудата со членовите 101 и 102 од Законикот означен во точката 1 од ова решение. Повод за поднесување на иницијативата биле повеќе одлуки на Уставниот суд, според кои, правните последици од осудата не можат претходно да се утврдуваат со закон, туку, тоа може да се прави само со конкретна судска правосилна одлука. Поаѓајќи од тоа, правните последици од осудата кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните, според подносителот на иницијативата, не биле допуштени, бидејќи казнено-поправниот однос се исцрпувал на релацијата на казнивото дело и судски изречената казна за неговиот сторител.

Оспорените одредби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и 4, член 9, член 13 став 1, член 14 став 1, член 23, член 32 став 1 и 2, член 51, член 54 став 1 и член 98 став 1 и 2 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека во Глава 8 – Прави последици од осудата од Кривичниот законик, се поместени членовите 101 и 102 од Законикот. Според член 101 став 1 од Законикот, правните последици од осудата што се надоврзуваат на осудите за определени кривични дела, не може да настапат кога за кривичното дело на сторителот му е изречена парична казна, условна осуда, судска опомена или кога тој е ослободен од казна, а според став 2 од овој член, правните последици можат да се предвидат само со закон и настапуваат по сила на законот со кој се предвидени.

Со член 102 став 1 од Кривичниот законик се уредува дека правните последици од осудата настапуваат со денот на правосилноста на пресудата, според став 2 од овој член, правните последици од осудата што се состојат во забрана на стекнување на определени права траат најдолго десет години од денот на издржаната, простената или застарената казна, а според став 3 од овој член на Законикот, со бришење на осудата престануваат правните последици од осудата.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 од Уставот граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Согласно член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Со член 32 став 1 од Уставот се уредува дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност, а според став 2 на овој член од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите.

Согласно член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Според член 98 став 1 од Уставот, судската власт ја вршат судовите, а според став 2 на овој член од Уставот, судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Со Кривичниот законик, како што веќе претходно е нагласено, на правните последици од осудата им се посветува посебна глава, иако содржината на таа глава е мошне скромна, во однос на другите кривично-правни прашања што се предмет на уредување на Законикот. Правните последици од осудата како посебна категорија, со овој законик не се третират ниту како казни, ниту како други кривични санкции. Имено, според член 4 од Кривичниот законик, кривични санкции се: казни, условна осуда и судска опомена, мерки за безбедност и воспитни мерки, а според член 33 од Законикот, казни се: затвор и парична казна, при што, казната затвор може да се изрече само како главна казна, а паричната казна како главна и споредна казна, а ако за едно кривично дело се пропишани двете казни, како главна може да се изрече само едната од нив.

Со член 5 од Законикот е уредено дека на сторителот на кривично дело во извршувањето на кривичната санкција можат да му биде одземени или ограничени определени права само во мера која им одговара на природата и содржината на таа санкција и само на начин со кој се обезбедува почитување на личноста на сторителот и на неговото човечко достоинство. Според тоа, правните последици од осудата не се третираат како казна или други кривични санкции, на што би следувал и одговор дека со нив не може на сторителот на кривичното дело да му бидат одземени или ограничени определени права.

Меѓутоа, од содржината на член 101 став 1 од Законот, произлегува дека правните последици од осудата се надоврзуваат на осудите за определени кривични дела, што значи дека иако правните последици од осудата не се казни, тие по својат а природа, карактер и можност од нивно предвидување со закон, без поблиску определување на нивните видови и услови за нивно пропишување со самиот Кривичен законик, попримат карактер близок на самата казна и можат тешко да го погодат осудениот кој ја изржал својата казна.

6. Тргнувајќи од содржината на наведените уставни и законски одредби, а имајќи ја предвид содржината на член 101 став 2 во делот: “и настапуваат по сила на законот со кој се предвидени” од Кривичниот законик, според мислењето на Судот, правните последици од осудата не можат да настапуваат автоматски по сила на закон, туку дека тоа може да се прави само со правосилна судска одлука, односно дека казнено-поправниот однос се исцрпува на релацијата на казнивото дело и судски изречена казна за неговиот сторител и дека натамошни последици од неговото извршување односно од осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изрично утврдено со Уставот. Со оглед на тоа што според оспоренио т дел од одредбата, правните последици од осудата настапуваат по сила на законот, а не како казна (забрана) што ја изрекува судот во рамките на видовите на казни односно санкции, пред Судот се постави прашањето за согласноста на тој дел од оспорената одредба со напред наведените одредби од Уставот.

7. Поаѓајќи од фактот дека правните последици од осудата како посебни криви чно-правни мерки за ограничување на правата по издржување на казната се редовна примена во современото кривично законодавство и дека тие според член 101 став 1 од Кривичниот законик се надоврзуваат на осудите за определени кривични дела, дека не можат да настапат кога за кривичното дело на сторителот му е изречена парична казна, условна осуда, судска опомена или кога тој е ослободен од казна и дека можат, според став 2 од овој член, да се предвидат само со закон. Понатаму, дека тие, според член 102 од Законикот настапуваат со денот на правосилноста на пресудата, односно дека не настапуваат автоматски по сила на закон, туку со конкретна судска правосилна одлука, дека е ограничено нивното времетраење и дека со бришење на осудата престануваат правните последици на осудата, според мислењето на Судот, таквите определби не значат повреда на уставните принципи за владеење на правото, еднаквоста на граѓаните, поделбата на државната власт, претпоставената невиност и слично, поради што пред Судот не се постави прашањето за согласноста на одредбите на Глава 8 – Правни последици од осудата со членовите 101 став 1 и член 102 од Кривичниот законик со напред наведените одредби од Уставот.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.210/2001
12 декември 2001 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов