У.бр.200/2005

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 27 јуни 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 7 став 2, членот 15 став 1 точка 14, членот 58 став 5 и членот 62 став 3 точка 3 и став 4 од Законот за банките (“Службен весник на Република Македонија“ бр.63/2000, 103/2000-исправка, 37/2002, 51/2003 и 85/2003).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Репуб­ли­ка Македонија му поднесе иницијатива за поведување пос­тапка за оценување на уставноста на членот 7 став 2, членот 15 став 1 точка 14, членот 58 став 5 и членот 62 став 3 точка 3 и став 4 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

По однос на член 7 став 2 и член 58 став 5 од Законот, подносителот на иницијативата наведува дека истите станале безпредметни по донесувањето на Одлуката на Уставниот суд У.бр.179/2001 од 23 април 2003 година со која биле укинати член 7 став 1 алинеја 2 и член 58 став 4 точка 3 од Законот за банките.

Од истите причини, подносителот на иницијативата смета дека не можел да постои и член 15 став 1 точка 14 од Законот и појаснува дека при одлучувањето морало да се има предвид и одред­бата на членот 106 став 5 од Кривичниот законик.

Врз основа на наведеното, подносителот на иницијативата смета дека наведениот член не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

По цитирање на членот 62 став 3 точка 3 и став 4 од истиот член од Законот, подносителот на иницијативата наведува дека во случајот настапувале правни последици од осудата по сила на закон, а не настапувала конкретна казна што ја изрекувал суд, заради што смета дека се повредувале правата на граѓаните од член 23 и 32 од Уставот. Воедно постоела и несогласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 13 став 1, член 14 став 2, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека, во членот 7 став 1 од Законот за банките, беше предвидено дека, акционер на банка не може да стане лице:

– спрема кое е во тек стечајна постапка и
– кое е осудено со казна затвор, и тоа:

а) во периодот од правосилноста на пресудата до денот на издржувањето на казната и пет години од денот кога ја издржал казната, во случај на осуденост со правосилна судска пресуда со казна затвор до три години и
б) во периодот од правосилноста на пресудата до денот на издржувањето на казната и десет години од денот кога ја издржал казната, во случај на осуденост со правосилна судска пресуда со казна затвор над три години.
– на кое му е изречена мерка на безбедност забрана за вршење професија, дејност или должност.

Во оспорениот став 2 од истиот член од Законот, беше предвидено дека, во случај на бришење на осудата од став 1 алинеја 2 на овој член, соодветно се применуваат одредбите од Кривичниот законик.

Во членот 15 став 1 од Законот, беше предвидено дека, основачите на банката поднесуваат барање до Народната банка за издавање дозвола за основање и работење на банка. Барањето ги содржи документите и информациите наведени во 15 точки, при што во оспорената точка 14 од наведениот член од Законот беше предвидено дека барањето за издавање дозвола содржи и: докумен­тација во врска со член 7 од овој закон.

Во член 58 став 4 од Законот, беше предвидено дека, член на управен одбор на банка не може да биде лице кое е:

1) член на Советот на Народна банка;
2) вработено во Народна банка;
3) осудено со казна затвор и тоа:
а) во периодот од правосилноста на пресудата до денот на издржувањето на казната и пет години од денот кога ја издржал ка­з­ната, во случај на осуденост со правосилна судска пресуда со казна затвор до три години и
б) во периодот од правосилноста на пресудата до денот на издржувањето на казната и десет години од денот кога ја издржал казната, во случај на осуденост со правосилна судска пресуда со казна затвор над три години
4) на кое му е изречена мерка на безбедност забрана за вршење на професија дејност или должност додека трае мерката;
5) нето должник на банката, утврден согласно со методо-логијата пропишана од страна на Народната банка и
6) стекнало акции спротивно на член 11 став 1 и член 26 ставови 3 и 4 од овој закон.

Во оспорениот став 5 на членот 58 од Законот, беше предвидено дека, во случај на бришење на осудата од став 3 точка 3 на овој член соодветно се применуваат одредбите од Кривичниот законик.

Во член 62 став 3 од Законот, беше предвидено дека, работоводен орган на банката не може да биде лице:

1) кое е директор или претседател на било кое трговско друштво или правно лице;
2) кое е член на Советот на Народна банка;
3) кое е осудено со казна затвор и тоа:

а) во периодот од правосилноста на пресудата до денот на издржувањето на казната и пет години од денот кога ја издржал казната, во случај на осуденост со правосилна судска пресуда со казна затвор до три години и

б) во периодот од правосилноста на пресудата до денот на издржувањето на казната и десет години од денот кога ја издржал казната, во случај на осуденост со правосилна судска пресуда со казна затвор над три години;
4) на кое му е изречена мерка на безбедност забрана за вршење на професија дејност или должност додека трае мерката и
5) стекнало акции спротивно на член 11 став 1 и член 26 ставови 3 и 4 од овој закон.

Со иницијативата се оспорува точката 3 на ставот 3 од членот 62 од Законот.

Во оспорениот став 4 од членот 62 од Законот, беше предвидено дека, во случај на бришење на осудата од став 3 точка 3 на овој член соодветно се применуваат одредбите од Кривичниот законик.

Судот, на седницата, исто така, утврди дека наведениот закон, заедно со оспорените одредби престанал да важи со донесување на новиот Закон за банките (“Службен весник на Република Македонија” бр.67/2007).

4. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Репуб­лика Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Собранието на Република Македонија на седницата одржа­на на 21 мај 2007 година го донесе Законот за банките (“Службен весник на Република Македонија” бр.67/2007 од 1 јуни 2007 година).

Согласно член 196 од овој закон, со денот на влегувањето во сила на овој закон, престанува да важи Законот за банките (“Службен весник на Република Македонија” бр.63/2000, 103/2000-исправка, 37/2002, 51/2003 и 85/2003), освен одредбите на членот 122 кои се однесуваат на Главата II Штедилници од Законот за банките и ште­дил­ниците („Службен весник на Република Македонија“ бр.31/1993, 78/ 1993, 17/1996, 37/1998 и 25/2000).

Во членот 198 од Законот е определено истиот да влезе во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”. Законот влегол во сила на 9 јуни 2007 година, што преставува истовремено и ден на престанок на важењето, меѓу другото и на оспорените одредби.

Од изнесеното произлегува дека престанокот на важење на оспорените одредби преставува процесна пречка за одлучување по иницијативата, согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседа­те­лот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.200/2005
27 јуни 2005 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи