У.бр.198/2002

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 26 ноември 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на:

а) уставноста на член 92 став 1 во делот “и прописи донесени врз основа на закон”, став 2 на овој член и член 121 став 2 од Законот за здравствена заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/1991, 46/1993 и 55/1995), и

б) уставноста и законитоста на Правилникот за поблиските просторни услови, опремата и кадрите за основање и работење на здравствените организации (” Службен весник на Република Македонија” бр.11/92, 25/96 и 48/2002).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на законот, означен под а) во точката 1 од ова решение и за оценување на уставноста и законитоста на правилникот означен под б) во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата членот 92 став 1 не бил во согласност со уставниот принцип на поделба на власта на законодавна, судска и извршна, затоа што предвидувал условите за основање на здравствена организација, покрај со закон, да се предвидуваат и со прописи донесени врз основа на закон.

Ставот 2 на член 92, ставот 2 на член 121 од Законот како и Правилникот во целост се оспоруваат затоа што предвидувале поблиските услови за вршење на дејноста во однос на просторот, опремата и кадрите да ги пропишува Министерството за здравство што, исто така, не било согласно со уставната поделба на власта на законодавна, извршна и судска.

3. Судот на седницата утврди дека согласно член 92 став 1 од Законот, здравствена организација може да се основа и да врши здравствена дејност ако се обезбедени градежни објекти, стручни кадри, медицинска опрема, средства и други услови за вршење на дејноста, утврдени со закон и прописи донесени врз основа на закон”.

Согласно член 92 став 2 од Законот поблиските услови за основање и почнување со работа, односно проширување на дејноста во однос на просторот, опремата и кадрите ги пропишува Министерството за здравство.

Во членот 121 став 2 е предвидено дека поблиските услови во однос на просторот и опремата за вршење на здравствена дејност самостојно со личен труд ги пропишува Министерството за здравство.

Судот, исто така, утврди дека со оспорениот правилник се уредуваат поблиските просторни услови, опремата и кадрите за основање и работење на здравствените организации, односно се пропишуваат минималните услови за почнување со работа и вршење на дејноста на здравствените организации во однос на просторот, опремата и кадрите како и за проширување на дејноста.

4. Согласно член 34 од Уставот на Република Македонија, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Согласно член 39 став 1 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека здравствена заштита на граѓаните се обезбедува преку систем на здравствено осигурување, како дел на социјалното осигурување во поширока смисла, и дека правата што произлегуваат од тоа се уредуваат со закон и со колективен договор.

Согласно член 95 став 1 од Уставот, државната управа ја сочинуваат министерствата и други органи на управата и организации утврдени со закон.

Во членот 96 од Уставот, меѓу другото, е предвидено дека органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Согласно член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон.

Според член 61 од Законот, со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност за други органи.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека оспорените законски одредби со предвидувањето здравствената организација да може да се основа и да врши здравствена дејност, покрај под услови утврдени со закон, и со други прописи донесени врз основа на закон, всушност му дава можност на министерот за здравство да носи прописи кои ќе бидат во функција на операционализација на законот.

Од тие причини, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на одредбите од членовите 92 став 1 и 2 и 121 став 2 од Законот за здравствена заштита со Уставот на Република Македонија, како и прашањето за согласноста на Правилникот за поблиските просторни услови, опремата и кадрите за основање и работење на здравствените организации со Уставот и со закон.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.198/2002
26 ноември 2003 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова