У.бр.200/2011

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 11 јули 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на Правилото за задолжителен настап на млади играчи во кошаркарските првенства на Македонија.

2. Влатко Атанасоски од Прилеп, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на Правилото, означено во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со донесувањето на оспорениот акт, се прекршувале одредбите од член 32 став 2 и членот 9 став 2 од Уставот на Република Македонија, а воедно оспорениот акт не бил во согласност со одредби од Законот за спортот и членовите 6 и 7 од Законот за работните односи.

3. Судот, на седницата утврди дека со иницијативата се оспорува акт на Македонската кошаркарска федерација, односно Правило за задолжителен настап на млади играчи во кошаркарските првенства на Македонија, без број и датум на актот кој се оспорува, како несогласен со Уставот и други закони.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија меѓу другото одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со иницијативата се бара оценување на уставноста на акт на Македонската кошаркарска федерација, бидејќи според наводите од иницијативата тој бил спротивен на одредби на Уставот, а воедно и на одредби од Законот за спортот и Законот за работните односи.

Од содржината на иницијативата произлегува дека подносителот на иницијативата како акт кој го оспорува го наведува Правилото за задолжителен настап на млади играчи во кошаркарските првенства на Македонија, како акт на Македонската кошаркарска федерација, без наведување на бројот и датумот на актот кој се оспорува.

По приемот на иницијативата, во претходната постапка, Судот писмено се обрати до Македонската кошаркарска федерација, да го достави актот кој се оспорува со иницијативата, како и мислење по однос наводите содржани во иницијативата.

Во доставениот одговор од Македонската кошаркарска федерација и дополнителната информација, се наведува дека во Македонската кошаркарска федерација, не постои посебен акт, односно посебен правилник на кој се однесува оспореното правило. Во информацијата се наведува дека Правилото за задолжителен настап на млади играчи во кошаркарските првенства на Македонија е донесено како одлука на Собранието на Македонската кошаркарска федерација на 10.12.2010 година, но, не како посебен акт, туку како одлука формулирана и инкорпорирана во член од Правилник за натпреварување, донесен од Управниот одбор на Македонската кошаркарска федерација од 06.10.2011 година.

5. Со оглед на тоа што во конкретниот случај, не постои пропис, а Уставниот суд одлучува за уставноста и законитоста на законите и другите прописи кои се во правниот поредок на Република Македонија, Судот оцени дека постојат процесни пречки за постапување по иницијативата.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.200/2011
11 јули 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски