У.бр.195/2003

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 3 ноември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на:

– Законот за заштита на населението од заразни болести што ја загрозуват целата земја (“Службен лист на СФРЈ” бр.51/1984 и 63/1990),
– Законот за заштита на населението од заразни болести (“Службен весник на СРМ” бр.18/1976, 18/1982 и 37/1986 и “Службен весник на Република Македонија” бр.15/1995),
– Правилникот за условите и начинот на вршење задолжителна имунизација, серопрофилакса и хемопрофилакса против заразни болести и за лицата кои подлежат на таа обврска (“Службен лист на СФРЈ” бр.68/1991),
– Правилникот за условите за вршење дезинфекција, дезинсекција и дератизација заради спречување и сузбивање на заразните болести (“Службен лист на СФРЈ” бр. 42/ 1985),
– Правилникот за мерките за заштита од внесување и за сузбивање на колера, чума, вирусни хеморалгични трески, жолта треска и маларија во целина и посебно оспорениот член 4 став 1 (“Службен лист на СФРЈ” бр.42/1985),
– Правилникот за здравствени прегледи на лицата што преболеле цревен тифус, бациларна дезинтерија или салмонелоза “Службен лист на СФРЈ” бр.42/1985),
– Правилникот за условите и начинот на водење податоци за лабараториските испитувања и за давање известувања за причинителите на одделни заразни болести (“Службен лист на СФРЈ” бр.42/ 1985),
– Правилникот за здравствените прегледи на лицата ставени под здравствен надзор заради спречување на заразни болести (“Службен лист на СФРЈ” бр.52/1985),
– Правилникот за начинот на пријавување на заразни болести (“Службен лист на СФРЈ” бр.42/1985),
– Правилникот за начинот на ископување и пренесување на умрени лица (” Службен лист на СФРЈ” бр.42/1985),
– Правилникот за заштита од ширење на зараза во самите здравствени организации (“Службен лист на СФРЈ” бр.49/1986),
– Правилникот за начинот и условите за вршење на дезинфекција, дезинсекција и дератизација (“Службен весник на СРМ” бр.45/ 1976),
– Правилникот за начинот, роковите и обрасците за пријавување, за евиденција и известување за движењето на заразните болести, како и за начинот на известување за лабараториски наод (“Службен весник на СРМ” бр.45/1976) и
– Правилникот за условите и начинот на пренесување на умрени лица, како и за ископување и пренесување на умрените лица (“Службен весник на СРМ” бр.45/1976).

2. Асан Муча од Тетово, во свое име и во име на група граѓани од Тетово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актите означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, иако одамна изминале роковите за усогласување на актите донесени од поранешната СФРЈ, односно СРМ со донесување на Уставот на Република Македонија од 1991 година, оспорените акти се уште биле во примена во Република Македонија, а посебно оние донесените од одамна непостоечката држава СФРЈ. Како такви, актите не кореспондирале со сегашната уставноправна и уставнополитичка состојба и посебно не биле во согласност со европското законодав- ство. Оспорените акти биле “прегазени од времето” и со самото тоа биле спротивни на Уставот на Република Македонија.

Покрај ваквите општи наводи по однос на сите 14 оспорени акти, во иницијативата поголем акцент е с тавен на барањето за поведување постапка за оцену- вање на уставноста на Правилникот за мерки за заштита од внесување и за сузбивање на колера, чума, вирусни хеморалгични трески, жолта треска и маларија. Имено, по однос на овој акт се наведува дека содржел одредба според која лицата кои патуваат во земја каде се присутни наведените болести, патувањето морале да го вршат исклучиво со авион или со брод (член 4 став 1). Оваа одредба посебно го ограничувала правото на верски слободи и верско изразување на граѓаните од муслиманска вероисповест при нивното патување на аџилак, како и на сите граѓани кои од лични побуди сакале да патуваат во такви земји и подрачја. Потоа, одредбата задирала во социо-економските права на граѓаните, бидејќи заради ваквиот начин на патување граѓаните биле изложени на финансиски издатоци, а воедно се ограничувале и слободите и правата на граѓаните за слободно, неограничено и непречено движење надвор од земјата.

3. Судот на седницата утврди дека во Законот за заштита на населението од заразни болести што ја загрозуват целата земја, најнапред се дефинира кои болести се сметаат како опасни заразни болести што ја загрозуваат целата земја (СФРЈ). Понатаму се содржани одредби за мерките за спречување и сузбивање на заразните болести, како и за мерките за обезбедување заради заштита на населението од заразни болести. Покрај одредбите што ги определуваат надлежностите на сојузните органи, во законот се содржани и одредби за надлежностите на републичките односно покраинските органи. Во членот 51 од Законот е содржано овластување за функционерот кој раководи со сојузниот орган на управа надлежен за работите на здравството да донесе повеќе прописи. Оваа законска одредба е законски основ за донесување на дел од оспорените правилници.

– Во Законот за заштита на населението од заразни болести се содржани речиси идентични одредби како во првооспорениот акт, со таа разлика што одредбите имаат правна сила на територијата на Република Македонија.

Првиот и вториот акт престанале да важат врз основа на член 70 од Законот за заштита на населението од заразни болести (“Службен весник на Република Македонија” бр.66/2004, односно од 9 октомври 2004 година.

– Третиот оспорен акт содржи одредби за условите и начинот на вршење задолжителна имунизација, серопрофилакса и хемопрофилакса против заразни болести и за лицата кои подлежат на таа обврска. Законски основ за донесување на овој акт е член 51 став 1 точка 6 од сојузниот Закон.

– Четвртиот оспорен акт содржи одредби за условите за вршење дезинфекција, дезинсекција и дератизација заради спречување и сузбивање на заразните болести. Законски основ за донесување на овој акт е член 51 став 1 точка 3 од сојузниот Закон.

– Петтиот оспорен акт содржи одредби за мерки за заштита од внесување и за сузбивање на колера, чума, вирусни хеморалгични трески, жолта треска и маларија. Законски основ за донесување на овој акт е член 51 став 1 точка 8 од сојузниот Закон.

Според содржината на посебно оспорениот член 4 став 1 од Правилникот за мерките за заштита од внесување и за сузбивање на колера, чума, вирусни хеморал- гични трески, жолта треска и маларија, лицата кои патуваат на масовни собири во земјите од член 1 став 2 на овој правилник можат да патуваат во тие земји и да се враќаат во Социјалистичка Федеративна Република Југославија само со авион или брод.

Врз основа на член 10 од Правилникот за мерките за заштита од внесување и за сузбивање на колера, чума, вирусни хеморалгични трески, жолта треска и маларија (“Службен весник на Република Македонија” бр.76/2003), петтиот акт престанал да се применува, сметано од 9 декември 2003 година.

– Шестиот оспорен акт содржи одредби за начинот на вршење на здравствени прегледи на лицата што преболеле цревен тифус, бациларна дезинтерија или салмонелоза. Законски основ за донесување на овој акт е член 51 став 1 точка 5 од сојузниот Закон.

– Седмиот оспорен акт содржи одредби за условите и начинот на водење податоци за лабараториските испитувања и за давање известувања за причинителите на одделни заразни болести. Законски основ за донесување на овој акт е член 51 став 1 точка 1 од сојузниот Закон.

– Осмиот оспорен акт содржи одредби за здравствените прегледи на лицата ставени под здравствен надзор заради спречување на заразни болести. Законски основ за донесување на овој акт е член 51 став 1 точка 4 од сојузниот Закон.

– Деветиот оспорен акт содржи одредби за начинот на пријавување на одделни заразни болести. Законски основ за донесување на овој акт е член 51 став 1 точка 2 од сојузниот Закон.

– Десетиот оспорен акт содржи одредби за начинот на ископување и пренесување на умрени лица. Законски основ за донесување на овој акт е член 51 став 1 точка 7 од сојузниот Закон.

– Единаесетиот оспорен акт содржи одредби за заштита од ширење на зараза во самите здравствени организации. Законски основ за донесување на овој акт е член 51 став 1 точка 9 од сојузниот Закон.

– Дванаесетиот оспорен акт содржи одредби за начинот и условите за вршење на дезинфекција, дезинсекција и дератизација.

– Тринаесетиот оспорен акт содржи одредби за начинот, роковите и обрасците за пријавување, за евиденција и известување за движењето на заразните болести, како и за начинот на известување за лабараториски наод.

– Четиринаесетиот оспорен акт содржи одредби за условите и начинот на пренесување на умрени лица, како и за ископување и пренесување на умрените лица.

Законски основ за донесување на трите последно наведени оспорени акти е членот 34 од Законот за заштита на населението од заразни болести.

4. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување.

Во конкретниот случај, по поднесување на иницијативата, оспорениот сојузен Закон за заштита на населението од заразни болести што ја загрозуваат целата земја, како и оспорениот Закон за заштита на населението од заразни болести престанале да важат врз основа на член 70 од Законот за заштита на населението од заразни болести (“Службен весник на Република Македонија” бр.66/2004) сметано од 9 октомври 2004 година.

По поднесувањето на иницијативата, исто така, престанал да важи и Правилникот за мерки за заштита од внесување и за сузбивање на колера, чума, вирусни хеморалгични трески, жолта треска и маларија (“Службен лист на СФРЈ” бр.42/1985), а врз основа на член 10 од Правилникот за мерките за заштита од внесување и за сузбивање на колера, чума, вирусни хеморалгични трески, жолта треска и маларија (“Службен весник на Република Македонија” бр.76/2003). Новодонесениот Правилник влегол во сила на 9 декември 2003 година.

Од изнесената фактичка и правна состојба произлегува дека со престанокот на важење на оспорените акти има процесна пречка за оценување на нивната уставност, односно уставност и законитост, со оглед на тоа што Уставниот суд е надлежен за оценување на уставноста и законитоста исклучиво на акти што се во правниот промет.

Со престанокот на важење на двата законски акти и донесувањето на Законот што сега е во сила, Судот оцени дека не може да се впушта во оценување на нивната согласност со одредбите од Уставот и да ги цени наводите за неусогласеност на оспорените акти со сегашната уставноправна и уставнополитичка состојба и нивната усогласеност со европското законодавство. Од друга страна, во иницијативата не се наведува повреда на конкретна одредба од Уставот и наводите се дадени во општа насока.

Поради престанок на важење на Правилникот за мерки за заштита од внесување и за сузбивање на колера, чума, вирусни хеморалгични трески, жолта треска и маларија во целина и посебно оспорениот член 4 став 1 (“Службен лист на СФРЈ” бр.42/1985), Судот, исто така, не се впушти во оцена на неговата уставност, ниту пак, во анализа на наводите од иницијативата што се однесуваат на овој акт.

По однос на преостанатите девет оспорени акти во иницијативата се содржани идентични наводи и не се бара Судот да ја оценува нивната законитост, а со донесување на Законот што сега е во сила, целта на иницијативата – да се постигне донесување на нова регулатива е постигната, поради што Судот смета дека наводите содржани во иницијативата повеќе не можат да бидат издржани.

Од друга страна, во член 68 став 1 од Законот за заштита на населението од заразни болести што е во сила, подзаконските прописи предвидени со овој закон е уредено да се донесат во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон (до 9 март 2005 година), а според став 2 од истата одредба, до денот на влегување во сила на прописите од ставот 1 на овој член се применуваат постојните прописи, ако не се во спротивност со одредбите од овој закон. Оттука, во периодот на усогласување на подзаконските прописи, што сй уште тече и при отуство на барање за оценување на законитост на преостанатите девет оспорени акти, по однос на сега непостоечката законска регулатива, нема процесни претпоставки за одлучување по иницијативата во овој дел.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.195/2003
3 ноември 2004 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова