У.бр.207/2010

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 21 декември 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 42 став 1 точка 3 и членот 43 став 1 од Законот за оружјето (“Службен весник на Република Македонија” број 7/2005, 47/2006, 42/2007, 86/2008 и 72/2010).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 12 став 1 алинеја 1 од Законот означен во точката 1 од решението.

3. Петко Бурлијовски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата, оспорените законски одредби биле спротивни на членот 9 од Уставот, бидејќи ги ставале граѓаните во нерамноправна положба пред Уставот и законите. Имено, оспорените одредби не можело да се однесуваат за сите граѓани правосилно осудени за сторени кривични дела со умисла кои се гонат по службена должност и на сите да им се одзема дозволата за оружје и оружјето, бидејќи постоеле и такви кривични дела кои по својата природа не содржеле обележја на елементи на насилство, па според подносителот тие и не претставувале опасност за јавниот ред, па на тој начин беспотребно било одземањето на дозволата за оружје, а со тоа и до ускратување на правата на граѓаните кои веќе ги стекнале. Во случаите пак кога надлежните органи привремено ја одземаат дозволата за оружје, поради поведена кривична постапка против лице, која завршила со ослободителна одлука за лицето, со одземањето на дозволите за оружје, граѓаните и нивните семејства трпеле штета поради нарушен углед и чест. Токму од овие причини, подносителот смета дека оспорените одредби не требало да постојат во правниот поредок и да се донеселе други поконкретни и подецидни членови во предметниот закон со кои јасно ќе биле наведени случаевите за кои кривични дела надлежните органи ќе имале право да донесуваат решенија за одземање на дозвола за носење на оружје и оружје, на кој начин ќе се стеснел кругот на таквите случаи.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 12 алинеја 1 од Законот се смета дека постои опасност за јавниот ред според членот 9 став 1 точка 4 од овој закон, ако физичкото лице правосилно е осудено за кривично дело сторено со умисла, кое се гони по службена должност.

Судот исто така утврди дека со оспорениот член 42 став 1 точка 3 од Законот е определено дека надлежниот орган ќе донесе решение за одземање на дозволата за оружје, дозволата за колекционерско оружје односно дозволата за носење на оружје во случај кога ќе утврди дека лицето со правосилна пресуда е осудено за кривично дело или прекршок од членот 12 став 1 алинеи 1 и 2 на овој закон, а според оспорениот член 43 став 1 од Законот кога против имателот на дозвола за оружје, дозвола за колекционерско оружје односно дозволата за носење на оружје е поведена кривична постапка за кривично дело од членот 12 став 1 алинеја 1 на овој закон или прекршочна постапка за прекршокот од членот 12 став 1 алинеја 2 на овој закон, надлежниот орган ќе донесе решение за привремено одземање на дозволата за оружје дозволата за колекционерско оружје односно дозволата за носење на оружје, оружјето и муницијата до донесување на правосилна одлука, за што го известува судот.

5. Сo членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија е определено дека владеењето на правото е темелна вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 9 од Уставот граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со членот 25 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Со членот 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Според ставот 2 од истиот член од Уставот, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата, а според ставот 3 од наведениот член, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Директивата за контрола на набавување и поседување на оружје 91/477/ЕЕЗ, усвоена од Советот на Европа на 18.06.1991 година, предвидува услови кои поединецот треба да ги исполни за набавка на оружје од категорија Б меѓу кои и ако тоа не претставува опасност за јавниот ред или јавната безбедност, а согласно точката 6 (а) од Препораката Р(84)23 за хармонизација на националното законодавство усвоена од Комитетот на министри од земјите членки на Советот на Европа на 07.12.1984 година, што се однесува на огнено оружје, содржани се услови кои поединец треба да ги исполнува за добивање на дозвола за набавување, поседување или носење на огнено оружје, меѓу кои и условот лицето да не било осудено за кривично дело.

Определбата за постигнување на полноправно членство во Европската унија, имплицира потреба за Република Македонија од хармонизација на националното законодавство со меѓународните инструменти и легислативата на западноевропските земји по прашањето за контролата на оружјето (набавување, поседување, носење, производство, промет и транспорт на оружје и муниција), од кои причини во Законот за оружјето се имплементирани меѓународните стандарди и компаративни искуства во оваа област.

Со Законот за оружјето (“Службен весник на Република Македонија” број 7/2005, 47/2006, 42/2007, 86/2008 и 72/2010) се уредуваат условите за набавување, поседување, носење, чување, производство, поправање, промет, превоз и пренесување преку државна граница на оружје и муниција. Одредбите на овој закон не се применуваат на вооружувањето и воената опрема, како и на оружјето и муницијата наменети за потребите на Министерството за одбрана, Армијата на Република Македонија, Министерството за внатрешни работи, казненопоправните установи и другите државни органи и правни лица утврдени со посебни прописи.

Со членот 9 од Законот определени се условите за издавање на одобрение за набавување на оружје на физичко лице врз основа на претходно поднесено писмено лично барање за издавање одобрение за набавување на оружје, а конкретно такво одобрение ќе се издаде на физичкото лице ако е исполнет и условот содржан во ставот 1 точка 4 од наведениот член од Законот, односно тоа да не претставува опасност за јавниот ред.

Според оспорениот член 12 алинеја 1 од Законот се смета дека постои опасност за јавниот ред според членот 9 став 1 точка 4 од овој закон, ако: физичкото лице правосилно е осудено за кривично дело сторено со умисла, кое се гони по службена должност.

Со членот 41 од Законот се уредени случаите на поништување на дозволата за оружје и дозволата за носење на оружје.

Со оспорениот член 42 став 1 точка 3 од Законот е определено дека надлежниот орган ќе донесе решение за одземање на дозволата за оружје, дозволата за колекционерско оружје односно дозволата за носење на оружје во случај кога ќе утврди дека лицето со правосилна пресуда е осудено за кривично дело или прекршок од членот 12 став 1 алинеи 1 и 2 на овој закон и

Според оспорениот член 43 став 1 од Законот кога против имателот на дозвола за оружје, дозвола за колекционерско оружје односно дозволата за носење на оружје е поведена кривична постапка за кривично дело од членот 12 став 1 алинеја 1 на овој закон или прекршочна постапка за прекршокот од членот 12 став 1 алинеја 2 на овој закон, надлежниот орган ќе донесе решение за привремено одземање на дозволата за оружје дозволата за колекционерско оружје односно дозволата за носење на оружје, оружјето и муницијата до донесување на правосилна одлука, за што го известува судот.

Со членот 44 став 1 од Законот е определено дека во случаите од членовите 41 и 42 на овој закон, надлежниот орган ќе донесе решение за одземање на оружјето и муницијата.

Од анализата на оспорената одредба од членот 12 став 1 алинеја 1 од Законот, произлегува дека законодавецот уредил што претставува опасност за јавен ред како една од причините за неиздавање на одобрение за набавка на оружје на физичко лице, односно дека за опасност за јавниот ред се смета и ако физичкото лице правосилно е осудено за кривично дело сторено со умисла, кое се гони по службена должност.

Оспорениот член 12 став 1 алинеја 1 од Законот, бил предмет на уставносудска оцена и Уставниот суд со Решение У.бр. 54/2005 од 7 септември 2005 година, не повел постапка за оценување на уставноста на членот 12 став 1 точка 1 од Законот за оружјето (“Службен весник на Република Македонија” бр.7/2005) бидејќи оценил дека постоењето на потребата со закон да бидат уредени прашања за кредибилитетот на физичкото лице да поседува и носи оружје ќе ја намали можноста од штетни последици по животот и имотот на граѓаните, а и самата природа на оружјето е таква што тоа не е стока во слободниот промет што може да го набави секој граѓанин, туку е под посебен режим на правниот промет, па оттука и правото на законодавецот да предвидува и услови за неговото набавување, односно поседување, поради што точката 3 од став 1 на членот 12 од Законот не е во несогласност со Уставот.

Иницијативата и во тој случај е поднесена од сега подносителот на предметната иницијатива Петко Бурлијовски од Битола со наводи дека со оваа оспорена одредба од Законот се повредувало начелото на еднаквост на граѓаните, загарантирано со членот 9 од Уставот на Република Македонија.

Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со оглед дека Судот веќе ја оценувал уставноста на оспорениот член 12 став 1 алинеја 1 од Законот за оружјето и со Решение У. бр. 54/2005 од 7 септември 2005 година, оценил дека истата е во согласност со Уставот, поради што не повел постапка за оценување на нејзината согласност со одредбите од Уставот, а во конкретниот случај, нема основи за поинакво одлучување, сметаме дека се исполнети процесните услови за примена на цитираната деловничка одредба за отфрлање на иницијативата по однос на оваа оспорена одредба.

Од анализата на оспорената одредба од член 42 став 1 точка 3 од Законот, произлегува дека во случај кога надлежниот орган ќе утврди дека лицето правосилно е осудено за кривично дело сторено со умисла кое се гони по службена должност ќе донесе решение за одземање на дозволата за оружје, односно дозволата за носење на оружје, а од анализата на оспорениот член 43 став 1 од Законот, произлегува дека законодавецот уредил привремено одземање на дозвола за оружје, односно дозвола за носење на оружје, оружјето и муницијата кога против имателот на дозволата за оружје е поведена кривична постапка за кривично дело сторено со умисла, кое се гони по службена должност. Оспорените законски решенија се во корелација со оспорената одредба од членот 12 став 1 од Законот (за оваа одредба Судот веќе се произнел и оценил дека таа не е во спротивност со Уставот), односно тие се консеквенца на претходното законско нормирање од членот 12 од Законот за тоа што претставува опасност за јавниот ред, што воедно е и причина за неиздавање на одобрение за набавување на оружје на физичко лице. Следствено на тоа, доколку лицето поседува дозвола за оружје, а настапи некоја од причините поради кои не може да се издаде одобрение за набавување на оружје (физичкото лице правосилно е осудено за кривично дело сторено со умисла, кое се гони по службена должност), законодавецот уредил одземање на веќе издадените исправи за оружје, односно привремено одземање на дозволата за оружје, оружјето и муницијата кога против имателот на дозволата за оружје е поведена кривична постапка за кривично дело сторено со умисла, кое се гони по службена должност.

Според наводите во иницијативата одземањето на исправите за оружје предвидено со оспорените законски решенија, не можело да се однесува за сите лица правосилно осудени за кривични дела сторени со умисла кои се гонат по службена должност, бидејќи не сите кривични дела сторени со умисла и кои се гонат по службена должност содржеле елементи на насилство, односно не сите претставувале опасност за јавниот ред. Исто така во случај на ослободување од кривичното гонење, се нарушувал угледот на граѓаните и нивните семејства поради штетата што ја трпеле со привременото одземање на дозволата за оружје и оружјето, кои наводи според Судот се неосновани. Всушност, од наводите содржани во иницијативата, генерално произлегува дека оспорените законски одредби се проблематизираат од аспект на тоа дека законодавецот не нормирал, а требало да нормира одредби со кои точно ќе се наведеле кривичните дела кои содржеле елементи на насилство и само за сторителите на тие кривични дела да се однесувало одземањето на исправите за оружје, бидејќи според подносителот на иницијативата само тој вид на кривични дела требало да бидат карактеризирани како опасност за јавниот ред, кои наводи не се аргументација за уставно проблематизирање на законските решенија, односно не може тие да се стават под уставно сомнение заради тоа што не биле уредени онака како што сметал подносителот на иницијативата, но и од аспект на нивната согласност со членот 9 од Уставот, Судот оцени дека оспорените одредби не може да се доведат под сомнение по однос на нивната согласност со принципот на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите. Наведеното од причини што оспорените одредби не прават разликување на граѓаните по основ на полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба и тие подеднакво се однесуваат за сите граѓани кои се нашле во иста правна положба пред Законот. Исто така според Судот, оспорените одредби, конкретно оспореното законско решение кое предвидува привремено одземање на дозволата за оружје, оружјето и муницијата, не имплицираат повреда на одредбата од Уставот со која се гарантира почитување и заштита на приватноста, достоинството и угледот на граѓаните. Имено, законодавецот при нормирањето оспорените одредби тргнал од генералната цел за заштита на животот кој согласно членот 10 од Уставот е неприкосновен, па оттука Судот оцени дека така уредените законски решенија кои предвидуваат одземање на исправите за оружје, оружјето и муницијата се во функција на превенција од евентуалните последици кои генерално би можеле да ги трпат граѓаните, имајќи ја предвид општествено опасната природа на оружјето, па оттука според Судот, не може да се доведе под уставно сомнение нивното опстојување во правниот поредок.

Што се однесува до наводите во иницијативата за повреда на еднаш стекнатото право за поседување и носење на оружје, имајќи ги во вид карактеристиките на оружјето како такво, Судот оцени дека во конкретниот случај, еднаш стекнатото право не може да се смета како трајно. Имено, при нормирањето на оспорените одредби од Законот, законодавецот тргнал од членот 30 од Уставот со кој се гарантира правото на сопственост и правото на наследување, како и гаранцијата дека никому не можат да му бидат одземени или ограничени тие права и правата кои од нив произлегуваат, освен кога се работи за јавниот интерес утврден со закон. Во конкретниот случај, јавниот интерес за одземање или ограничување на сопственоста и правата кои произлегуваат од неа е утврден со Законот за оружјето, односно при нормирањето на оспорените законски одредби, законодавецот тргнал од општествено опасниот карактер на оружјето, односно самата природа на оружјето е таква што не е стока во слободниот промет што може да го набави секој граѓанин, туку е стока која подлежи на посебен правен режим и на ограничен и строго контролиран правен промет. Оттука, право е на законодавецот да воспоставува правила, критериуми и ограничувања за добивање на одобрение за набавување на оружје, како и да ги утврдува условите за одземање на исправите за оружје, оружјето и муницијата, па според Судот нема уставни пречки за опстојување на оспорената законска одредба во правниот поредок, од аспект на нивната согласност со цитираните одредби од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.207/2010
21 декември 2011 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски