У.бр.186/2001-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 30 јануари 2002 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 40 став 3 од Законот за вршење на занаетчиската дејност (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/98, 98/2000).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива поднесена од Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.186/2001 поведе постапка за оценување уставноста на членот 40 став 3 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано беше поставено прашањето за неговата согласност со членовите 13 став 1, 14 став 1 и 54 став 1 од Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека според членот 40 став 3, од Законот, мајсторски испит не можат да полагаат лица кои со правосилна судска одлука се осудени за казниви дела пропишани во овој закон, како и казниви дела против јавните финансии и работните односи, како и лица на кои им е изречена мерка на безбедност – забрана на вршење дејност, односно занимање.

5. Според член 13 став 1 од Уставот на Република Македонија лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а согласно член 14 став 1 од Уставот никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Согласно член 32 став 1 и 2 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување и достапност на секое работно место под еднакви услови.

Во член 54 став 1 од Уставот е предвидено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Видовите на санкции кои можат да се изречат за казниви дела (кривично дело или прекршок) се пропишани во Кривичниот законик и Законот за прекршоците. Така, во овие два закони, како посебни видови санкции се утврдени и мерките на безбедност, меѓу кои и забраната за вршење на професија, дејност или должност, кои можат да се изречат ако на сторителот му е изречена казна затвор, парична казна или условна осуда.

Во член 5 од Кривичниот законик утврдено е дека на сторителот, меѓу другото, на кривично дело во извршувањето на кривичната санкција можат да му бидат одземени или ограничени права само во мера која им одговара на природата и содржината на таа санкција, а според членот 60 од истиот Законик целта на мерките на безбедност е да се отстранат состојбите или условите што можат да влијаат сторителот во иднина да врши кривични дела.

Од суштината на наведените уставни и законски одредби произлегува дека на сторителот на казниво дело може да му се изрече санкција односно казна, што како таква е утврдена со закон и дека санкцијата, односно казната може да се изрече само со судска одлука. Тоа од друга страна, значи дека казнено-правниот однос се исцрпува на релацијата на казнивото дело и судски изречената казна односно санкција на сторителот и дека во извршувањето на изречената казна, односно санкција на сторителот на казнивото дело можат да му бидат одземени или ограничени определени права само во мера која им одговара на природата и содржината на таа санкција, односно казна (член 5 од Кривичниот законик), а сите други натамошни последици што се состојат во ограничување на правата на сторителот на казнивото дело што не произлегуваат од осудата не се допуштени, освен ако тоа не е изречно утврдено со Уставот, согласно член 54 став 1 од Уставот.

Имајќи го предвид наведеното, како и содржината на 40 став 3 од Законот, Судот смета дека ограничувањето на правото на полагање на мајсторски испит на лицата кои со правосилна судска одлука се осудени за казниви дела пропишани во овој закон, како и за казниви дела против јавните финансии и работните односи, што се врши со оваа одредба од Законот, нема уставно правен основ со оглед на тоа што ова ограничување не е последица од извршување на осуда, односно мерка што ја изрекол судот, но е последица што настапува по сила на самиот закон.

Ова подеднакво се однесува и за делот од оваа оспорена одредба според кој мајсторски испит не може да полагаат и лицата на кои им е изречена мерка на безбедност – забрана за вршење дејност, односно занимање. Имено, и во овој случај ограничувањето на правото на полагање на мајсторски испит на лицата на кои им е изречена мерката на безбедност забрана на вршење дејност, односно занимање не одговара на самата природа и содржина на оваа мерка и не произлегува од нејзиното извршување, но претставува друга дополнителна последица што тие ја трпат по основ на осудуваноста, односно изречената мерка по сила на самиот закон, што исто така не е во согласност со членовите 13 став 1 и 14 став 1, а поврзано со тоа и со член 54 став 1 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.186/2001
30 јануари 2002 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов