У.бр.191/2002-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 12 и 13 ноември 2003 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 18 став 2 алинеја 7 во делот “(и Министерството за финансии)” и член 24 став 3 од Уредбата за начинот и постапката за отуѓувањето, давањето под закуп и висината на посебните трошоци на постапките за отуѓувањето и давањето под закуп на градежното земјиште сопственост на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.79/2001, 103/2001, 38/2002 и 35/2003).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијатива поднесена од Стамен Филипов од Скопје, со Решение У. бр. 191/2002 од 1 и 2 октомври 2003 год., поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Уредбата означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот и Законот за сопственост и други стварни права.

4. Судот на седницата утврди дека членовите 18 и 24 од Уредбата, се однесуваат на постапката за јавно наддавање за стекнување право на долготраен закуп на градежно земјиште во сопственост на Република Македонија.

Според оспорената алинеја 7 на ставот 2 на член 18 од Уредбата, објавата за јавното наддавање, меѓу другите податоци, треба да содржи и известие за странските физички и правни лица кои ќе земат учество во јавното наддавање дека пред склучувањето на договорот треба да се прибават согласности од надлежните министерства (Министерството за правда и Министерството за финансии).

Според, оспорениот став 3 на член 24 од Уредбата, доколку најповолен понудувач е странско физичко или правно лице, пред пристапување на склучување на договорот за долготраен закуп потребно е да се прибави согласност од Министерството за правда и Министерството за финансии.

5. Во членот 51 став 1 од Уставот на Република Македонија, кој се наоѓа во поглавјето за гаранциите на основните слободи и права, утврдено е дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Во членот 245 од Законот за сопственост и други стварни права утврдено е дека странски физички и правни лица, можат под услови на реципроцитет, да стекнуваат право на долготраен закуп на градежно земјиште за изградба на деловни згради и деловни простории и станбени згради и станови на територијата на Република Македонија, врз основа на согласност на министерот за правда, по претходно прибавено мислење на министерот надлежен за урбанизам и градежништво и министерот за финансии.

Имајќи предвид дека во оспорените одредби од Уредбата се пропишува обврска за прибавување на две согласности пред склучувањето на договорот за долготраен закуп на градежно земјиште сопственост на Република Македонија кога се во прашање странски физички и правни лица, а од друга страна, според член 245 од Законот за сопственост и други стварни права во овој случај потребна е само согласност на министерот за правда, Судот оцени дека член 18 став 2 алинеја 7 во делот (и Министерството за финансии) и став 3 на член 24 од Уредбата, не се во согласност со членот 245 од Законот за сопственост и други стварни права, а истовремено и со член 51 од Уставот. Ова и од причина што формата, содржината и условите за склучување на договорите единствено можат да се уредуваат само со закон, а не и со подзаконски акт, а во конкретниот случај согласностите што се пропишуваат во оспорените одредби претставуваат токму услов за склучување на договорот за долготраен закуп со странски физички и правни лица.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.191/2002
12 и 13 ноември 2003 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова