У.бр.205/2003

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 6 октомври 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 51 став 2 од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.97/2002).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 51 став 1 во делот во кој е забрането давање правни совети во печатени и електронски медиуми, од Статутот означен во точката 1 од ова решение.

3. Лорија Ваневска, адвокат од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Статутот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со одредбата на членот 51 од Статутот во која е утврдено дека за дебатни, стручни и научни истапувања на адвокатите согласност дава Управниот одбор на Адвокатската комора, се ограничувала слободата на јавно изразување на мислата и слободата на јавен настап, поради што овој член од Статутот не бил во согласност со членот 16 став 1 и 2 од Уставот.

Исто така, со овие одредби од Статутот се нарушувала и рамноправноста, односно еднаквоста на адвокатите во рамките на Адвокатската комора на Република Македонија, затоа што за јавните настапи на адвокатите во електронските и печатените медиуми во Статутот не биле утврдени никакви критериуми и услови, па Управниот одбор согласноста за тоа ја давал по сопствено наоѓање и мислење.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека еден од основните начини на кои се остварува функцијата на давањето на правна помош согласно членот 3 од Законот за адвокатурата е давањето на правни совети. Притоа, овој Закон ниту во членот 3, ни во другите членови, не ја ограничувал, ниту пропишувал формата и начинот на давањето на правни совети така што според најширокото толкување што го дозволувало Законот произлегувало дека адвокатите се должни секогаш и во секое време на граѓаните да им даваат правни совети. Оттука, и правните совети дадени преку средствата за јавно информирање во суштина претставувале облик со кој на поголем број граѓани им бил достапен бесплатен правен совет, кое нешто било предвидено со Професионалниот кодекс и етика на адвокатите.

Со оглед на тоа што со одредбата од ставот 1 на членот 51 од Статутот се забранувало давање правни совети во печатени и електронски медиуми, а од друга страна тоа не било забрането со членот 3 од Законот за адвокатурата, ниту, пак, оваа забрана произлегувала од другите негови одредби, подносителката на иницијативата смета дека таква забрана не можела да се предвиди со подзаконски акт, каков што е Статутот на Адвокатската комора, кој што произлегувал од Законот и морал да биде во согласност со него.

Поради наведените причини членот 51 од Статутот на Адвокатската комора не бил во согласност со Уставот и Законот за адвокатурата па затоа се предлага Судот да поведе постапка за оценување на неговата уставност и законитост.

4. Судот на седницата утврди дека според членот 51 став 1 од Статутот забрането е рекламирање на адвокатската дејност и давање правни совети во печатени и електронски медиуми, а според ставот 2 на овој член за дебатни, стручни и научни истапувања согласност дава Управниот одбор на Адвокатската комора.

5. При оценување на уставноста на ставот 2 на членот 51 од Статутот, Судот ги имаше предвид следните уставни одредби:

Во членот 8 од Уставот, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, меѓу другите, се утврдени основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и принципот на владеењето на правото.

Во делот на граѓанските и политичките слободи и права, Уставот во членот 16 став 1 и 2, меѓу другото, ја гарантира слободата на јавното изразување на мислата и слободата на јавниот настап, кои што во иницијативата се наведува дека се ограничуваат со одредбата на ставот 2 на членот 51 од Статутот.

Понатаму, како релевантен член од Уставот кој што се имаше предвид при градењето на правното мислење во однос на уставноста на оваа одредба од Статутот е членот 54 во кој што, меѓу другото е утврдено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот (став 1) и дека ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува, покрај за другите слободи и права и за слободата на јавното изразување на мислата за која станува збор во конкретниот случај (став 4).

Од наведените одредби од Уставот произлегува дека остварувањето на уставно гарантираните слободи на јавно изразување на мислата и јавниот настап не можат да се ограничат во ниеден случај, што значи дека овие две слободи Уставот ги определува како апсолутни без ограничување.

Инаку, смислата на слободата на јавно изразување на мислата и слободата на јавниот настап е секој да може јавно да ги искаже сопствените погледи и мислења за било кое прашање, настан или појава и тоа на сите места кои за тоа се определени и можни, како на пример на организирани советувања, симпозиуми, научни и стручни собири, јавни трибини и слично или преку определени средства за јавно информирање. Исто така, слободата на јавно изразување на мислата и на јавниот настап не претпоставуваат обврска претходно да се пријави говорот, односно настапот, ниту значи дека некој од некого е должен да бара претходно одобрение за тоа.

Меѓутоа, ваквата апсолутност и неограниченост на овие две слободи не значи дека е дозволено тие да бидат и злоупотребени во смисла, на пример на нарушување на јавниот ред и мир, повреда на достоинството и интегритетот на личноста, како и доведување во прашање на слободите и правата на другите граѓани.

Имајќи го предвид наведеното Судот утврди дека основано може да се постави прашањето за согласноста на одредбата од ставот 2 на членот 51 од Статутот со Уставот на Република Македонија, затоа што со самото предвидување дека за дебатни, стручни и научни истапувања на адвокатот согласност дава Управниот одбор однапред се попречува, односно ограничува остварувањето на неговата слобода на јавно изразување на мислата и на јавен настап, гарантирани со членот 16 став 1 и 2 од Уставот. Ова дотолку повеќе што настапувањето на адвокатите на стручни и научни дебати не може да се подведе под вршење на адвокатска дејност во смисла на Законот за адвокатурата, па затоа ваквото нивно истапување не може да се ограничува ниту со закон, ни со Статутот на Адвокатската комора.

Инаку, спречувањето на злоупотребата на слободата на јавното изразување на мислата и слободата на јавниот настап на дебатни, стручни и научни собири на адвокатите со штетни последици во однос на угледот на адвокатурата и совесното и стручно вршење на адвокатската дејност, каква што била намерата на Адвокатската комора со утврдување на оваа одредба, според мислењето на Судот, може да се постигне во рамките на законската можност за одговорноста на адвокатите за повреда на адвокатските должности и угледот на адвокатурата.

6. При оценување на уставноста и законитоста на оспорениот дел од членот 51 став 1 од Статутот, Судот ги имаше предвид следните уставни и законски одредби:

Во членот 53 од Уставот, кој што спаѓа во делот на уставните гаранции на основните слободи и права на човекот и граѓанинот е утврдено дека адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Обезбедувањето на правната помош од страна на адвокатурата, нејзината организација, условите за вршење и престанок на адвокатската дејност, како и правата и обврските, односно должностите на адвокатите се уредени со Законот за адвокатурата (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2002).

Согласно членот 3 од овој закон, правната помош што ја обезбедува адвокатурата се состои, меѓу другото, и во давање на правни совети на физичките и правни лица, за каква што помош станува збор во ставот 1 на оспорениот член 51 од Статутот.

Според членот 9 од Законот, седиштето на канцеларијата на адвокатот поединец го определува адвокатот, а на адвокатското друштво адвокатот основач на адвокатското друштво, по слободен избор (став 1), а канцеларијата и на адвокатот подинец и на адвокатското друштво мораат да исполнуваат минимално хигиенско- технички услови за квалитетно давање правна помош, утврдени со општ акт на Адвокатската комора на Република Македонија (став 3).

Од наведеното произлегува дека обезбедувањето на правната помош, а во тие рамки и давањето на правни совети на граѓаните и правните лица во остварувањето и заштитата на нивните права и правни интереси од страна на адвокатурата, односно адвокатите, според Законот, помеѓу другото, е условено и со имање на адвокатска канцеларија, која мора да исполнува определени услови за квалитетно давање на правна помош.

Условувањето на вршењето на адвокатската дејност во адвокатска канцеларија, има своја основаност и оправданост пред се во уставната позиција и значење на адвокатурата за остварување на слободите и правата на човекот и граѓанинот и нејзиниот статус како независна и самостојна јавна служба што обезбедува правна помош во согласност со закон. Затоа, во овој контекст од посебно значење се и одредбите од Законот во кои освен правата, се утврдени и должностите и одговорностите на адвокатите.

Имено, според членот 17 став 1 од Законот, правната помош на странката адвокатот ја дава совесно и стручно, согласно со закон, Кодексот на адвокатската етика и другите акти на Комората и како тајна го чува она што му го доверила странката. Понатаму, според членот 18 став 1 од Законот, адвокатот става свој потпис и печат на секоја исправа или поднесок составен во неговата канцеларија.

Според членот 30 од Законот, адвокатите се одговорни за стручно и совесно вршење на адвокатската должност и за чување на угледот на адвокатурата. Повредите на адвокатската должност и угледот на адвокатурата за кои може да се изречат дисциплинските мерки утврдени во членот 31 став 1 од Законот, според член 30 став 3 од Законот поблиску се определуваат со акт на Адвокатската комора на Република Македонија.

Адвокатската комора на Република Македонија, како форма на организирање на адвокатите преку која се остварува самостојноста и независноста на адвокатурата како јавна служба, има свој статут со кој, согласно членот 37 од Законот, се уредуваат особено: делокругот, организацијата и работата на органите на Комората, начинот и постапката за упис во имениците на адвокатите, на адвокатските стручни соработници и на адвокатските приправници, органите што ја водат дисциплинската постапка, правата и должностите на адвокатите и други прашања.

Во Статутот на Адвокатската комора, во кој се уредени прашањата на кои се упатува во членот 37 од Законот, во делот VI насловен како “Адвокатска дејност” се уредени, меѓу другото, и прашања во врска со носителот на дејноста и организационите форми за вршење на адвокатската дејност, во чии рамки е и членот 51 кој што се оспорува со оваа иницијатива.

Од наведените уставни и законски одредби, како и од содржината на ставот 1 на членот 51 од Статутот, според чиј оспорен дел е забрането давање на правни совети во печатени и електронски медиуми, според мислењето на Судот произлегува дека оваа забрана кореспондира со начинот, облиците и условите меѓу кои и просторните услови за давање на правна помош од страна на адвокатите утврдени во Законот за адвокатурата, како и со нивната законска обврска за совесно и стручно давање на правна помош што претпоставува непосредни контакти и комуникација меѓу адвокатот и странката и со обврската за зачувување на тајноста на се она што странката му го доверила.

Тоа од друга страна значи дека и од толкувањето на самиот Закон за адвокатурата не произлегува дека е можно, односно дозволено правните совети да се даваат преку печатени и електронски медиуми, бидејќи преку ваквиот начин на давање правни совети не се оствруваат односи меѓу адвокатот и странката за да правната помош биде дадена на начин и под услови предвидени со Законот. Оттука, забраната за давање правни совети во печатени и електронски медиуми посредно произлегува и е во согласност со интенцијата на самиот Закон за адвокатурата, а во Статутот на Адвокатската комора таа само подецидно е утврдена согласно овластувањето од членот 37 од Законот.

Поради наведеното, Судот утврди дека не постојат основи за поставување на прашањето за согласноста на одредбата на членот 51 став 1 од Статутот според која е забрането давање на правни совети во печатени и електронски медиуми ниту со Уставот, ни со Законот за адвокатурата.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов. Решението под точката 2 Судот го донесе со мнозинство гласови.

У.бр.205/2003
6 октомври 2004 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова