У.бр.205/2010

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 9 февруари 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА предлогот на д-р Илија Јовев и Емилија Јовева, двајцата од Скопје за судир на надлежност меѓу Основниот суд Скопје II Скопје – како носител на судската власт и Министерството за финансии, како носител на извршната власт.

2. д-р Илија Јовев и Емилија Јовева, двајцата од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа предлог за решавање на судир на надлежност меѓу носителите на судската и извршната власт во спорот за недвижен имот – градежно земјиште дел од КП.бр.1915/1 – нов премер КО Центар 2 – Скопје во површина од 1.041 м.кв. и КП.бр.1915/4 – нов премер КО Центар 2 во површина од 45 м.кв. или вкупно 1.086 м.кв.

Подносителите, д-р Илија Јовев и Емилија Јовева, двајцата од Скопје, во истакнатиот предлог за решавање на судир на надлежностите сметаат дека по иста правна работа, односно за враќање на имот во сопственост на нивната мајка, се прифатиле да одлучуваат и орган на извршната власт и орган на судската власт, врз основа на што сега постоеле два правосилни акти и тоа:

– Решение на министерот за финансии преку Комисија за одлучување по барањата за денационализација – општина Центар под ДН.бр.17-08-311/1 (322) од 21.10.2002 година, со кое на нивната мајка, Лепосава Јовева и бил вратен во сопственост недвижниот имот – градежно земјиште дел од КП.1915/1 – нов премер КО Центар 2 – Скопје во површина од 1.041 м.кв. и КП.1915/4 – нов премер КО Центар 2 во површина од 45 м.кв. или вкупно 1.086 м.кв. (правосилно на 27.11.2002 година) и

– Пресуда на Основен суд Скопје II – Скопје под П.бр.6445/2007 од 25.06.2007 година, со која судот утврдил дека Лепосава Јовева нема право на сопственост и враќање во сопственост на недвижен имот – градежно земјиште дел од КП.1915/1 – нов премер КО Центар 2 Скопје во површина од 1.041 м.кв. и КП.1915/4 – нов премер КО Центар 2 во површина од 45 м.кв. или вкупно 1.086 м.кв. потврдена со пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев.бр.995/2008 од 9.09.2009 година.

Поради наведеното предлагаат Уставниот суд врз основа на член 110 алинеја 4 од Уставот и член 65 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија да донесе одлука со која ќе утврди кој орган е надлежен да одлучува за сопственост и враќање на имот во сопственост по основ на денационализација, односно да утврди дека според Законот за денационализација управниот орган – Министерство за финансии е стварно надлежен да одлучува за враќање на имот во сопственост по основ на денационализација.

3. Судот на седницата утврди дека Комисијата за одлучување по барањата за денационализација со седиште во Општина Центар – Скопје, постапувајќи по барањето за денационализација ДН.бр.17-08-311/1/ (322) од 10.07.2001 година, поднесено од Лепосава Јовева од Скопје, врз основа на член 15 став 2 од Законот за денационализација, донела Решение ДН.бр.17-08-311/1 (322) од 21.10.2002 година, со кое:

1) Барањето за денационализација ДН.бр. 17-08-311/1 (322) од 10.07.2001 година поднесено од барателот Лепосава Јовева од Скопје се уважува.

2) Недвижниот имот што претставува дел од ККП.бр.855 – стар премер, во КО – Долно Водно, односно дел од КП.бр.1915/1 – нов премер во КО Центар 2 во површина од 1.041 м.кв. и КП.бр.1915/4 – нов премер во КО Центар 2, во површина од 45 м.кв. има вкупна површина од 1.086 м.кв., одземен во корист на државата од Блажевиќ Најденов Божин од Скопје, правен претходник на барателот со Решение бр.4736 од 23.03.1965 година на Собранието на општината Идадија – Скопје и Решение бр.09/2-7468 од 12.07.1966 година на Собранието на општината Идадија – Скопје, СЕ ВРАЌА ВО СОПСТВЕНОСТ на барателот Лепосава Јовева.

3) СЕ ДАВА НАДОМЕСТ на барателот Лепосава Јовева во вкупен износ од 390.000,00 денари за недвижниот имот што претставува дел од КП.бр.1915/1 – нов премер, во КО Центар 1, во површина од 195 м.кв. одземен во корист на државата од Блажевиќ Најденов Божин од Скопје, правен претходник на барателот со Решение бр.4736 од 23.03.1965 година на Собранието на општина Идадија – Скопје и Решение бр.09/2-7468 од 12.07.1966 година, на Собранието на општина Идадија – Скопје.

4) Видот на надоместокот ќе се определи со дополнително решение.

Наведеното решение станало правосилно на ден 27.11.2007 година.

Основниот суд Скопје II Скопје, постапувајќи по тужбата на тужителот Радомир Карангелески од Скопје против тужената Лепосава Јовева од Скопје, за утврдување непостоење право на сопственост, со пресуда П.бр.6445/07 од 25 јуни 2007 година делумно го уважил тужбеното барање на тужителот Радомир Каранглески од Скопје и утврдил дека тужената Лепосава Јовева од Скопје, нема право на сопственост и враќање по основ на денационализација на градежното земјиште дел од КП.бр.1915/1 КО Центар 2 во површина од 1.041 м2. и дел од КП.бр.1915/1 КО Центар 2 вво површина од 45 м2. или вкупна површина од 1086 м2. кои претставуваат дел од КП.бр.1915/1 во површина од 2681 м2 и тоа под зграда 218 м2 и двор од 2463 м2. запишано врз основа на решение УП.бр.1004/426/1 од 5.04.2000 година на ДЗГР – Одделение за премер и катастар – Скопје во КП.7711 КО Центар 2 на име на тужителот.

Основниот суд Скопје II Скопје со Решение со истиот број под I се огласил за апсолутно ненадлежен суд за постапување по тужбата на тужителот во делот со кој бара да се утрди дека решението за денационализација ДН.бр.17-08-311/1 (322) од 21.10.2002 година донесено од Министерството за финансии – Комисија за одлучување по барањето за денационализација со седиште во Општина Центар – Скопје, во точка 2, не произведува правно дејство спрема тужителот и во овој дел тужбата на тужителот е отфрлена.

Апелациониот суд во Скопје со пресуда ГЖ.бр.6788/07 од 7.02.2008 година, делумно ја уважил жалбата на тужената и пресудата на Основниот суд Скопје II Скопје, под горенаведениот број ја применува и пресудува така што тужбеното барање на тужителот Радомир Карангелески од Скопје со кое бара да се утврди дека тужената Лепосава Јовева од Скопје нема право на сопственост и враќање на сопственост по основ на денационализација на наведените катастарски парцели како во изреката на првостепената пресуда, го одбил како неосновано.

Врховниот суд на Република Македонија со пресуда Рев.бр.995/2008 од 9.09.2009 година, изјавената ревизија на тужителот Радован Каранглески од Скопје го уважил. Пресудата на Апелациониот суд во Скопје ГЖ.бр.6788/07 од 7.02.2008 година, ја преиначил така што жалбата на тужената Лепосава Јовева од Скопје, ја одбил како неоснована, а пресудата на Основниот суд Скопје II Скопје П.бр.6445/7 од 25.06.2007 година во целост ја потврдил.

4. Според член 110 алинеја 4 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд е надлежен да решава за судирот на надлежностите меѓу носителите на законодавната, извршната и судската власт.

Согласно член 62 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија предлогот за решавање на судир на надлежност меѓу носителите на законодавната, извршната и судската власт може да поднесе секој од органите меѓу кои настанал судирот. Предлог може да поднесе и секој што поради прифаќањето или одбивањето на надлежноста на одделни органи не може да оствари свое право.

Според член 63 од Деловникот, органите од член 62 од овој деловник предлагаат за решавање на судир на надлежност може да го поднесат откако еден од органите со конечен или правосилен акт ја прифати или одбие надлежноста за решавање на ист предмет, а додека субјектите од член 62 од овој деловник кои поради прифаќањето или одбивањето на надлежноста не можат да остварат сво право, предлогот за решавање на судирот на надлежноста може да го поднесат откако и двата органа ја прифатиле или ја одбиле надлежноста со конечен или правосилен акт.

Во член 64 од Деловникот е предвидено дека предлогот за решавање на судир на надлежност содржи предмет на спорот поради кој настанал судирот, органите меѓу кои настанал судирот и означување на конечните односно правосилни акти со кои органите ја прифаќаат или одбиваат надлежноста да одлучува по ист предмет.

Според член 65, пак, од Деловникот, со одлука со која решава за судирот на надлежност, Уставниот суд го определува надлежниот орган за одлучување по предметот.

Од изнесените одредби произлегува дека лицата, односно субјектите кои поради прифаќањето или одбивањето на надлежноста не можат да остварат некое свое право, може да поднесат предлог за решавање судир на надлежности меѓу носителите на извршната и судската власт откако и двата органи ја прифатиле или ја одбиле надлежноста со конечен или правосилен акт. Понатаму предлог за решавање на судир на надлежноста субјектите може да поднесат само во случај кога станува збор за ист правен основ и за исти странки во конкретен предмет, кој се води истовремено, односно неопходна е истовременост.

Имајќи ја предвид утврдената фактичка состојба од која произлегува дека во конкретниов случај не може да се прифати тврдењето во предлогот за решавање на судир на надлежност дека постои судир меѓу извршната и судската власт, од причина што извршната власт постапувала по барање за денационализација, и тоа во периодот во 2001 година, каде странки се Министерството за финансии и Лепосава Јовева од Скопје, а судската власт постапувала по тужба за утврдување на непостоење на право на сопственост, која е заведена во 2006 година, каде како странки се јавуваат Радомир Карангелески – тужител и Лепосава Јовева – тужена, што значи дека станува збор за два различни предмети, со два различни основи, заведени во различни периоди и со различни субјекти, односно странки.

Имено, неспорно е дека со решение за денационализација ДН.бр.1708-311/1 (322) од 21.10.2002 година, донесено од Министерот за финансии – Комисија за одлучување по барањата за денационализација со седиште во Општина Центар по барање на тужената Лепосава Јовева поднесено на 10.07.2001 година и е вратен во сопственост предметниот недвижен имот.

Според член 63 став 2 од Законот за денационализација, заинтересираните лица можат своите права спрема лицата на кои им е вратен имотот или платен надомест според одредбите од овој закон да ги остваруваат со тужба пред надлежниот суд во рок од пет години по правосилноста на решението за денационализација.

Во смисла на наведеното, во текот на судската постапка, Судот утврдил дека тужителот – Радован Карангелески од Скопје има правен интерес да поднесе ваква тужба пред Судот, односно во смисла на член 177 став 2 од Законот за парничната постапка, тужителот може со тужба да бара да се утврди постоење или непостоење на некое право или правен однос кога тоа со посебни прописи е предвидено, како што е во случајов предвидено во член 63 став 2 од Законот за денационализација. Имено, тужителот како заинтересирано лице со право на користење на градежното изградено земјиште на кое поседува објект во сопственост, во смисла на одредбите од Законот за денационализација, има можност да бара остварување на своите права со поднесување тужба пред Судот. Оттука, заштитата на правата на заинтересирани лица – конкретно заштитата на правото на користење на предметното изградено градежно земјиште на тужителот, спрема лицата на кои им е вратен имотот по основ на денационализација – тужената Лепосава Јовева, се остварува со тужба пред надлежен суд што значи во судска постапка.

Сето горенаведено, упатува на заклучок дека во конкретниов случај нема процесни претпоставки за одлучување по предметот за решавање на судир на надлежностите во смисла на член 63 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, бидејќи не станува збор за ист предмет со ист правен основ, исти странки и истовременост на постапката.

5. Врз основа на изнесеното, Судот утврди дека во овој случај не постојат процесни претпоставки за одлучување по предлогот за решавање на судирот на надлежност во смисла на член 63 од Деловникот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.205/2010
9 февруари 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски