Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 13 февруари 2002 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членот 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за домување (“Службен весник на РМ” бр.48/2000).
2. Дочка Меновиќ од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за оценување уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, со изменетата формулација на ставовите 1 и 2 од членот 48 од Законот за домување, се нарушувала правната заштита на сопственоста, загарантирана со Уставот на Република Македонија.
Имено, со новата формулација на овој член од Законот, се давала можност, по пат на надгласување, да се нарушува правото на сопственост на помалиот број сопственици кои имале еднакво право на сопственост како и мнозинствениот број сопственици.
3. Судот на седницата утврди дека согласно членот 6 од оспорениот закон, за измените поправките и преправките на заедничките простории и делови во станбената зграда што служат на зградата како целина, како и преправките на зградата, се вршат врз основа на согласност на мнозинството сопственици на сите станови на зградата, односно на влезот на зградата.
Ако мнозинството сопственици на станбената зграда не се согласат по предлог на заинтересираниот сопственик, за поправките и преправките на заедничките простории и делови во станбената зграда што служат на зградата како целина, како и
преправките на зградата, ќе одлучи надлежниот суд во вонпарнична постапка.
4. Согласно член 30 став 1 од Уставот на Република Македонија се гарантира правото на сопственост.
Според ставот 2 на овој член од Уставот сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата.
Согласно ставот 3 на овој член од Уставот никому не можат да му бидат одземени или огранаичени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста, согласно ставот 4 на овој член од Уставот се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.
Од оваа уставна одредба произлегува: гаранција на правото на сопственост, но едновремено за титуларот на истата создавање на права и обврски со насока дека сопственоста треба да служи и за доброто на поединецот и за заедницата.
Понатаму, уставотворецот со императивна норма предвидува неможност за одземање или ограничување на сопственоста (става знак на равенство меѓу одземањето и ограничувањето), освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Гарантирајќи ја сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, Уставот, во случај на експропријација на сопственоста или во случај на нејзино ограничување, на титуларот на сопственоста му гарантира праведен надомест, определувајќи притоа долна граница во смисла што надоместокот не може да биде понизок од пазарната вредност.
Имајќи ги предвид наведените уставни одредби наспроти законските одредби, што подносителот на иницијативата ги става под сомнение, Судот оцени дека во случајов станува збор за сосопственост на етажните сопственици над заедничките делови во станбената зграда што служат на зградата како целина (темели, главни зидови, скалила, ходници, кров, подрум, перални,
светларници, оџаци и сл.), при што правото на сопственост на етажните сопственици е поделено не по содржина во смисла еден сопственик да има право на употреба, другиот на располагање и сл., туку според обемот во смисла што на секој сосопственик му припаѓа сразмерен дел од секое овластување од кое се состои правото на сопственост.
Притоа, Судот оцени дека не може да станува збор за повреда на правото на сопственост на помалиот број сопственици што не дале согласност за поправки и преправки на заедничките простории или делови од станбената зграда што и служат на зградата како целина, кога се знае дека ваквото, условно речено, попречување би траело само извесен временски период.
Во тој контекст, Судот оцени дека во случај да се почитува ставот на помалиот број сопственици, што не дале согласност за вршење на преправки и поправки на заедничките простории што и служат на зградата како целина, би се ограничувало правото на сопственост на мнозинскиот дел сопственици.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека станува збор за сосопственост на етажните сопственици врз заедничките простории што и служат на зградата како целина, за што важи принципот на мнозинствено одлучување.
Притоа, правото на секој сосопственик, по содржина, е исто како да е секој сопственик на заедничките простории што и служат на зградата како целина, со тоа што истото е ограничено со правата на останатите сосопственици.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека во случајов не може основано да се постави прашањето за уставноста на оспорената законска одредба, затоа што не станува збор за повреда на сопственоста и правата што произлегуваат од неа туку за сосопственост која, како таква, не го тангира принципот на исклучивост на сопственоста и што сите сосопственици заедно претставуваат еден единствен титулар.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.197/2001
13 февруари 2002 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов