У.бр.206/2011

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 18 септември 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 19 став 2 алинеја 2 од Законот за вештачење (“Службен весник на Република Македонија“ број 115/2010);

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 9 став 1 алинеја 4, членот 20 став 1 точка 3 алинеја 4 и членот 26 став 1 алинеи 4 и 5 од Законот за вештачење (“Службен весник на Република Македонија“ број 115/2010).

3. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредби од Законот, означен во точката 1 од решението.

Според наводите од иницијативата, правните последици од осудата не можеле да настапуваат автоматски по сила на закон, како што било предвидено со оспорените законски одредби, туку тоа можело да се прави само со правосилна судска одлука. Исто така, не можело поради правосилна судска одлука со која е изречена забрана за вршење на професија, дејност или должност или поради осуда со правосилна судска одлука за кривично дело на безусловна казна затвор над шест месеци, министерот за правда да ја одзема лиценцата за вештачење. Освен тоа, барањето од граѓаните да ја докажуваат својата осудуваност или неосудуваност се сведувало на барање шти задирало во човековото достоинство и презумпцијата на невиност, дотолку повеќе што согласно член 106 став 5 од Кривичниот законик, никој нема право да бара од граѓаните да поднесуваат докази за својата осудуваност или неосудуваност, туку органот по службена должност да го утврдува тој факт.

Поради изнесеното, оспорените законски одредби не биле во согласност со членот 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 9, член 13 став 1, член 14 став 1, член 23, член 32 ставови 1 и 2, член 51, член 54 став 1 и член 98 ставови 1 и 2 од Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 9 став 1 алинеја 4 од Законот, определува дека стручен испит може да полага лице кое помеѓу другото исполнува услов со правосилна одлука да не му е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност се додека траат последиците од забраната.

Со оспорениот член 19 став 2 алинеја 2 од Законот е определено дека лицето со барањето за издавање на лиценца за вештачење, приложува и доказ дека со правосилна одлука не му е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност, додека трае забраната.

Според оспорениот член 20 став 1 точка 3 алинеја 4 од Законот, со лиценца за вештачење без полагање на стручен испит може да се стекне и лице кое има вишо или средно образование со регистриран занает од соодветна област (кујунџија, крзнар, часовничар, клучар, златар, оптичар или друг занает), по поднесување на барање за лиценца за вештачење и исполнување на одредени услови, а помеѓу другото и да не е осуден со правосилна судска одлука за кривично дело на безусловна казна затвор над шест месеци за времето додека траат правните последици од осудата.

Според членот 26 став 1 од Законот е уредено во кои случаи министерот за правда може на вештакот да му ја одземе лиценцата за вештачење, а конкретно според оспорената алинеја 4 од членот 26 став 1 од Законот и ако со правосилна одлука е изречена забрана за вршење на професија, дејност или должност, за времето додека траат правните последици од изречената забрана, а според оспорената алинеја 5 од истиот член од Законот и ако е осуден со правосилна судска одлука за кривично дело на безусловна казна затвор над шест месеци, за времето додека траат правните последици од осудата.

5. Според член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 4 од Уставот на Република Македонија основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со членот 9 од Уставот е определно дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред уставот и законите се еднакви.

Согласно член 11 став 1 од Уставот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени.

Според членот 13 став 1 од Уставот лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Според Амандман XX на Уставот, со кој се дополнува член 13 од Уставот, за прекршоци определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања. Против конечна одлука за престанок се гарантира судска заштита под услови и постапка уредени со закон.

Во членот 14 став 1 од Уставот е предвидено никој да не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна, а според ставот 2 од истиот член на Уставот никој не може повторно да биде суден за дело за кое веќе бил суден и за кое е донесена правослна судска одлука.

Согласно член 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Со членот 32 став 5 од Уставот е определено дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба да се уредуваат со закон и со колективен договор.

Според член 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Законот за вештачење се уредува вршењето на вештачење, областите, условите и начинот на вршењето на вештачењето, субјектите кои вршат вештачење, условите и постапката за полагање на стручен испит за издавање, продолжување, престанок или за одземање на лиценца за вештачење за вршење на вештачење од соодветна област, награда и надоместок на трошоците за извршеното вештачење, основањето, надлежноста, организацијата и работењето на Комората за вештаци, како и други прашања кои се однесуваат на вештачењето (член 1 од Законот).

Со членот 8 од Законот, се определени областите во кои се врши вештачењето и тоа:

-материјално, сметководствено и финансиско работење,
-медицина (психијатрија, невропсихијатрија, хирургија, гинекологија, кардиологија, ортопедија и други),
-ветеринарство,
-градежништво и архитектура,
-електротехника,
-информатички технологии,
-машинство и сообраќај,
-земјоделство, шумарство и водостопанство,
-графологија,
-геодезија,
-рударство,
-технолошко инженерство,
-хемиско биолошко,
-молекуларна биологија и генетика,
-токсикологија и дроги,
-балистика,
-заштита на животната средина и екологијата,
-заштита на културното наследство,
-заштита на авторското право и други сродни права и права од интелектуална сопственост и
-други области.

Со членот 11 став 1 од Законот е определено дека стручен испит се спроведува заради оценување на потребното стручно знаење од соодветната област.

Од анализата на оспорениот член 9 став 1 алинеја 4 од Законот, произлегува дека законодавецот за полагање на стручен испит заради оценување на потребното стручно знаење од соодветната област, определил услов на кандидатот со правосилна одлука да не му е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност се додека траат последиците од забраната.

Забраната за вршење професија, дејност или должност е една од видовите на казни која согласно член 33 од Кривичниот законик (“Службен весник на Република Македонија” број 37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/2011, 135/2011 и 185/2011), може да му се изрече на кривично одговорниот сторител. Според членот 33 став 6 од Законикот, казната забрана на вршење професија, дејност или должност може да се изрече само како споредна казна заедно со казната затвор или со условна осуда со која е утврдена казна затвор, а според членот 38-б став 2 од Законикот, судот го определува траењето на забраната, кое не може да биде пократко од една ниту подолго од десет години, сметајќи од денот на правосилноста на одлуката, со тоа што времето поминато во затвор не се засметува во времето на нејзиното траење. Тоа значи дека изречената забрана дејствува ограничено, односно за периодот определен со правосилна одлука, во кој период осуденото лице не може да ја врши професијата, дејноста или должноста на која се однесува забраната.

Во конкретниот случај, законодавецот со оспорената одредба од член 9 став 1 алинеја 4 од Законот, уредил дека за периодот додека трае забраната за вршење на професија, дејност или должност, лицето да не може да полага стручен испит од соодветната област. Од содржината на оспорената законска одредба не произлегува правна последица од издржана казна, туку правна последица заради издржување на казна, па оттука предвидениот услов уреден со оспорената законска одредба, има дејство се додека дејствува забраната, односно се додека не се исцрпи казнено-правниот однос, но не и понатаму, што значи дека оспореното законско решение не уредува понатамошни последици по издржана казна од осуда за неговиот сторител, па оттука во случајов не станува збор за ограничување на права на граѓанин автоматски по сила на закон, како што се наведува со иницијативата, туку како последица од изречена правосилна одлука од надлежен орган и се додека трае правната последица од осудата.

Според тоа во случајов не станува збор за трајна неможност, односно за трајно ограничување за лицето да се јави како кандидат на испитот, а со тоа и за трајни последици од осуда без оглед на веќе издржана казна, туку за времено ограничување за точно утврден период со правосилната одлука на надлежен орган. Воедно, иако со оспорениот член 9 став 1 алинеја 4 од Законот, не се наведени кривичните дела од определена област за кои изречената забрана претставува пречка за полагање на стручен испит, тоа произлегува од алинејата 3 од наведениот член од Законот, според кој лицето треба да има високо образование од соодветна област (диплома со завршено четиригодишно високо образование или диплома со 300 кредити според европскиот кредит – трансфер систем (ЕКТС) за која област кандидатот аплицира. Оттука, произлегува дека забраната уредена со оспорената законска одредба е на релација со “соодветната област”, односно со точно определените области уредени со членот 8 од Законот, каде конкретно се наведени областите во кои се врши вештачењето. Законодавецот во функција на растеретување на одредбата со содржини кои произлегуваат од одредбите од Законот, ја уредил оспорената законска одредба, па оттука во конкретниот случај не може да стане збор за изречена казна за кривично дело од која било област, туку за кривично дело од областа за која вештакот ќе треба да вештачи, па во случај на постоење на правосилна одлука со која е изречена забрана за вршење на професија, дејност или должност, лицето во забранетиот период, нема да може да полага стручен испит од областа на професијата или дејноста за која забраната е изречена.

Од овие причини, Судот оцени дека во конкретниот случај, не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 9 став 1 алинеја 4 од Законот со одредбите од Уставот.

Од анализата на оспорениот член 19 став 2 алинеја 2 од Законот, произлегува обврска за лицето кое положило стручен испит, со барањето за издавање на лиценца за вештачење да приложи и доказ дека со правосилна одлука не му е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност, додека трае забраната.

Со одредбите од општиот дел од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ број 37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/2011, 135/2011 и 185/2011), е уредено прашањето на казнената евиденција.

Според членот 106 став 1 од Кривичниот законик, казнената евиденција ја води првостепениот суд надлежен според местото на раѓање на осудениот, освен ако со овој законик не е определен друг орган за водење на казнена евиденци, а според ставот 2 на истиот член од Законикот, за лицата родени во странство или за оние чие место на раѓање е непознато како и за правните лица казнената евиденција ја води судот определен со закон.

Со одредбите од ставовите 3 и 4 од членот 106 од Кривичниот законик е пропишан ограничен круг на овластени субјекти на кои можат да им се направат достапни податоците од казнената евиденција. Имено, овие податоци можат да му се дадат на судот и на јавното обвинителство во врска со кривичната постапка што се води против порано осудениот и на надлежните органи што учествуваат во постапката за давање амнестија и помилување. Податоците од казнената евиденција можат на образложено барање да им се дадат на државните органи, правни или физички лица ако уште траат определени правни последици од осудата или казни што се состојат во забрани или ако за тоа постои оправдан интерес заснован врз закон.

Согласно ставот 5 на членот 106 од Законикот, никој нема право да бара од граѓаните да поднесуваат докази за својата осудуваност или неосудуваност, а според ставот 6 на граѓаните по нивно барање, може да им се дадат податоци за нивната осудуваност или неосудуваност само ако овие податоци им се потребни заради остварувањето на нивните права во странство.

Врз основа на изнесените законски одредби произлегува дека никој нема право да бара од граѓаните да поднесуваат докази за својата осудуваност или неосудуваност.

Тргнувајќи од содржината на оспорената одредба од членот 19 став 2 алинеја 2 од Законот за вештачење, која уредува обврска за лицето кон барањето за издавање на лиценца, да достави доказ дека со правосилна одлука не му е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност, додека трае забраната, произлегува дека законодавецот уредил посебен услов за издавање на лиценца, односно доказ дека на лицето не му е изречена предметната забрана.

Оспорената одредба од Законот, наметнува обврска за граѓанинот да ја докажува својата неосудуваност пред надлежните органи за да може да се стекне со одредено право, што според Судот предизвикува негативен психолошки ефект врз чувството на достоинство и углед на граѓанинот.

Уставната определба и гаранција од членот 25 од Уставот за почитување и заштита на приватноста на личниот и семеен живот, на достоинството и угледот на граѓанинот, во себе ја инкорпорира и улогата на државата која треба да гарантира заштита на интегритетот и достоинството на начин со кој ќе обезбеди заштита во случај кога овие вредности се загрозени од друг, но и со избегнување на поединецот да му се наметнуваат обврски кои во конкретниот случај во постапка за издавање на лиценца за вештачење, можат службено да се проверат.

Во тој контекст одредбата од член 106 став 5 од Кривичниот законик со која се забранува од граѓаните да се бараат докази за нивната осудуваност или неосудуваност е уредена во функција на заштита на човековото достоинство, како што тоа е општо прифатениот принцип на забрана за самообвинување на осомничениот во казненото право, кој што е изграден подеднакво врз презумпцијата на невиност и заштитата на достоинството на поединецот.

Од овие причини според Судот, барањето од физичкото лице да достави доказ дека со правосилна одлука не му е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност, додека трае забраната, се сведува на барање изјава за нивната осудуваност или неосудуваност кое има ефект врз однесувањето на поединецот, што е проблематично како од аспект на заштита на човековото достоинство, така и од аспект на презумцијата на невиност на која се надоврзува забраната од лицето да се бара доказ за осудуваност, односно неосудуваност. Воедно, не е спорно дека забраната за вршење на дејност изречена со една осудителна пресуда мора да биде ефективна, односно дека не може да се дозволи лицето под таква забрана да ја врши таа дејност се додека таа забрана трае. Меѓутоа, утврдувањето на тој факт не може да биде обврска на поединецот кој е во прашање, туку на надлежниот орган што одлучува за давање на соодветни дозволи за вршење на дејноста и кој што за утврдување на таа законска обврска ја има на располагање службената казнена евиденција, како инструмент за правилно применување на законот, од кои причини Судот оцени дека оспорениот член 19 став 2 алинеја 2 од Законот, не е во согласност со одредбите од Уставот.

Од анализата на оспорениот член 20 став 1 точка 3 алинеја 4 од Законот, произлегува дека со лиценца за вештачење без полагање на стручен испит може да се стекне и лице кое има вишо или средно образование со регистриран занает од соодветна област (кујунџија, крзнар, часовничар, клучар, златар, оптичар или друг занает), по поднесување на барање за лиценца за вештачење и исполнување на одредени услови, а помеѓу другото и да не е осуден со правосилна судска одлука за кривично дело на безусловна казна затвор над шест месеци за времето додека траат правните последици од осудата.

Со оваа оспорена одредба е дадена можност на занаетчии од соодветна област, без полагање на стручниот испит да се стекнат со лиценца за вештачење, меѓутоа со таква лиценца тие лица нема да можат да се стекнат доколку се осудени со правосилна судска одлука за кривично дело на безусловна казна затвор над шест месеци за времето додека траат правните последици од осудата.

Во конкретниот случај, законодавецот со оспорената законска одредба уредил дека за периодот додека трае правната последица од осудата, односно за времето додека лицето е на издржување на казната затвор, нема да може да се стекне со лиценца за вештачење.

Со оглед дека и во овој случај станува збор за услов за сткнување со одредено право кој дејствува ограничено, односно за периодот додека траат правните последици од осудата, определен со правосилна одлука, уставносудска анализа и правно милење изнесена за оспорениот член 9 став 2 алинеја 2 од Законот, се однесува и за оспорениот член 20 став 1 точка 3 алинеја 4 од Законот. Исто така и во овој случај иако со оспорената одредба од Законот, не е конкретизирано за кои кривични дела се однесува уредениот услов, не може да стане збор за изречена казна за кривично дело од која било област, бидејќи од целината на членот 20 од Законот, неспорно произлегува дека тука станува збор за кривично дело од областа за која вештакот ќе треба да вештачи, односно за дела на релација со регистрираниот занает, па во случај на постоење на осуда со правосилна судска одлука на безусловна казна затвор над шест месеци за тој вид на кривични дела, за времето додека траат правните последици од осудата, лицето нема да може да се стекне со лиценца за вештачење. Од овие причини според Судот и во овој случај, не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 20 став 1 точка 3 алинеја 4 од Законот со одредбите од Уставот.

Со членот 26 став 1 од Законот е уредено во кои случаи министерот за правда може на вештакот да му ја одземе лиценцата за вештачење.

Од анализата на оспорениот член 26 став 1 алинеја 4 од Законот, произлегува дека министерот за правда може на вештакот да му ја одземе лиценцата за вештачење, ако со правосилна одлука е изречена забрана за вршење на професија, дејност или должност, за времето додека траат правните последици од изречената забрана, а според оспорената алинеја 5 од истиот член од Законот и ако е осуден со правосилна судска одлука за кривично дело на безусловна казна затвор над шест месеци, за времето додека траат правните последици од осудата.

Во конкретниот случај, станува збор за лице кое има лиценца за вештачење, со која се стекнал со исполнување на предвидените услови од Законот, уредени со законските одредби кои беа предмет на уставносудска анализа и за кои погоре е изнесено правно мислење за нивната согласност со одредбите од Уставот, која лиценца за вештачење во случајов му се одзема поради неисполнување на предвидените услови од Законот. Имено, во претходниот случај, неисполнувањето на предвидените услови со Законот, се пречка за стекнување со лиценца за вештачење за периодот додека трае одредена забрана за вршење на професија или дејност или додека трае последица од осуда на казна затвор, а во конкретниот случај со оспорениот член 26 став 1 алинеите 4 и 5 од Законот, тие предвидени услови се пречка лицето да ја задржи лиценцата за вештачење поради постоење на забрана за вршење на професија дејност или должност изречена со правосилна одлука или осуда со правосилна судска одлука за кривично дело на безусловна казна затвор над шест месеци. Со оспорените законски одредби е предвидено дека лиценцата за вештачење се одзема за времето додека траат правните последици од изречената забрана или осудата.

Законодавецот уредувајќи ги условите под кои едно лице може да се стекне со лиценца за вештачење, со оспорените законски одредби уредил и дека веќе издадените лиценци за вештачење, можат да бидат одземени доколку вештакот повеќе не ги исполнува предвидените законски услови. Меѓутоа, според Судот, во конкретниот случај, одземањето на лиценцата за вештачење, не претставува правна последица од осуда автоматски по сила на закон, туку како последица од правосилна одлука на надлежен орган со која е изречена забрана за вршење на одредена професија, дејност или должност и како последица од правосилна судска одлука за осуда на безусловна казна затвор над шест месеци и тоа само за периодот додека трае правната последица од изречената забрана или осудата, поради што во случајов неосновани се наводите од иницијативата дека правните последици од изречена забрана или осуда се надоврзуваат на веќе издржана казна, бидејќи тие правни последици имаат дејство само за периодите во кои лицето нема да може да врши професија, дејност или должност и само за периодот додека лицето е на издржување на затворска казна, а не и надвор од рамките на тие периоди. Исто така, иако со оспорените законски одредби не се наведени кривичните дела од определена област, за кои изречената забраната или затворска казна претставува пречка за задржување на лиценцата за вештачење, тоа несомнено произлегува од областите на дејности за кои вештакот ја добил лиценцата за вештачење. Од овие причини, неосновани се наводите во иницијативата дека со оспорените законски одредби кои уредуваат причини за одземање на веќе издадена лиценца за вештање, се ограничувале правата на граѓаните, бидејќи во секој случај изречената забрана или ефективна затворска казна е основ вештакот да не може да врши вештачење од соодветната област во периодот додека трае забраната или издржувањето на затворската казна.

6. Имајќи го предвид претходно изнесеното, Судот оцени дека оспорената одредба од членот 19 став 2 алинеја 2 од Законот не е во согласност со одредбите од Уставот, а по однос на одредбите од членот 9 став 1 алинеја 4, членот 20 став 1 точка 3 алинеја 4 и членот 26 став 1 алинеи 4 и 5 од Законот за вештачење, Судот оцени дека се во согласност со одредбите од Уставот.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.206/2011
18 септември 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски