У.бр.201/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 5 јуни 2002 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ:

– член 62 став 3 точка 3 од Законот за банките (“Службен весник на РМ” бр. 63/2000 103/2001 и 70/2001) и

– Глава II. А. точка 2 став 1 подточка д) од Одлуката за потребната документација за издавање на согласноста и доставување на известување според одредбите на Законот за банките, донесена од Советот на Народна банка на Република Македонија на 21 декември 2000 година (“Службен весник на РМ” бр. 111/2000).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во ” “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, на иницијатива на д-р Мирољуб Шукаров од Скопје, со Решение У.бр.201/2001 од 20 март и 17 април 2002 година поведе постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот и Одлуката означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со членовите 13 и 14 од Уставот.

Доносителите на оспорените одредби не доставија одговор на наводите содржани во решението за поведување на постапката.

4. Судот на седницата утврди дека, според член 62 став 3 точка 3 од Законот за банките, “работоводен орган на банката не може да биде лице кое е … осудувано за кривично дело против имотот и од областа на финансиското работење”.

Покрај тоа, Судот, по сопствена иницијатива, на седницата утврди дека, според Глава II.А. точка 2 став 1 подточка д) од Одлуката, “за добивање согласност за именување на работоводен орган на банка, кон барањето се доставува … потврда од надлежниот суд дека против предложениот кандидат за работоводен орган нема обвинителен акт кој влегол во правна сила и дека не е донесена неправосилна осудителна пресуда”.

5. Според член 13 став 1 од Уставот, “лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука”.

Согласно член 14 од Уставот, “никој не може повторно да биде суден за дело за кое веќе бил суден и за кое е донесена правосилна судска одлука” (став 2).

Од означените уставни одредби, а во врска со оспорените одредби од Законот и Одлуката, произлегува дека пред донесувањето на правосилна судска одлука (со која треба да се утврди дали постои или не постои вина за некое дело на граѓанин), граѓанинот не може да трпи штетна последица – член 13 став 1 од Уставот. Освен тоа, после донесувањето на осудителната правосилна судска одлука, граѓанинот не може да трпи штетни последици надвор од оние определени со судската одлука – член 14 став 2 од Уставот. Со други зборови, граѓаните можат да трпат штетни последици од своето однесување само врз основа на вина, која е утврдена од суд врз законска основа и во законска постапка, како и во обем определен од судот во законските рамки, а не пред, после и надвор од судски определениот обем на казна и безбедносна марка. На тој начин се обезбедува слободите и правата на човекот и граѓанинот да бидат ограничени само во случаите утврдени со Уставот (член 54 став 1 од Уставот), како и еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите (член 9 став 2 од Уставот), а не се загрозуваат, на пример, правото на слободен избор на вработувањето (член 32 став 1 од Уставот), достапност на секое работно место на секого под еднакви услови (член 32 став 2 од Уставот) и други слободи и права на човекот и граѓанинот.

Со оглед на тоа што со оспорената законска одредба се предвидува услов – “работоводен орган на банка да не може да биде лице кое е … осудувано …” односно граѓанинот да трпи и други штетни последици надвор од оние определени со осудителната правосилна судска одлука, како и што со наведената одредба од Одлуката се предвидува “потврда … дека против предложениот кандидат за работоводен орган нема обвинителен акт … и дека не е донесена неправосилна осудителна пресуда” односно граѓанинот да трпи штетни последици пред да се утврди неговата вина со правосилна судска одлука, Судот утврди дека член 62 став 3 точка 3 од Законот и Глава II.А. точка 2 став 1 подточка д) од Одлуката не се во согласност со наведените уставни одредби.

Поради тоа, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.201/2001
5 јуни 2002 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов