У.бр.203/2000

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 декември 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Борис Младеновски од Велес за заштита на слободи и права утврдени во член 9 и 24 од Уставот на Република Македонија.

2. Борис Младеновски од Велес на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата утврдени во член 9 и 24 од Уставот, а кои права биле повредени од одредени судии на Основниот суд – Велес, кои не се произнесувале или неправилно ја воделе постапката поради што подносителот на барањето не може да го оствари правото на пензија ниту можел да оствари парични побарувања и други права.

3. Разгледувајќи го барањето, Судот утврди дека тоа не се однесува на основните слободи и права утврдени во член 110 став 3 од Уставот, според кој Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот кои се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност, туку барањето се однесува на остварување на судска заштита на право од работен однос и заштита на правата на граѓаните за поднесување на претставки и добивање одговор на истите.

4. Со оглед на тоа што барањето не се однесува на заштита на наведените слободи и права, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува по него и одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.203/2000
13 декември 2000 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Тодор Џунов