У.бр.201/2008

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 13 мај 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 2 став 2 и членот 3 точка 4 од Законот за експропријација (“Службен весник на Република Македонија” број 33/95, 20/98, 40/99, 31/2003, 46/2005, 10/2008 и 106/2008).

2. Ова решение ќе се објави до „Службен весник на Република Македонија“.

3. „Макпетрол“ АД Скопје и Мирослав Грчев од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 1 и член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за експропријација („Службен весник на Република Македонија“ бр.106/2008), односно на одредбите од целината на Законот за експропријација означени во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата на „Макпетрол“ АД Скопје одредбите од Законот се оспоруваат заради повреда на темелните уставни вредности: владеењето на правото, начелото на законитост и правната заштита на сопственоста од членот 8 од Уставот.

По однос на оспорениот член 2 став 2 од Законот се наведува дека според начинот на уредување на прашањата поврзани со експропријацијата и со оглед на целта на која таа и служела одредбата не припаѓала кон системот на многу прецизни и јасни и норми кои се однесувале на утврдувањето на јавниот интерес за спроведување на постапката за експропријација. За подносителот на иницијативата не било случајно што одредбата не била внесена во ставот 1 на членот 2 од Законот, бидејќи со неа се утврдувал нов случај на постоење на јавен интерес за покренување на постапка за експропријација. Имено, во членот 2 став 1 алинеја 10 од Законот било утврдено дека јавен интерес постои во случајот на „изградба на гасоводи, нафтоводи и други водови“.

Што се однесува до оспорениот член 3 точка 4 од Законот, подносителот на иницијативата најнапред наведува дека тој не е во согласност со одредбите на Уставот и појаснува дека круцијалниот проблем од уставно правно гледиште било прашањето за одземањето и ограничувањето на сопственоста. Потоа, се цитира членот 30 став 3 од Уставот и се наведува дека од неговата содржина произле-гувале два заклучока. Првиот дека државата можела да пристапи кон одземање или ограничување на соственоста откако претходно, со закон, ќе го утврди јавниот интерес. Второ, македонскиот Устав како единствено средство за одземање и ограничување на сопственоста ја дозволувал експропријацијата, но не и национализацијата која му била туѓа на Уставот.

Во натамошниот текст на иницијативата се наведува дека уставниот концепт на експропријацијата бил разработен и конкретизиран во Законот за експропријација, при што Законот најнапред на општ начин супсумирал што се смета за јавен интерес, а потоа и ги нумерирал четиринаесетте случаи за кои се определува покренување и водење на постапка за експропријација, со оградување дека јавен интерес за изградба на објекти и изведување на други работи можел да се утврди и со друг закон.

Потоа подносителот на иницијативата дава свое видување за тоа што се подразбира под експропријација во општа смисла и наведува дека апсолутен услов за нејзино вршење било постоењето на јавниот интерес кој не се претпоставувал, туку се утврдувал, согласно со закон, за секој конкретен случај. Оттаму, Законот не случајно ги набројал многу прецизно случаите кога се сметало дека постои јавен интерес за покренување на ваков вид постапка, а надвор од тие случаи тоа било речиси невозможно што укажувало на многу рестриктивен концепт на македонското право во поглед на одзема-њето на правото на сопственост и правата што произлегувале од него.

Притоа, оспорената одредба со оглед на предметот на уредување и со оглед на својата социјална функција не припаѓала природно на одредбите содржани во членот 2 од Законот и кога тие би се сватиле во најекстензивна смисла. Напротив, со оспорената одредба се определувало дека експропријација може да се врши на објекти, постројки и водови за пренос на електрична енергија, односно пренос на природен гас за вршење на дејност од јавен интерес, иако во Законот за енергетика преносот на електрична енергија и преносот на природен гас веќе биле прогласени за дејности од јавен интерес. Меѓутоа, не требало на овој начин да се конфундира карактерот на дејноста, со постоење на јавен интерес утврден со закон, бидејќи таков интерес бил утврден веќе во членот 2 став 1 алинеја 10 од Законот каде како услов за експропријацијата било пропишано „изградба на гасоводи, нафтоводи и други водови„ Оттаму, посто-ењето на јавниот интрес, законодавецот очигледно го врзал за изградбата на објекти и постројки, а не и за готови објекти и постројки, како и за водови на електрична енергија и природен гас.

За подносителот на иницијативата не било без значење и тоа што во оспорениот член 2 од Законот се проширила листата на корисници на експропријацијата (за потребите на правни лица кои вршат дејност-пренос на електрична енергија, односно пренос на природен гас) со што државата недвосмислено ја формулирала својата цел да ги присвои веќе изградените објекти, постројки и водови за електрична енергија и гас и да им ги предаде на управу-вање на „своите претпријатија“.

Врз основа на сето наведено произлегувало дека експропријацијата имала строго функционален карактер и се спроведувала само заради изградба на објекти и изведување на работи од јавен интерес, а надвор од постигнувањето на тој јавен интерес не постоело оправдување за спроведување на постапка за експропријација, од каде немало никакво оправдување и за оспорениот член 2 став 2 од Законот. Имено, причините што ја оправдувале еспропријацијата се состоеле во изградба на објекти и изведување на работи од јавен интерес предвидени со актите за планирање на просторот, но во случајот пропишан во оспорениот член 2 став 2 од Законот се рабо-тело за експропријација на веќе играден објект, кој функционирал, како што биле постројките и водовите за електрична енергија, одно-сно за пренос на природен гас.

Од тие причини, според подносителот на иницијативата, законодавецот не барал оправдување на експропријацијата бидејќи под нејзина капа требала да се спроведе национализација, одземање на сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, која нашиот Устав не ја познавал. Во таа смисла оспорениот член 1 од Законот не бил во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 30 од Уставот.

Врз основа на сето наведено се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста, а потоа да ги поништи оспорените одредби.

Во иницијативата на Мирослав Грчев од Скопје се наведува дека во оспорениот член 2 став 2 од Законот, меѓу другото, било наведено дека „експропријацијата може да се врши на објекти, постројки и водови…за вршење на дејност од јавен интерес…“ што значело дека се менувала природата на експропријацијата утврдена со Уставот и со сите други одредби од Законот за експропријација и наместо за изградба на објекти од јавен интерес таа се применувала на изградени објекти за вршење на дејност од јавен интерес или на објекти за чијашто изградба веќе била извршена еспропријација.

Во Законот не постоеле услови, критериуми и постапка од кои можело да се одреди во која ситуација и услови и во која постапка можела да се одземе сопственоста над изградените објекти од јавен интерес и да се продолжи да се врши дејноста со објектите во сопственост и полза на предлагачот на експропријацијата. Исто така, не постоела никаква правна заштита на жртвите на ваквата експропријација. Оттаму, оспорениот член 2 став 2 од Законот го нарушувал владеењето на правото, уставната заштита на сопстве-носта и еднаквата поставеност на економските субјекти на пазарот.

Со оспорениот член 3 точка 4 од Законот буквално се уривала уставната одредба за еднаква правна положба на сите економски субјекти, бидејќи со него се „уточнувало“ дека експропријација на изградени објекти можела да се изврши и за потребите на правните лица кои вршат дејност пренос на електрична енергија и енергенси.

Бидејќи оспорените одредби од Законот ги повредувале член 8 став 1 алинеја 3, член 30 и член 55 од Уставот се предлага поведување на постапка за оценување на нивната уставност, а потоа и донесување на одлука за нивно укинување.

4. Судот на седницата утврди дека, според оспорениот член 2 став 2 од Законот, експропријација може да се изврши на објекти, постројки и водови за пренос на електрична енергија, односно пренос на природен гас за вршење на дејност од јавен интерес утврден со закон.

Според оспорениот членот 3 точка 4 од Законот, експропријацијата може да се врши за потребите на правните лица кои вршат дејност-пренос на електрична енергија, односно пренос на природен гас.

5. Според член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 7 од Уставот, владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Според ставот 2, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за доброто на поединецот и на заедницата, според став 3, никому не може да му биде одземена или ограничена сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон, а според ставот 4 од овој член на Уставот во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Според членот 55 од Уставот, се гаранитира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Прашањата во врска со експропријацијата на сопстве-носта и правата кои произлегуваат од неа на земјиште, згради и други објекти (недвижности) заради изградба на објекти и изведување други работи од јавен интерес, утврдување на јавниот интерес и определувањето на праведниот надомест за експроприраните недвижности се уредени со Законот за експропријација (“Службен весник на Република Македонија” број 33/95, 20/98, 40/99, 31/2003, 46/2005, 10/2008 и 106/2008).

Според член 2 став 3 од Законот, јавен интерес за изгра-дба на објекти и за изведување на други работи може да се утврди и со друг закон.

Според тоа, експропријацијата како административно-правен институт се презема не само заради изградба на објекти, туку и заради изведување други работи од јавен интерес, од каде Судот оцени дека е неоснован наводот во иницијативите дека законодавецот постоењето на јавниот интрес очигледно го врзал за изгра-дбата на објекти и постројки, а не и за готови, веќе изградени објекти и постројки, како и за водови на електрична енергија и природен гас. Пристапувањето кон експропријација заради изградба на објекти и пристапувањето кон експропријација на веќе изградени објекти, постројки и водови за пренос на електрична енергија, односно пренос на природен гас од јавен интерес се две различни правни ситуации. Во првата се експроприра недвижноста заради изградба на нов објект, а во втората се експроприра недвижноста заради вршење на работи од јавен интерес пренос на електрична енергија, односно пренос на природен гас, кои како дејности од јавен интерес се утврдени во Законот за енергетика. Впрочем јавниот интерес, според цитираниот член 2 став 3 од Законот може да се утврди и со друг закон, како што е овде случај. Во исто време, законодавецот, само во овој специфичен случај (веќе изградени објекти, постројки и водови за пренос на електрична енергија, односно пренос на природен гас) не предвидел експропријација заради изградба. Според Судот ова со цел брзо и непречено продолжување на дејностите пренос на електрична енергија и пренос на природен гас, доколку по законски спроведена постапка дојде до одземање на лиценцата на вршителите на дејноста, а како изградба на сосема нов ситем за краток временски период практично е невозможна.

Експропријацијата според тоа се врши со цел изградба на објекти, но и изведување на други работи како што е вршењето на пренос на електрична енергија и пренос на природен гас како дејности од јавен интерес утврдени како такви во Законот за енерегетика.

Одредбите од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.63/2006, 36/2007 и 106/2008) го уредуваат правниот режим за обезбедување на целите на овој закон кои се предвидени во членот 2, со кои требало да се обезбеди сигурно, квалитетно и ефикасно снабдување со енергија на потрошувачите и да се создаде финансиски одржлив енергетски сектор, негов развој и заштита на животната средина од негативните влијанија при вршењето на одделни дејности од областа на енергетиката.

Со членот 3 од Законот се определени дејностите од областа на енергетиката и како такви се определени преносот на електрична енергија и преносот на природен гас. Според членот 4 од Законот, дејностите од областа на енергетиката можат да ги вршат домашни и странски правни лица врз основа на лиценца издадена од Регулаторната комисија за енергетика, под услови и начин опреде-лени со овој закон за секоја од дејностите од членот 3, освен ако поинаку не е уредено со овој закон.

Дејностите од членот 3 на овој закон можат да се вршат ако објектите, уредите и постројките за вршење на тие дејности ги исполнуваат пропишаните стандарди, технички нормативи и нормите на квалитет и со нивната работа да не се загрозуваат луѓето, материјалните добра, животната средина и природата.

Со членот 6 став 1 од Законот е определено дека правните лица кои ги вршат наведените дејности (во кои под точка 2 и точка 8 се преносот на електрична енергија и преносот на природен гас), ги имаат обврските за јавна услуга определена со овој закон. Во ставот 2 од овој член од Законот, е уредено дека јавен интерес во вршењето на дејностите од ставот 1 на овој член се обезбедува од страна на вршителот на дејноста преку исполнување на обврската за обезбедување на јавна услуга на начин и постапка определени со лиценцата за вршење на соодветната енергетска дејност, а во согласност со условите утврдени со закон или друг пропис.

Според членот 50 од Законот, лиценцата може да се одземе ако носителот на лиценцата:

– не започне со вршење на дејноста од членот 6 на овој закон, за која е издадена лиценцата, во рок определен со лиценцата,
– не ја врши дејноста за која е издадена лиценцата на начин и под услови пропишани со овој закон и други прописи и со лиценцата,
– престанал да ги исполнува условите за вршење на дејноста од членот 3 на овој закон, за која е издадена лиценцата и
– во определен рок не постапи по барањето на надле-жните органи за отстранување на недостатоците во работењето.

Во членот 51 став 1 од Законот е определено дека доколку лиценцата е одземена, Регулаторната комисија за енергетика ќе објави јавен повик за избор на нов носител на лиценца. Се додека не се избере нов носител на лиценца, претходниот носител на лиценца е должен да продолжи со извршувањето на дејноста под надзор на надлежниот инспекторат.

Со измените и дополнувањата на Законот за енергетика објавени во „Службен весник на Република Македонија“ број 106/2008, во членот 51 по ставот 1 се додадени девет нови става кои беа предмет на оцена во постапката по предметот У.бр.213/2008 по повод иницијатива на АД Макпетрол. Судот со решение од 24 април 2009 година не поведе постапка за оценување на уставноста на член 51 ставови 2 до 10 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.63/2006, 36/2007 и 106/2008).

Од содржината на членот 51 од Законот, произлегува дека одредбите се однесуваат само за двете енергетски дејности-пренос на електрична енергија и пренос на природен гас. Според ставот 8 од овој член, доколку субјектите од претходниот став на овој член, во дадениот рок не ги уредат меѓусебните права и обврски, на предлог на новиот носител на лиценца за пренос на електрична енергија, односно пренос на природен гас ќе се изврши експропријација на системот за пренос на електрична енергија, односно пренос на природен гас согласно со Законот за експропријација.

Од анализата на цитираните одредби од Законот за енергетика произлегува дека правните лица кои вршат пренос на електрична енергија, односно пренос на природен гас ги имаат обврските за јавна услуга, а јавниот интерес во вршењето на дејностите се обезбедува од страна на вршителот на дејноста преку исполнување на обврската за обезбедување на јавна услуга на начин и постапка определени со лиценцата за вршење на соодветната енергетска дејност. Во случај на одземање на лиценцата за пренос на електрична енергија, односно пренос на природен гас Законот предвидел мерки (член 51) кои одат во насока да се обезбеди сигурно, квалитетно, ефикасно и непречено снабдување со енергија на потрошувачите. За таа цел како последна од мерките предвидени во членот 51 од Законот е определена експропријацијата, која по својот карактер е административно-правен институт, преку опреде-лбата на предлог на новиот носител на лиценца за пренос на електрична енергија, односно пренос на природен гас да се изврши експропријација на системот за пренос на електрична енергија, односно пренос на природен гас и тоа согласно со Законот за експропријација.

Поконкретно, ако новиот носител на лиценца согласно членот 51 став 8 од Законот за енергетика може да предложи експропријација но судот не наоѓа дека постои уставна пречка тој како вршител на дејноста од јавен интерес да се јави и како правно лице за чии потреби се врши експропријацијата согласно оспорениот член 3 точка 4 од Законот за експропријација.

Оттаму, како логична последица на ваквото законско уредување во Законот за енергетика е направено и уредувањето во оспорените членови од Законот за експропријација со определбата, експропријација да може да се изврши на објекти, постројки и водови за пренос на електрична енергија, односно пренос на природен гас за вршење на дејност од јавен интерес утврден со закон (член 1), односно експропријацијата да се изврши за потребите на правните лица кои вршат дејност-пренос на електрична енергија, односно пренос на природен гас (член 2).

Според Судот треба да се има предвид и ситуацијата кога новиот носител на лиценца нема сопствен систем (објекти, постројки, односно соодветна недвижност за вршење на дејноста) кое нешто и не е услов за добивање на лиценца и при состојба кога тој систем не е во функција заради одземање на лиценцата, законодавецот за решавање на таа потреба на новиот носител на лиценца, предвидел законско решение со кое покрај правото за договарање, предвидел и административна мерка-експропријација во корист на новиот носител на лиценца и тоа преку уредувањето во двата закона, Законот за експропријација и Законот за енергетика.

Оттаму, оспорениот член 3 точка 4 од Законот со опреде-лбата експропријацијата да се врши за потребите на правните лица кои вршат дејност-пренос на електрична енергија, односно пренос на природен гас е само последица од определбата на членот 51 став 8 од Законот за енергетика кон експропријација да се пристапи на предлог на новиот носител на лиценца за пренос на електрична енергија, односно пренос на природен гас согласно со Законот за експропријација. Новиот носител на лиценцата пак, има својство на корисник на експропријацијата кој согласно членот 13 став 1 од Законот за експропријација е овластен да предложи експропријација до Управата за имотно-правни работи (орган за експропријација).

Со цел да добие одговор на прашањето дали со оспоре-ните одредби се повредува гарантираното право на сопственост од членот 30 од Уставот и дали во овој случај се работи за одземање на сопственоста без постоење на работи од јавен интерес Судот имаше предвид дека експропријацијата не е единствен легален инструмент за решавање на имотно-правните односи и одземањето на сопстве-носта, односно преносот од еден на друг сопственик или само користењето, но истата наоѓа своја примена само во случај кога сопственикот на системот и новиот носител на лиценцата нема да ги уредат меѓусебните односи во законски определениот рок, а притоа постои сериозна опасност од прекин или невршење на дејности од витално значење за државата-пренос на електрична енергија, односно пренос на природен гас. Според тоа, до одземање на сопственоста неспорно доаѓа заради постоење на работи од јавен интерес и тоа откако ќе се исцрпат сите расположиви мерки од членот 51 од Законот за енергетика, во кој случај општото добро непречено снабдување со енергенси за сите надвладува над индивидуалното право на сопственост.

Исто така, Судот имаше предвид дека според членот 10 од Законот за експропријација, за експроприраната недвижност припаѓа праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност на недвижноста, при што за определување на праведниот надомест се утврдува пазарната вредност на недвижноста врз основа на критериумите утврдени со овој закон во моментот на поднесување на предлогот за експропријација или по барање на сопственикот, односно носителот на друго имотно право, во моментот на опреде-лувањето на надоместот, што преставува одредба во функција на операционализација на членот 30 став 4 од Уставот, според кој во случај на експропријација на сопственикот или во случај на ограни-чување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

При состојба кога Законот за експропријација го уредува прашањето за праведен надомест за експроприраното добро, неосно-вани се наводите од иницијативата дека со оспорените одредби се вршела национализација која му била туѓа на Уставот.

Врз основа на изнесените норми од Уставот, одредбите од Законот за експропријација и Законот за енергетика произлегува дека вршењето на енергетските дејности претставува значаен нацио-нален интерес поради кој државата има обврска да овозможи непречен континуитет на одвивање на овие јавни услуги, но и обврска да го воспостави балансот на односите на државното и приватното делување и нивното регулирање во Република Македонија во рамки на инфраструктурата, која секако е различна од други држави.

Република Македонија, заедно со други држави од една страна и Европската заедница од друга страна, на 19 мај 2005 година склучиле Договор за основање на Енергетска Заедница, а Собранието на Република Македонија со Закон го ратификувало овој договор, на 3 мај 2006 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2006).

Задачата на Енергетската заедница е да ги организира односите меѓу страните и да создаде правна и економска рамка за мрежна енергија со цел меѓу другото да создаде стабилна регулаторна и пазарна рамка способна да привлече инвестиции во гасоводните мрежи, производството на електрична енергија и негов пренос и дистрибуција, така што сите страни ќе имаат стабилно и непрекинато снабдување со енергија, потоа сигурност на снабду-вањето и стабилна инвестициска клима, а животната средина да се подобри, развивање на пазарната конкуренција и мрежната енергија ги вклучува секторите за електрична енергија и гас што потпаѓаат под полето на примена на Директивите на Европската заедница 2003/54/ЕС и 2003/55/ЕС.

Со Директивата број 2003/54/ЕС на Европскиот парламент и Совет, од 26 јуни 2003 година се утврдени општите правила на внатрешниот пазар на електрична енергија, а со Директивата број 2003/55/ЕС исто од 26 јуни 2003 година се утврдени заедничките правила на внатрешниот пазар за природен гас.

Со нив се поставени мерки што треба да ги преземаат државите на национално ниво за постигање на високи стандарди на јавните услуги, како од аспект на критериуми за техничка безбедност и правила така и од други аспекти кои се однесуваат за одржување и развој на преносниот систем и на интерконективниот капацитет. Со Директивите не се дава правна регулатива или директива за имотните односи, нивното решавање и односот на државата и претпријатијата, туку се диктираат други критериуми, а начинот на нивното исполнување е прашање на националната регулативата.

Битно е што со Договорот се определува усогласувањето со „општоприменливите стандарди на Европската заедница“ кои се однесуват на техничките системи што се применуваат во рамки на Европската заедница за безбедна и ефикасна работа со мрежни системи вклучително и аспекти на пренос, прекугранични врски, модулација и општите безбедносни стандарди за техничките системи според правилата и деловните практики.

Со Директивите се определува дека операторите на системите во својата правна форма, организација и процес на одлу-чување се одвоени од другите активности, и се независни, без оглед дали се дел од вертикално интегрирано претпријатие, и овие правила нема да создадат обврска за одделување на сопственоста на имотот на преносниот систем од вертикално интегрираното претпријатие (член 9 и член 15).

Тоа значи, сопственоста на системот е без суштинско влијание кога станува збор за работата на операторот кој е правен субјект со лиценца, бидејќи операторот има независна форма спрема другите и кога е дел од претпријатие со сопствен систем, и кога не е дел од такво претпријатие со сопствен систем, но всушност е дирекно одговорен за функционирање врз правила и стандарди воспоставени со домашните и меѓународните прописи и акти. Сопственоста на системот не е предмет на уредување со Директивите и со Договорот, но се упатува на деловна практика според која земјата ќе овозможи непречено функционирање на енергетските дејности за пренос на електрична енергија и гас, а сопственоста на системите се прашања на капитал и добивките од тоа според акционерските удели, инаку како би било можно непреченото функционирање на системите. Сето тоа добива смисла и со одредбата од членот 30 став 2 од Уставот на Република Македонија, според која сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата.

Постапките од носителите на сопственоста на системите влијаат и ги засегаат другите. Јавната услуга на дејноста ја сведува сопственоста надвор од рамките на личните и приватните потреби и интереси на сопственикот. Сопственоста, во случајов, треба нужно да функционира и за потребите на заедницата, а приватното и колекти-вното се во меѓусебна зависност поради што односите треба и соодветно да бидат регулирани, како одговорност на државата и одго-ворност на приватните сопственици на капиталот во енергетиката, односно поделена одговорност во оваа специфична економска материја.

Тргнувајќи од погоре изнесеното, уставно гарантираните права на сопственост, слободата на пазарот и претприемништвото и сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето, не се слободи и права апстрактно поставени со Уставот, туку тие се само дел од уставниот концепт кој општо треба да обезбе-ди основа за остварување на темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со оглед на тоа, оспорените одредби од Законот се една форма на државен режим за начинот и условите на вршење на преносот на електрична енергија и преносот на природен гас во Република Македонија, специфично уредени со оспорените одредби од Законот за експропријација и Законот за енергетика кој го користи административно-правниот институт експропријација, без оглед на целисходноста од таквото решение од законодавно-правен аспект, кое не е прашање со кое се занимава овој Суд при оцена на уставноста.

Пред се имајќи предвид дека е во прашање непречено, континуирано вршење на енергетските дејности како значаен национален интерес, поради кој има потреба државата да овозможи непречен континуитет на одвивање на овие јавни услуги што е и нејзина обврска во смисла на член 2 од Законот за енергетика, Судот оцени дека не би можело уставно да се проблематизираат оспорените одредби од Законот за експропријација.

Тргнувајќи од наведеното Судот оцени дека оспорениот член 2 став 3 и оспорениот член 3 точка 4 од Законот се во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 7, член 30 и член 55 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.201/2008
13 мај 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Издвоено мислење по предметот У.бр.201/2008