У.бр.197/2011

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеja 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седниците одржани на 10 октомври и 14 ноември 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 98 ставовите 3 и 5, член 101 став 2 и член 418 став 5 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“број 79/2005, 110/2008, 83/2009 и 116/2010).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на:

– уставноста на член 86 став 3 и член 101 став 1 од Законот означен во точката 1 на ова решение,

– уставноста на член 16-а до член 16-ж од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија број 35/2005, 50/2006, 129/2006, 8/2008, 83/2009, 50/10, 83/10, 88/10, 171/10 и 148/2011),

– меѓусебната согласност на член 98 став 3 и став 5 од Законот за парничната постапка со член 6 став 1 од Законот за заштита на личните податоци и

– меѓусебната согласност на член 418 став 5 од Законот за парничната постапка со член 2, член 4, член 175, член 176 став 1 и член 418 став 1 и став 2 од истиот закон.

3. Адвокат Драган Атанасовски од Битола, Адвокатската комора на Република Македонија, како и м-р Драги Кимовски, м-р Атанас Христов и м-р Игор Димоски, сите од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законите означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, адвокат Драган Атанасовски, со одредбата од член 86 став 3 од Законот за парничната постапка (ЗПП) индиректно се забранувало адвокатските приправници и адвокат вработен во адвокатска канцеларија да можат да го заменуваат адвокатот, што произлегувало од формулацијата на ставот 3 каде било уредено дека адвокат може да биде заменет само од адвокатски стручен соработник. Според Законот за адвокатура, кај адвокатот или во Адвокатско друштво можеле да бидат вработени адвокатски приправници, адвокатски стручни соработници и адвокати. Оспорената одредба била директно спротивна на одредбите од Законот за облигационите односи, бидејќи вршела селекција на лицата кои можат да го заменат адвокатот и воедно им оневозможувала на други лица (приправници и адвокати вработени кај адвокатот) да можат да го заменуваат адвокатот, иако тоа било дозволено со член 809 од Законот за облигационите односи. Оспорената одредба од ЗПП се наоѓала во улога на леге специјалис во однос на одредбите од Законот за облигационите односи кој бил во улога на леге генералис, поради што постоела незаконитост. Понатаму, се наведува дека согласно член 81 став 1 алинеја 2 од ЗПП, правното лице можело да го застапува дипломиран правник кое со странката е во работен однос, што подразбирало и приправник, а адвокатскиот приправник, па и адвокатот вработен кај адвокат, го немале таквото право согласно член 86 став 3 од ЗПП. Со оспорениот член 86 став 3 од ЗПП се повредувала слободата на пазарот и претприемништвото, гарантирана со член 55 од Уставот, бидејќи овој закон дозволувал приправник вработен во правно лице да може да го застапува правното лице, а адвокатскиот приправник тоа право го немал и покрај тоа што на пазарот сите се еднакви. Со оспорената одредба била пречекорена целта на ЗПП утврдена во член 1 од Законот и воедно претставувала мешање во материја на други закони: Законот за адвокатура и Законот за облигационите односи, каде било уредено дека адвокат може да биде заменуван од адвокатски приправник или од адвокат вработен кај него.

Одредбата од член 98 став 3 од ЗПП се оспорува во делот каде се бара во поднесокот кој се доставува до судот, името и презимето на странката да биде поткрепено со доказ за лична идентификација (што во пракса значело во прилог на поднесокот да биде доставена фотокопија од лична карта, при што дел од податоците од личната карта како што се матичниот број, место на раѓање, ден, месеци година на раѓање и адреса се лични податоци кои подлежат на заштита), а за правните лица податоците за правните лица да бидат поткрепени со доказ од Центарлниот регистар или друг регистар. Со ваквата одредба со која се барало да се достават наведените докази за двете странки, на тужителот му се наметнувала двојна обврска: правта, тој самиот, спротивно на неговата волја да ги открие личните податоци кои се заштитени и во исто време да ги прибави и личните податоци за спротивната страна кои исто така се доставуваат спротивно на волјата на спротивната страна.

Со ставот 5 на член 98 од Законот се наметнувала обврска странката самата да го наведе нејзиниот матичен број, спротивно на неговата волја и покрај тоа што овој податок бил личен.

При ситуација кога со оспорените одредби се наметнувале обврски за тужителот да ги открие своите лични податоци, иако за тоа не се согласува, туку тоа го прави спротивно на неговата волја и воедно тужителот мора да открие туѓи лични податоци за тужениот без да има согласност од него, па ако на тоа се додадело дека сите судења се јавни (член 4 од ЗПП), во таква ситуација личните податоци станувале достапни за неопределен број на лица и со тоа се создавала можност за неовластена обработка на личните податоци, со што директно се кршела одредбата од член 18 од Уставот каде се давала заштита на личните податоци.

Одредбата од член 101 став 1 од ЗПП, според која поднесоците кои се поднесени од полномошник, а кои се неразбирливи или не ги содржат податоците од член 98 ставовите (3), (4), (5) и (8) на овој закон или не се поднесени во доволен број примероци кога тие се поднесени во писмена форма, судот ќе ги отфрли, се оспорува затоа што била во директна колизија со член 2 став 2 од ЗПП, каде било уредено дека судот не може да одбие да одлучува по барање за кое е надлежен. Според подносителот на иницијативата, нејасниот поднесок, поднесокот во кој ги нема личните податоци од член 98 од Законот, како и поднесокот доставен во недоволен број на примероци, претставувал технички недостаток кој треба да се исправи односно дополни, но не и да се отфрли. Оваа одредба била во колизија и со ставот 2 на истиот член и воедно вршела дискриминација, бидејќи предвидувала поинакви правни последици во поглед на тоа од кого е поднесен поднесокот: дали тоа е полномошник, на пр. адвокат или пак поднесокот го дала лично странката, во кој случај судот го привилегирал граѓанинот на начин што ќе му укаже што му недостасува и ќе му дозволи да ги отстрани недостатоците, а поднесокот на адвокатот ќе го отфрли, што претставувало повреда на начелото на еднаквост утврдено во член 9 од Уставот. Ако се сакало да се санкционираат неуредните адвокати, тоа нешто го имало предвидено во член 10 од ЗПП, па не било јасно која е целта на одредбата. Оспорената одредба имала скриена цел, а тоа било да ги одвлече граѓаните да не бараат правна помош од адвокати, туку правата да си ги остваруваат сами, што понатаму имало и друга скриена намера, а тоа било судот да суди сам, без присуство на адвокати, бидејќи присуството на адвокати најверојатно на судот му ја отежнува работата или прави забуни во судењето, па како биле тргнати работите сигурно ќе се стигнело до народната поговорка „Кадија тужи кадија суди“.

Одредбата од член 418 став 5 од ЗПП била во колизија со одредбите од Глава дваесет и осма, каде било уредено издавањето на платен налог, бидејќи во сите одредби јасно стоело дека платниот налог го издава судот, па не било јасно како судот ќе отфрли тужба ако претходно не се обратил до нотар да издаде решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа кога од сите одредби на Главата дваесет и осма произлегувало дека платниот налог го издава судот, а не нотарот. Веројатноста за постоење правен интерес не била услов за поднесување на тужба и таков услов не предвидувал ЗПП, а воедно поимот правен интерес не бил дефиниран, бидејќи оној кој поднесува тужба смета дека поседува одредени права и од судот бара тие права да му се заштитат, утврдат, признаат и да се реализираат. Правниот интерес бил претпоставка која секој ја поседува во оној момент кога се обраќа до судот, а од друга страна судот морал да одлучи за секое барање кое до него било доставено а за кое одлучување е надлежен, така да не можело да се наметне претходно странката да го докажува постоењето на правниот интерес, при ситуација кога судот одлучува за барањето, односно на оној кој не може да поднесе такво барање му го оневозможува тоа со тоа што не му признава активна легитимација (член 74 од ЗПП). Друга одредба која го оневозможувала отфрлањето на тужбата била одредбата од член 421 од ЗПП каде било уредено дека ако судот не го усвои предлогот да издаде платен налог, постапката продолжува како по тужба.

Законот за извршување бил дополнет со членовите 16-а до 16-ж („Службен весник на Република Македонија“ бр. 83 од 03.07.2009 година), кои се оспоруваат затоа што со нив се уредувала материја која се однесува на надлежноста, постапката, содржината, основот, правосилноста и извршноста, наградата и плаќањето на судски такси, која материја била директно спротивна на член 1 од Законот за извршување, бидејќи овој закон уредувал само правила по кои извршителот постапува, но не ја уредувал и немал за цел да ја уреди надлежноста на нотарите, постапката, содржината, основот, правосилноста и извршноста, па дури и наградата на нотарите и судските такси.

Овие одредби од Законот за извршување и одредбите од Глава дваесет и осма на ЗПП, кои се во правна сила, биле во колизија од која произлегувале повеќе толкувања и сфаќања на овие одредби, така да според едно сфаќање, произлегувало како да постојат два института, и тоа платниот налог уреден со ЗПП и решение за дозволување на извршување врз основа на веродостојна исправа, додека според друго сфаќање произлегувало како да постои двостепена постапка и тоа првостепена постапка утврдена со Законот за извршување и второстепена постапка утврдена со ЗПП: Колизијата имала за последица секој да го толкува секој закон на свој начин, што имало за последица правна несигурност. Имајќи го предвид член 51 од Уставот, произлегувало дека била забранета колизија на законите, посебно кога специјалниот закон, а тоа бил Законот за извршување, му противречел или бил во колизија со системски закон како што бил ЗПП.

Со оглед на наведеното, се предлага Уставниот суд да ги поништи или укине оспорените одредби.

Со оглед дека одредбите кои се оспорени предизвикувале последици со отфрлање на тужби, а со цел да се избегнат ваквите правни последици, се предлага Судот да донесе привремена мерка со која ќе ги стави вон примена оспорените одредби.

Со иницијативата поднесена од Адвокатската комора на Република Македонија, се оспорува уставноста на член 418 став 5 од ЗПП. Во првиот дел, оваа одредба барала тужителот да го стори веројатно постоењето на правниот интерес, за судот да не ја отфрли тужбата. Но дали судот можел да ја отфрли тужбата само затоа што нему не му бил веројатен правниот интерес на тужителот. За да судот ја потврди веројатноста на правниот интерес на тужителот, би морал да ја земе во работа тужбата, да ја насрочи, тужителот да го докаже правниот интерес, па судот најмалку да одржи подготвително рочиште па да утврди дали тужителот има или нема правен интерес. Судот не можел да суди врз основа на веројатност, туку суди врз основа на факти и изведени докази. Ако е така, а така било и ако морало да се одржи најмалку подготвително рочиште, судот немал можност веднаш да ја отфрли тужбата, бидејќи тужбата можела да се отфрли веднаш по приемот во судот пред да се достави на тужениот. Второ, за да не се отфрли тужбата, освен постоењето на фамозната веројатност за правен интерес на тужителот, кој го оценува судот, потребно било тужителот да побарал од нотар да донесе решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа. Ова биле два услова за постапување по тужба во која како докази има веродостојна исправа, што со ниту една друга законска одредба не било утврдено.Со ниту еден друг закон не постоело задолжување за тужителот најпрво да побара од нотар да донесе решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа, па тоа да е услов за да поднесе тужба до суд. Поради тоа, во овој дел од Законот, во Главата дваесетиосум од ЗПП – „Издавање на платен налог“ оваа одредба била „залутана“.

Понатаму во иницијативата се укажува дека од почетокот на примената на ЗПП (09.09.2011 година), во судовите во Република Македонија имало огромен број на отфрлени тужби, засновани врз основа на веродостојна исправа.

Исто така, се укажува дека граѓанските оддели при апелационите судови во Битола, Гостивар, Скопје и Штип на 06.10.2011 година, согласно член 33 од Законот за судовите, донеле Заклучоци кои се однесуваат на примената на член 418 став 4 и став 5 од ЗПП, каде според подносителот на иницијативата, се правела компилација од член 419 став 1 и ставовите 4 и 5 на член 418 од ЗПП и се извлекувал погрешен заклучок. Се поставувало прашање како било можно судот во секоја фаза на постапката да се огласи за ненадлежен, кога во постапката за издавање на платен налог немало фази (член 420 став 1, член 14 став 1 од ЗПП). Апелационите судови заземале нови заклучоци на работна средба на 11.11.2011 година, според кои ставот по т.1 од заклучоците од 06.10.2011 останувал приближно ист, но т.2 и т.3 се повлекувале, поради што се поставувало прашање: каде била правната сигурност на граѓаните? Дали на ваков начин, со донесување па повлекување на заклучоци, треба да судат судиите? Зошто не се оставеле судиите да судат по Устав и закон, а не според заклучоци?

Со оглед дека оспорената одредба била во главата за издавање на платен налог, се поставувало прашање дали одредбата се однесувала само за тужба со предлог за издавање платен налог или и за тужба со тужбено барање со која било предложено донесување на пресуда, па ако таа тужба на судот му личела на тужба со предлог за издавање платен налог и како докази имало веродостојни исправи, судот тужбата ќе ја отфрлел.

Се поставувало прашање кој бил интересот судовите со платена ¼ од судска такса, зголемено за нотарска награда, да ги отфрлаат тужбите, а по тужба поднесена пред судовите се плаќала такса за тужба и такса за одлука според Законот за судски такси. Зошто судовите се ставале во улога да се осиромашат и да работат на штета на судскиот буџет, а да ги форсираат нотарите.

Очигледно било дека ќе се намалел бројот на предметите во судовите, но дали со ваквото вештачко намалување на приливот на предметите. се имало намера да се зголеми ажурноста на судовите?

Поради наведеното, со оспорената одредба се повредувале член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 98 став 2 од Уставот, како и член 2, член 4, член 175, член 176 став 1, член 418 став 1 и став 2 од ЗПП.

Примената на оспорената одредба значела дека странките само се вртат кај нотар, па во суд или обратно, но ќе настанеле ненадоместливи трошоци, а понекогаш и застарување на побарувањето, па се поставувало прашање кој ќе ја надомести штетата?

Со примената на оспорената одредба оневозможена била можноста тужителот да има право на избор за заштита на своите права: дали до суд ќе поднесел тужба за долг врз основа на веродостојни исправи или пак до нотар ќе поднесел предлог за донесување на решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа.

Со иницијативата поднесена од м-р Драги Кимовски, м-р Атанас Христов и м-р Игор Димоски се оспоруваат член 98 ставовите 3 и 5 од ЗПП, како спротивни на член 18 став 1 и член 51 од Уставот и член 6 став 1 од Законот за заштита на личните податоци.

Имено, во член 98 став 3 од ЗПП, покрај другото, предвидено било поднесоците да содржат име и презиме на странките поткрепени со доказ за лична идентификација, а во ставот 5 предвидено било странката во поднесокот да го наведе својот единствен матичен број. Ваквите одредби биле во спротивност со член 18 став 1 од Уставот, каде се гарантирала сигурноста и тајноста на личните податоци, бидејќи вака наведените лични податоци станувале достапни до голем број луѓе во судот, а и до спротивната странка која е надвор од судот, како и до нивните полномошници и присутни сведоци и други лица на јавните рочишта. Уште повеќе што пресудите се објавувале на веб страната на судот, па биле достапни на уште поголем број на луѓе, а сите тие кои се надвор од судовите и не се обврзани на чување на деловна тајна, би можеле да ги злоупотребат таквите податоци.

Оспорените одредби биле во спротивност и со член 6 став 1 од Законот за заштита на личните податоци, каде било предвидено дека е потребна претходно добиена писмена согласност на субјектот на личните податоци за да може да се врши обработка на лични податоци, бидејќи немало писмена согласност од тужителот, а не можело ни да има бидејќи обврската му била наметната со ЗПП, спротивно на неговата волја, како и спротивно на член 18 став 1 од Уставот, со што овие одредби биле во спротивност и со член 51 од Уставот, каде било содржано начелото на уставност и законитост.

Покрај тоа, со член 98 став 3 од ЗПП било предвидено дека поднесокот треба да содржи име и презиме поткрепени со доказ за лична идентификација и живеалиште на странките, што значело дека оваа одредба содржела обврска да се поднесат овие податоци не само за себе како тужител, туку и за тужениот, што било уште повеќе во спротивност со член 18 став 1 од Уставот, особено што тоа и практично било невозможно, бидејќи кое лице би дало лични податоци и лична карта за да биде тужено пред суд.

Со истата иницијатива се оспоруваат и член 101 ставовите 1 и 2 од ЗПП, затоа што биле во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9 став 2, член 50, член 51 и член 54 од Уставот и член 2 од ЗПП. Имено, одредбата од член 101 став 1 од ЗПП, според која поднесоците кои се поднесени од полномошник, а кои се неразбирливи или не ги содржат податоците од член 98 ставовите 3, 4, 5 и 8 на овој закон или не се поднесени во доволен број примероци кога тие се поднесени во писмена форма, судот ќе ги отфрли, овозможувала заради административно-технички недостатоци на поднесокот да се оневозможи остварување на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, чија заштита пред судовите била гарантирана со член 50 од Уставот. Ажурноста на судовите не се обезбедувала преку административно отфрлање на тужбите, на штета на тужителот, кој бил оневозможен да го заштити своето право во смисла на член 50 од Уставот.

Покрај тоа, одредбата од член 101 став 1 била во директна колизија со член 2 став 2 од ЗПП, каде било предвидено дека судот не може да одбие да одлучува по барање за кое е надлежен. Поднесок кој не содржи лични податоци во смисла на член 98 од ЗПП, како и поднесок кој е доставен во недоволен број примероци, претставувал технички недостаток кој можел дополнително да се отстрани, но никако да се отфрли, бидејќи отфрлањето на тужбата не е одлучување по тужбено барање во смисла на член 2 став 2 од ЗПП, ами само обезбедување фиктивна ажурност на судот.

Одредбата од член 101 став 2 од ЗПП, според која ако поднесокот е неразбирлив или не го содржи сето она што е потребно за да може да се постапи по него, судот ќе му укаже на подносителот кој нема полномошник, да го исправи поднесокот, била дискриминаторска и спротиван на член 9 став 2 од Уставот, затоа што ги ставала во нееднаква положба граѓаните кои имаат полномошник и граѓаните кои немаат полномошник. На тој начин граѓаните кои имаат полномошник, особено кога се во прашање преклузивни рокови, не можеле да поднесат тужба, со што не можеле да остварат свое право загарантирано со Уставот, какво што е и правото на работа предвидено во член 32 од Уставот, за чие остварување и заштита се предвидени преклузивни рокови во Законот за работните односи, додека граѓаните кои немаат полномошник, преку дополнителен рок ќе го исправеле поднесокот и ќе можеле да ја остварат заштитата на своето право пред суд.

Исто така, се укажува дека апсурдно било да се бара приложување на копија од лична карта и наведување на единствениот матичен број на граѓанинот кога тужителот имал полномошник, бидејќи судот во текот на целата постапка комуницирал со полномошникот, а не со тужителот, па дури и да имало грешка во адресата, тоа немало да се одрази на ажурноста на судот. Уште поапсурдно било во таков случај да се отфрли тужбата и да се оневозможи заштитата на правата на тужителот.

Оспорената одредба била во спротивност и со член 54 од Уставот, затоа што утврдените слободи и права со член 8 од Уставот можеле да се ограничат само за време на воена и вонредна состојба и не можат да бидат дискриминаторски, како што било во случајов. Со оспорената одредба се повредувало и начелото на уставност и законитост утврдено во член 51 од Уставот.

Врз основа на наведеното, се предлага Уставниот суд да ги поништи оспорените одредби од ЗПП, со што ќе им овзоможи на лицата на кои административно им било ускратено нивното право, тоа дополнително да го остварат.

Посебно се бара, до донесување на конечна одлука, Уставниот суд, сочгласно член 27 од Деловникот, да донесе решение за запирање на примената на оспорените одредби.

4. Судот на седницата утврди дека според член 86 став 3 од Законот за парничната постапка, адвокатот може да го заменува адвокатски стручен соработник со положен правосуден испит, кој има засновано работен однос кај него, и тоа само пред суд од прв степен, за спорови чија вредност не надминува 1.000.000 денари, со согласност на странката.

Според член 98 став 3 од овој закон, поднесоците мораат да бидат разбирливи и мораат да го содржат сето она што е потребно за да може да се постапи по нив. Тие особено треба да содржат: означување на судот, име и презиме поткрепени со доказ за лична идентификација, живеалиште, односно престојувалиште на странките, односно фирмата и седиштето на правното лице запишани во Централниот регистар на Република Македонија или друг регистар поткрепени со доказ од соодветниот регистар, нивните законски застапници и полномошници, ако ги имаат, предмет на спорот, вредноста на спорот, содржина на изјавата и потпис на подносителот, односно електронски потпис, е-меил адреса и контакт телефон. Согласно став 5 на истиот член, странката во поднесокот е должна да го наведе својот единствен матичен број на граѓанинот, односно единствен матичен број на субјектот на уписот (ЕМБС) за правните лица.

Согласно член 101 став 1 од Законот, поднесоците кои се поднесени од полномошник, а кои се неразбирливи или не ги содржат податоците од член 98 ставовите 3, 4, 5 и 8 на овој закон или не се поднесени во доволен број примероци кога тие се поднесени во писмена форма, судот ќе ги отфрли. Според став 2 на истиот член, ако поднесокот е неразбирлив или не го содржи сето она што е потребно за да може да се постапи по него, судот ќе му укаже на подносителот кој нема полномошник, да го исправи поднесокот.

Според член 418 став 5 од Законот за парничната постапка, ако тужителот не го стори веројатно постоењето на правниот интерес или не побарал од нотар да донесе решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа, судот ќе ја отфрли тужбата.

Судот, исто така, утврди дека со член 16-а од Законот за извршување се уредува постапката за донесување на решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа, со член 16-б од истиот закон, се уредува содржината на предлогот, со член 16-в се уредува основот за донесување на решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа, со член 16-г се уредува постапувањето по предлогот за донесување на решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа, со член 16-д се уредува приговорот против решението со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа, со член 16-ѓ се уредува потврдата за правосилност и извршност, со член 16-е се уредува правото на нотарите на награда и надоместок на трошоци и со член 16-ж од Законот се уредува обврската за плаќање на судска такса.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според Амандман XXV на Уставот, со кој се заменува член 98 од Уставот, судската власт ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Забранети се вонредни судови. Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Законот за парничната постапка ги уредува правилата на постапката врз основа на кои судот расправа и одлучува во споровите за основните права и обврски на човекот и граѓанинот, за личните и семејните односи на граѓаните како што се работните, трговските, имотните и другите граѓанско-правни спорови, ако со закон за некои од тие спорови не е определено за нив судот да решава според правилата на некоја друга постапка (член 1).

Од содржината на член 98 став 3 и став 5 од Законот за парничната постапка, произлегува дека податоците за лична идентификација на странката, вклучително и единствениот матичен број на граѓанинот, односно единствениот матичен број на субјектот на уписот за правни лица, законодавецот ги пропишал како задолжителен елемент на секој поднесок за да може судот непречено да постапува по него. Точната идентификација на странката е од значење од аспект на точно утврдување на субјектите кои имаат правна работа за која е иницирана судска постапка низ која треба таа да биде разрешена, како и од значење за согледување на нејзината процесна легитимација во конкретна судска постапка. Со оглед на тоа што парничната постапка е судска постапка која се води пред надлежните судови како независни и самостојни државни органи, тие со закон се овластени идентификацијата на субјектите кои со поднесоци се обраќаат до нив, да бараат да биде потврдена и со нивниот матичен број, што е само и единствено во интерес на постапката. Во таа смисла, заради заштита на ваквите податоци, законодавецот во член 10 став 1 од Законот за управување со движењето на предметите во судовите („Службен весник на Република Македонија“, бр. 171 од 30.12.2010 година) пропишал дека овластениот судски службеник во рок од два дена од денот на приемот на правосилната судска одлука е должен да ја објави на веб страницата на судот со име и презиме на странките, односно називот на правното лице, при што се анонимизира адресата на живеалиште, односно престојувалиште или седиштето на странките, единствениот матичен број на граѓанинот или единствениот матичен број на субјектот на упис и личните податоци на сведоците во постапката. Според став 3 на истиот член, во случаите кога јавноста е исклучена согласно со Уставот на Република Македонија, законот и ратификуваните меѓународни договори, судските одлуки не се објавуваат на веб страницата на судот.

Оттука, според Судот, законската определба во поднесоците кои се доставуваат до суд, јасно и прецизно да биде определен идентитетот на странката, што вклучува и наведување на единствениот матичен број на граѓанинот, односно единствениот матичен број на субјектот на уписот (ЕМБС) за правни лица, единствено е за утврдување на идентификацијата на странката за потребите на постапката која се води пред суд, а законодавецот пропишал правила за заштита на сигурноста и тајноста на овие лични податоци дадени пред суд, поради што не можат да се прифатат како основани наводите во иницијативите дека член 98 став 3 во делот кој се однесува на обврската во поднесокот кој се доставува до судот да се наведе името и презимето поткрепени со доказ за лична идентификација, како и одредбата во став 5 на истиот член не биле во согласност со член 18 став 1 од Уставот.

Формулацијата во член 98 став 3 од Законот, според која писменото задолжително треба да содржи име и презиме на странките поткрепени со доказ за лична идентификација, според Судот, во суштина значи обврска за подносителот на поднесокот, а не и обврска за обезбедување на ваков податок за противната странка, кој податок сосема логично не е достапен до подносителот на поднесокот, поради што и не може да се бара од него. И покрај тоа што поимот „странките“ е искажан во множина, треба и единствено може да се подразбере како обврска за секоја странка во постапката, која го доставува поднесокот и која располага со таквиот податок, поради што Судот оцени дека одредбата не е нејасна и не води кон повреда на владеењето на правото.

Според член 101 став 2 од Законот, ако поднесокот е неразбирлив или не го содржи сето она што е потребно за да може да се постапи по него, судот ќе му укаже на подносителот кој нема полномошник, да го исправи поднесокот. Наведената одредба значи заштита во парничната постапка на странките кои се определиле своите барања пред судот да ги остваруваат без полномошник, поради што Судот оцени дека не станува збор за одредба која значи повреда на владеењето на правото и еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, како што се наведува во иницијативата.

Во Главата дваесет и осма од Законот за парнична постапка, се уредува материјата поврзана со издавање платен налог (член 417-428).

Според член 417 од Законот, ако во оваа глава не постојат посебни одредби, во постапката за издавање платен налог ќе се применуваат другите одредби на овој закон.

Според член 418 став 1 од Законот за парнична постапка, кога тужбеното барање се однесува на пристигнато побарување во пари, а тоа побарување се докажува со веродостојна исправа приложена кон тужбата во оригинал или во заверен препис, судот ќе му издаде налог на тужениот да го исполни тужбеното барање (платен налог). Според став 2 на истиот член, кога побарувањето се однесува на пристигнато побарување во пари кое се докажува со веродостојна исправа, но должникот приговорил пред нотар во постапка за извршување врз основа на веродостојна исправа согласно со Законот за извршување, судот ќе издаде платен налог ако тужителот го сторил веројатно постоењето на правен интерес за издавање на платен налог. Согласно оспорениот став 5 на истиот член, ако тужителот не го стори веројатно постоењето на правниот интерес или не побарал од нотар да донесе решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа, судот ќе ја отфрли тужбата.

Ставот 2 и ставот 5 на членот 418 од Законот за парнична постапка стануваат составен дел на Законот, со измените и дополнувањето на членот 418 извршени со член 96 од Законот за изменување и дополнување на Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 116 од 01.09.2010 година). Според образложението за донесување на овие законски измени, со истите се обезбедува непречено профункционирање на постапувањето на нотарите во постапката за извршување врз основа на веродостојна исправа согласно Законот за извршување, со која ќе се обезбеди значително растеретување на судовите во постапката по платни налози.

Од анализата на оспорениот член 418 став 5 од Законот, произлегува дека со таа одредба законодавецот ги определува правилата на постапување кога е во прашање издавање на платен налог, така што пред поднесување на тужбата, тужителот има законска обврска да го стори веројатно постоењето на правен интерес или да побарал од нотар да донесе решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа. Според Судот, оваа одредба треба да се гледа во контекст на целината на главата со која се уредува материјата за издавање на платен налог, а не како изолирана и самостојна одредба која го уредува наведеното прашање, односно неспорно е дека платниот налог го издава судија поединец, односно претседател на советот, без одржување на рочиште ( член 420 став 1 од Законот), дека ненавремените, нецелосните или недозволените приговори ќе ги отфрли судијата поединец, односно претседателот на советот без одржување на рочиште (член 423 став 1 од Законот), дека ако тужениот приговори дека не постоеле законски основи за издавање платен налог (членови 418 и 419), или дека постојат пречки за натамошниот тек на постапката, судот прво ќе одлучи за тој приговор. Ако најде дека таквиот приговор е основан ќе го укине со решение платниот налог и по правосилноста на решението ќе започне расправање за главната работа, кога за таквото расправање има место (член 424 став 1 од Законот), како и дека кога судот во случаите предвидени со овој закон ќе донесе решение со кое се отфрла тужбата, ќе го укине и платниот налог (член 427 од Законот). Поради наведеното, Судот оцени дека се неосновани наводите во иницијативите дека член 418 став 5 од Законот бил во колизија со другите одредби од главата дваесет и осум од Законот за парнична постапка со која се уредува издавањето на платниот налог.

Прашањето кое се поставува во една од иницијативите дека со оспорената регулатива прво нотарот, а потоа и судот ќе ценел дали постои правен интерес за издавање на платен налог, односно дека странките само „се вртеле“ кај нотар па во суд или обратно, што како последица можело да има застарување на побарувањето и настанување на ненадоместливи трошоци, во суштина претставува прашање за целисходноста и оправданоста на законската определба барањето за исполнување на пристигнато побарување во пари кое се докажува со веродостојна исправа, покрај пред суд, да може да се поднесува и пред нотар, во пропишана постапка, што е несомнено прашање од надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд.

Тргнувајќи од наведеното, Судот не го постави прашањето за согласноста на член 418 став 5 од Законот за парнична постапка со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

6. Според член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеите 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето или ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Членот 86 став 3 од Законот за парничната постапка веќе бил предмет на анализа пред Уставниот суд, при што со Решение У.бр.96/2011, Судот оценил дека нема основи за поведување на постапка за оценување на уставноста на оваа одредба. Одредбата била оспорувана од аспект на тоа што со истата се ограничувале правата на приправниците и стручните соработници вработени кај адвокат да го заменуваат адвокатот, со што се спречувало нивното право на образование, едукација и усовршување, со што се повредувал член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот. Од анализата на наведената уставна и законска регулатива, Судот оценил дека со оспорената одредба од Законот, не се повредуваат основните принципи на уставниот поредок на Република Македонија, ниту начелото на еднаквост на граѓаните на Република Македонија, на што се укажува во иницијативата. Имено, Законот за парничната постапка дава доволно простор странката сама да избере кое од лицата што согласно законот можат да бидат полномошници ќе го овласти да ја застапува во постапката пред суд. Законодавецот има право со закон да утврди под кои услови и во кои случаи адвокатурата обезбедува правна помош. Со оспорениот став 3 на членот 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за парничната постапка, според Судот, законодавецот ги утврдил условите и случаите кога адвокатот може да биде заменет од адвокатски стручен соработник, но со согласност на странката. Ваквото определување на условите и случаите кога може да се направи замена на адвокатот, не значи ограничување на правото на едукација и усовршување на адвокатските стручни соработници. Ова од причина што со оглед на значењето на правните односи кои по судски пат се разрешуваат во парничната постапка, како и потребата од компетентно знаење на постапката и материјалните закони заради остварување на заштитата на интересите на странките во постапката, законодавецот очигледно сака да воспостави ред во однос на лицата кои пред суд можат да се појават како полномошници на странките во постапката.

Со сега доставената иницијатива повторно се оспорува уставноста на истата одредба од Законот со која се уредува кој може да го заменува адвокатот и под кои услови, но сега од аспект на нејзината согласност со член 809 од Законот за облигационите односи ( според која одредба, според наводите во иницијативата, немало забрана за приправници и адвокати вработени кај адвокат да го заменуваат адвокатот) и член 81 став 1 алинеја 2 од Законот за парничната постапка (според кој полномошник на странката може да биде лице дипломиран правник кое со странката е во работен однос, а тоа подразбирало дека правните лица можат да бидат застапувани од нивни приправници), затоа што со нивната неусогласеност се повредувала слободата на пазарот и претприемништвото гарантирани со член 55 од Уставот. Имено, неусогласеноста на одредбите се состоела во тоа што според едни одредби од Законот за парничната постапка, било дозволено приправник вработен во правно лице да може да го застапува правното лице, а додека со оспорената одредба адвокатски приправник го немал тоа право, и покрај тоа што на пазарот сите биле еднакви.

Имајќи превид дека Уставниот суд веќе се произнел дека прашањето за тоа кои лица и под кои услови можат да го заменуваат адвокатот, на начин како е тоа уредено со член 86 став 3 од Законот, не е во несогласност со Уставот, а во сега доставената иницијатива нема аргументи за промена на ваквиот став на Судот, како и имајќи ја предвид надлежноста на Уставниот суд утврдена со член 110 од Уставот, според која Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, а не и за меѓусебната согласност на законите, на што во суштина се сведува наводот во иницијативата, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеите 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата во делот со кој се бара повторно оценување на уставноста на член 86 став 3 од Законот за парничната постапка од причини наведени во иницијативата.

Наводите во иницијативите дека оспорените одредби од член 98 став 3 и став 5 од Законот за парничната постапка не биле во согласност со член 6 став 1 од Законот за заштита на личните податоци значат барање за оценување на меѓусебна согласност на два закона, што не е во надлежност на Уставниот суд, поради што Судот оцени се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата во овој дел.

Уставноста на член 101 став 1 од Законот за парничната постапка веќе била предмет на оцена пред Уставниот суд, при што со Решение У.бр.96/2011 од 16 ноември 2011 година, Судот помеѓу другото, повел постапка за оценување на уставноста на член 101 став 1 од Законот за парничната постапка, затоа што оценил дека оваа одредба основано може да се доведе под сомнение по однос на принципот на еднаквост на граѓаните на Република Македонија предвиден во членот 9 од Уставот. Ова затоа што според Судот, недопуштено било странките, од една и полномошниците, од друга страна, да имаат различен третман во постапката пред судовите. Судот сметал дека рок за доуредување на поднесоците треба да се остави на сите странки, односно да се даде можност на сите во постапката (странки и полномошници) да ги исправат поднесоците. На тој начин, според Судот, се вршела повреда на положбата на странките во зависност од тоа дали има полномошник или не. Меѓутоа, со Решение У.бр.96/2011 од 26.09.2012 година, Судот ја запре постапката за оценување на уставноста на член 101 став 1 од Законот за парничната постапка.

Со оглед дека со сега доставените иницијативи повторно се бара оценување на уставноста на истата одредба од Законот, од истите причини, Судот оцени дека нема основи за поинакво одлучување и дека се настапени деловничките претпоставки за отфрлање на иницијативата во овој дел.

Наводите во една од иницијативите дека оспорениот член 418 став 5 од Законот за парнична постапка не бил во согласност со член 2, член 4, член 175, член 176 став 1 и член 418 став 1 и став 2 од истиот закон, значат барање за оценување на меѓусебна согласност на одредби од ист закон, што не е во надлежност на Уставниот суд, поради што Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата во овој дел.

Исто така, во однос на прашањето кое се поставува со една од иницијативите, поврзано со основаноста и законитоста на заклучоците на апелационите судови во Битола, Гостивар, Скопје и Штип донесени на 6 октомври 2011 година, Известувањето од 7 ноември 2011 година изготвено од страна на претседателот на Апелациониот суд Скопје доставено до основните судови на ова апелационо подрачје и новите заклучоци на апелационите судови донесени на работна средба на 11 ноември 2011 година, Судот оцени дека станува збор за прашање за кое Уставниот суд нема надлежност, поради што се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата во овој дел.

Со одредбите на член 16-а до член 16-ж од Законот за извршување се уредува постапката пред нотар за донесување на решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа. Наведените одредби стануваат составен дел на Законот за извршување со член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 83/2009), со кој по членот 16 се додаваат осум нови наслови и осум нови члена 16-а, 16-б, 16-в, 16-г, 16-д, 16-ѓ, 16-е и 16-ж.

Уставниот суд ја ценел уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.83/2009) во целина и посебно на член 5, во делот во кој се определува додавање на членовите 16-г и 16-ѓ, и на член 13 ставовите 3 и 4 од Законот, при што со Решение У.бр.117/2010 од 5 октомври 2011 година, не повел постапка за оценување на уставноста на Законот во целина и на поединечните одредби. Во овој предмет Судот оценил дека оспорениот Закон во целина и наведените одредби посебно, се однесуваат на определувањето извршителите да постапуваат и според решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа донесено од нотар, при што се уредува содржината на предлогот за извршување, основот за донесување на решението, постапувањето на нотарот по предлогот за извршување, постапувањето на извршителот по правосилно и извршно решение со кое се дозволува извршување донесено од суд. Во однос на постапувањето на нотарот по предлогот за извршување, Законот определува дека нотарот, врз основа на законски определените податоци во предлогот и приложената веродостојна исправа кон него, утврдува дали предлогот за извршување е допуштен и основан и, ако предлогот ги исполнува законските услови, нотарот донесува решение кое го доставува до странките, па ако нема приговор против решението, нотарот става потврда за правосилност и извршност и извршителот го спроведува таквото решение; ако има допуштен, јасен и целосен приговор на решението преку нотарот до судот во рок од осум дена, нотарот го доставува предметот до надлежниот суд на натамошно постапување и донесување на одлука; доколку, пак, нотарот утврди дека предлогот за извршување е недопуштен или неоснован, ќе го препрати предметот до судот за натамошно постапување и одлучување, а ако е предлогот неуреден нотарот ќе даде насоки, по кои ќе ја продолжи постапката односно ако не се постапи по насоките, нотарот ќе донесе решение за отфрлање на предлогот против кое е дозволена жалба до надлежниот суд . Со други зборови, Законот го овластил нотарот да ги утврдува фактите во врска со предлозите за извршување засновани на веродостојни исправи донесени од нотар односно да постапува по неспорни прашања, што е дел од законската определба нотарот да биде повереник на судот заради ефикасно вршење на судската власт, а доколку се појави нешто спорно при таквото овластување на нотарот, постапката продолжува пред надлежниот основен суд. При таква состојба, оспорените законски одредби не определуваат навлегување на нотарите во судската власт и во нејзината самостојност, ниту пак ја повредуваат темелната вредност поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска, поради што Судот утврди дека оспорените законски одредби се во согласност со член 8 став 1 алинеја 4, член 53 и со Амандман XXV на Уставот на Република Македонија.

Со сега доставената иницијатива се бара повторно оценување на уставноста на членовите 16-а до 16-ж од Законот за извршување, заради нивната спротивност со целите на Законот за извршување дадени во член 1 од Законот за извршување и како одредби кои се во колизија со Главата дваесет и осма од Законот за парнична постапка.

Со оглед дека Уставниот суд веќе се произнел за согласноста на оспорените одредби од Законот за извршување со Уставот, а во сега доставената иницијатива нема аргументи за промена на ваквиот став, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата во овој дел.

Дополнително, барањето за оцена на меѓусебната согласност на одредби од ист закон или на одредби од два закона, на што во суштината се сведува барањето за оцена на уставноста на наведените одредби од Законот за извршување во сега доставената иницијатива, не е во надлежност на Уставниот суд, поради што се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на ваквата иницијатива.

7. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.197/2011
10 октомври 2012 година
14 ноември 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски