У.бр.194/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 11 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 септември 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 21 во делот “и други корисни површини” и член 25 став 1 точка 3 во делот “и неуредени површини” од Одлуката за комунален ред на подрачјето на општина Куманово објавена во “Службен гласник на општина Куманово” бр.13 и 14/97.

2. Томановиќ Васко, адвокат од Скопје на Уставниот суд на Република македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката означени во точката 1 од ова решение, затоа што, според наводите во иницијативата термините “и други корисни површини (член 21) и “нивните дворни уредени и неуредени површини (член 25, став 1 точка 3) биле апсолутно неопределени параметри поради што било можно давателот на комуналната услуга да наплати цена за реално, односно фактички неизвршена услуга што, од друга страна, значело и негово повластување на штета на физичките и правните лица.

Во иницијативата, исто така, се наведува дека оспорените делови од наведените членови од Одлуката создавале можност за неправилна примена на членот 29 став 1 точка 7 од Законот за комунални дејности, и член 50 став 2 од Одлуката (според кои цената на овој вид на услуги се плаќала во денари по м2), а во практичната примена создавале и фактичка нееднаквост меѓу взаемните давања помеѓу физичките и правните лица, како корисници на оваа услуга и јавното претпријатие што ја вршело оваа дејност, како давател на услугата, што било во спротивност со начелото на еднаква вредност на заемните давања во засновањето на двострани договори утврдено во членот 8 став 1 од Законот за облигационите односи.

Поради наведените причини, во иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на оспорените делови од цитираните одредби на Одлуката, а потоа и да ги укине. При тоа во иницијативата не се посочува ни еден член од Уставот ниту од Законот за комунални дејности со кои овие одредби од Одлуката не се во согласност.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 21 од Одлуката е утврдено дека под домашен смет, во смисла на оваа одлука, се сметаат отпадоците што се создаваат во секојдневниот живот и работа во станбените, деловните, дворни и други корисни површини (оспорен дел) и простории и тоа: отпадоци од храна, градинарски, овошни и други земјоделски култури, коски, лименки, шишиња, хартија, картони и сл..

Во членот 25, пак, се утврдува дека површини и простории од кои се создава домашен смет се: 1. Станбени простории, балкони, лоѓи, заеднички ходници и скалишта, преодни тераси, визби, гара`и, шупи, засолништа, енергетски и други простории, 2. Дворни, уредени и неуредени површини на објектите, 3. Деловни и работни простории и дворни површини на правни и физички лица, површини за производна и друга намена, магацини, канцеларии, трговски, угостителски, хотелски, пазарни, занаетчиски, културно-просветни, образовни, спортско-рекреативни и забавни површини и нивните дворни уредени и неуредени површини (оспорен дел). 4. Објекти што се во градба според локацијата на градилиштето и 5. Други површини што се користат од правни и физички лица.

4. Имајќи предвид дека со иницијативата се бара оценување на уставноста и законитоста на оспорените одредби од Одлуката не затоа што овие одредби не се во согласност со Уставот и Законот за комуналните дејности, туку причините за нивното оспорување подносителот ги поврзува единствено со нивната примена во практиката при што според неговото толкување на овие одредби, се повредувало начелото на еднаква вредност на заемните давања утврдено во членот 8 од Законот за облигационите односи, Судот утврди дека тоа е фактичко прашање, за кое не е надлежен да одлучува.

Меѓутоа, независно од напред наведените причини и аспекти поради кои со иницијативата се оспорува уставноста и законитоста на оспорените одредби од Одлуката, Судот оценувајќи ги овие одредби од аспект на уставно утврдените принципи на владеењето на правото и на обезбедување еднаква положба на граѓаните и другите субјекти во поглед на нивната обврска за плаќање на услугите што ги извршувало јавното претпријатие утврди дека и во однос на овие уставни принципи неможе да се постави прашањето за нивната согласност со Уставот од следните причини:

Во членот 2 од Одлуката се дефинира дека под комунален ре, меѓу другото, се подразбира собирање, транспортирање и депонирање на сметот од индивидуалните домаќинства, претпријатијата и други правни лица.

Според членот 20 од Одлуката, на подрачјето на град Куманово опфатен со Генералниот урбанистички план се врши организирано изнесување на домашниот смет, сметот од јавните сообраќајни површини и изнесување на фекалии и фекални води од септички јами.

Во функција на операционализација на овние одредби од Одлуката, меѓу другите, се и членовите 21 и 25 од Одлуката, чии одредби се и предмет на оспорување на оваа иницијатива.

Така, во членот 21 поблиску се определува што се се подразбира под домашен смет во смисла на оваа Одлука, а додека во членот 25 таксативно се утврдени површините и просториите од кои се создава домашниот смет, а за чие собирање, изнесување и депнирање е задолжено Јавното претпријатие, за чии услуги, пак, граѓаните и правните лица се должни да плаќаат определена цена по метар квадратен на површините и просториите утврдени токму во членот 25 од Одлуката, а не оние од член 21, како што смета подносителот на иницијативата.

На овој начин толкувајќи ја основната цел и суштина на овие два члена од Одлуката, Судот смета дека нивните одредби се доволно јасно определени и разбирливи и како такви се во функција на обезбедување на принципот на владеењето на правото и еднаквата положба на граѓаните и правните лица. Ова подеднакво се однесува и за оспорените делови од овие членови, а посебно за делот “неуредени површини” од членот 25 точка 3 од Одлуката, бидејќи според мислењето на Судот, од целината на точката 3 од овој член произлегува дека терминот “неуредени површини” се однесува на дворните места на објектите наведени во овој член, а не и на било кои други површини во која смисла е толкувањето на овие одредби од страна на подносителот.

Ваквото значење на оспорените делови од членот 21 и 25 од Одлуката, според мислењето на Судот, произлегува доколку истите се посматраат во корелација и со другите одредби од Одлуката, а посебно со членот 50 став 2, според кој надоместокот за изнесување на домашниот смет се утврдува по метар квадратен станбен или деловен простор и дворна површина.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.194/2001
12 септември 2001 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов