У.бр.185/2006-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992), на седницата одржана на 17 јануари 2007 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 77 став 7 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 35/2005, 50/2006 и 129/2006).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Јаким Илиев од Кочани, со Решение У.бр.185/2006 од 29 ноември 2006 година, поведе постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека, според член 77 став 1 од Законот за извршување, странката или учесникот кој смета дека при извршувањето се сторени неправилности може да поднесе приговор за отстранување на неправилностите до претседателот на основниот суд на чија територија извршувањето, или пак дел од него, се спроведува. Според ставот 2 на овој член, приговорот за отстранување на неправилностите може да се поднесе во рок од три дена по денот на осознавање на неправилноста, но не подоцна од 15 дена по завршувањето на извршувањето. Според ставот 3 на истиот член, претседателот на судот одлучува по приговорот во рок од 72 часа по приемот на приговорот. Според ставот 4, по потреба, претседателот на судот може да одлучи да ги сослуша странките и учесниците и извршителот. Според ставот 5, приговорот се доставува до странките, учесниците и извршителот на одговор, заедно со поканата во која се утврдени датумот и времето на сослушување на странките и учесниците пред судот, ако е утврдено тоа. Според ставот 6, претседателот на судот донесува одлука по приговорот во рокот определен во ставот (3) на овој член, без оглед на тоа дали спротивната странка навремено дала одговор по приговорот или пак изјавила дека истиот не го оспорува. Според оспорениот став 7 на овој член, против одлуката на претседателот на судот не е дозволена жалба.

5. Според член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, се темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според Амандманот XXI, со кој е заменет член 15 од Уставот, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд. Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.

Според член 1 од Законот за извршување, со овој закон се уредуваат правилата според кои извршителите постапуваат заради присилно извршување на судска одлука која гласи на исполнување на обврска. Одредбите од овој закон се применуваат и врз присилно извршување на одлука донесена во управна постапка која гласи на исполнување на парична обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено, како и на извршување на брод и на воздухоплов.

Согласно член 3 од Законот, извршителот го спроведува извршувањето.

Извршителот, заменикот на извршител и помошникот на извршител, согласно член 11 став 1 точка 6 од Законот за извршување, се дефинирани како лица кои вршат јавни овластувања утврдени со закон, именувани согласно одредбите на овој закон, кои директно одлучуваат за дејствијата што треба да се преземат во рамките на нивните овластувања за да се спроведе извршната одлука и да ги преземат извршните дејствија.

Согласно член 40 став 1 од Законот за извршување, извршителот ги презема следниве дејствија: прима писмени и усмени барања за извршување; врши достава на судски писмена; врши достава на налози, записници, заклучоци и други документи кои произлегуваат од вршењето на неговата работа; врши легитимирање на странките и учесниците во извршувањето; прибира податоци за имотната состојба на должникот во функција на извршувањето; донесува налози, заклучоци, составува записници, барања и службени белешки; врши попис, процена, пленидба, продажба на подвижни предмети, права и недвижности, прима средства од должникот, предава во владение и распределува средства; врши иселување и други извршни дејствија потребни за спроведување на извршувањето определени со закон и подзаконски акти; врши објавување во средствата за јавно информирање и врши други дејствија предвидени со закон.

Согласно член 31 од Законот, извршителот се именува за подрачјето на основен суд и извршува извршни исправи на судот или органот чие седиште е на подрачјето за коешто е именуван, а при спроведување на извршувањето презема дејствија на целата територија на Република Македонија.

Спроведувањето на извршувањето е регулирано со посебна глава IX од Законот. Така согласно член 74, извршувањето по правило се спроведува секој ден од 06,00 до 21,00 часот. Со дозвола на претседателот на основниот суд на чие подрчје се спроведува извршувањето, извршувањето може да се спроведе независно од термините утврдени во ставот 1 на овој член.

Согласно член 75 став 1 од Законот, извршителот е должен при преземање на извршни дејствија во станот на должникот, при пребарување на облеката што ја носи тој на себе и при преземање на други извршни дејствија да постапува со должна почит спрема личноста на должникот и членовите на неговото домаќинство. За преземање на извршни дејствија во станот на должникот, извршителот обезбедува писмена дозвола од претседателот на основниот суд на чие подрачје се спроведува извршувањето.

Согласно ставот 2 од овој член од Законот, на извршните дејствија во станот на должникот на кои не присуствува должникот, негов законски застапник, полномошник или полнолетен член на неговото домаќинство, мора да присуствува полиција и двајца полнолетни сведоци.

Согласно ставот 4 на овој член, кога извршното дејствие треба да се спроведе во просторија што е заклучена, а должникот не е присутен или не сака да ја отвори просторијата, извршителот ќе ја отвори просторијата во присуство на полиција и двајца полнолетни сведоци.

Согласно член 76 од Законот, извршителот е овластен да го отстрани лицето кое го попречува спроведувањето на извршувањето, а според околноста на случајот и да побара помош од полиција.

При уставно-судската анализа на оспорената одредба од член 77 став 7 од Законот за извршување, пред Судот како спорно правно прашање се постави прашањето за карактерот на одлуката на претседателот на судот со која тој одлучува по приговорот против неправилности при извршувањето, односно прашањето дали оваа одлука има карактер на одлука со која се решава за права и обврски на граѓаните, која како таква спаѓа во опфатот на точка 1 на Амандман XXI од Уставот.

Имајќи ја предвид содржината на членот 77 како и целината на Законот за извршување, Судот неспорно утврди дека приговорот против неправилностите при извршувањето претставува единствено средство за заштита на странките во случај на неправилности и незаконитости сторени од страна на извршителот при спроведувањето на извршувањето. Неправилностите што може да ги направи извршителот при извршувањето можат да бидат разновидни и да се однесуваат, на пример, на обемот на извршувањето (член 4 од Законот), повреда на начелото на заштита на должникот (член 5 став 1 од Законот), непочитување на достоинството на личноста при спроведување на извршувањето (член 5 став 2), повреда на начелото на итност и редоследност при постапувањето (член 6 од Законот), повреда на одредбите од законот кои се однесуваат на времето кога извршувањето може да се спроведе (член 74), или пак на самото спроведување на извршувањето (член 75) итн. Неспорно е дека со повреда на законските одредби за извршувањето, односно со неправилно и незаконско спроведување на извршувањето се повредуваат правата на странките, односно доверителот или должникот, така што и одлуката на судот по приговорот за неправилности при извршувањето, која има за цел отстранување на неправилностите и заштита на правата на странките и учесниците, има карактер на одлука со која се одлучува за правата и обврските на странките.

Ваквиот карактер на одлуката произлегува и од содржината на ставот 4 од членот 77, според кој, претседателот на судот, по потреба може да ги сослуша странките и учесниците и извршителот, како и од ставот 5 на истиот член, согласно кој приговорот се доставува до странките, извршителот и учесниците на одговор, што пак значи дека судот во една контрадикторна постапка го расправа спорот помеѓу извршителот и странката, односно учесникот, настанат во текот на извршувањето, ги констатира евентуално направените неправилности и одлучува за начинот на нивното отстранување, а заради заштита на правата на странките. Понатаму, исто така, според членот 81 став 4 од Законот, претседателот на судот кој одлучува по приговорот за отстранување на неправилностите при извршувањето од член 77, може најмногу еднаш на барање на една од странките или учесниците да го одложи извршувањето за одредено време.

Дека со одлуката на судот по приговорот против неправилности при извршувањето се одлучува за субјективни права и интереси, произлегува и од анализата на други одредби од Законот. Имено, според член 43 став 3 од Законот за извршување, незаконското спроведување или неисполнувањето на должностите определени со овој закон се утврдуваат со одлука на претседателот на судот донесена согласно со одредбите на членот 77 од овој закон. Повредата на службената должност при спроведувањето на извршните дејствија или противзаконитото вршење на службените дејствија од своја страна, пак, согласно член 54, е основ за дисциплинска одговорност на извршителот.

Од оваа анализа, произлегува дека одлуката на судот по приговорот за отстранување на неправилности при извршувањето има карактер на судска одлука во смисла на Амандманот XXI точка 1 од Уставот, кој го гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд.

Уставната гаранција за правото на жалба за своја основа ја има оправданата претпоставка дека првостепената одлука на судовите не мора секогаш да биде правилна и законита како и заштитата на правата и слободите на граѓаните од неправилности и незаконитости во работењето на овие органи. Оттука, правото на жалба несомнено се однесува во сите случаи кога судовите одлучуваат за остварување на правата и слободите на граѓаните, односно на врз закон заснован интерес и во такви случаи по жалбата секогаш одлучува повисок орган, со што се прокламира и двостепеноста во одлучувањето како една од гаранциите за обезбедување и јакнење на законитоста во остварувањето на правата и слободите на граѓаните.
Дека во конкретниот случај станува збор за одлука на суд донесена во прв степен, произлегува од анализата на одредбите од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2006). Според член 30 став 2 од овој закон, основните судови со основна надлежност се надлежни да одлучуваат во прв степен по граѓански спорови, меѓу кои и во постапка за обезбедување и извршување. Согласно членот 31 од Законот за судовите, основните судови со проширена надлежност, покрај надлежноста утврдена во членот 30 од овој закон, за подрачјата за кои се основани, се надлежни да одлучуваат по граѓански спорови, меѓу кои и во спорови за утврдување и обезбедување за присилно извршување. Од овие одредби од Законот за судовите, произлегува дека основните судови можат да одлучуваат само во прв степен. Од овие причини, според Судот, не може да се прифати мислењето на изготвувачот на Законот за извршување, дека со оспорената одредба е обезбедена двостепеноста во постапката, поради тоа што извршителот бил првостепен орган, а правното средство, во конкретниот случај приговорот, се разгледувал во судска инстанца, што имплицира дека одлуката на претседателот на основниот суд претставува всушност одлука во втор степен.

При уставно судската анализа на оспорената одредба Судот ги имаше предвид новините во системот на извршувањето на судските одлуки воведени со Законот за извршување и интенцијата на законодавецот со нив да се обезбеди побрзо и поефикасно извршување на судските одуки. Сферата на извршување на судските одлуки несомнено претставува интегрален дел од основното човеково право на фер судење во разумен рок. Меѓутоа, според Судот, ефикасното спроведување на правдата не може да биде на штета на заштитата на човековите слободи и права, меѓу кои е и правото на жалба. Правото на жалба не е против принципот на фер судење, односно правото на судење во разумен рок, туку, напротив тоа е во функција на обезбедување токму на овие принципи, односно права. Оттука, и покрај тоа што законодавецот се определил за сосема нов концепт на извршување на судските одлуки, кој се остварува од страна на извршители надвор од судот, самото вклучување на судот, односно предвидување на судска надлежност за одлучување по приговор за неправилности при спроведувањето, нужно налага и предвидување на право на жалба против судската одлука донесена по приговорот.

Оттука, врз основа на направената анализа од која произлезе дека одлуката на претседателот на судот од оспорениот член 77 став 7 од Законот има карактер на првостепена судска одлука согласно Амандман XXI од Уставот, Судот утври дека недозволувањето на жалба против таквата одлука не е во согласност со Амандман XXI од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова-Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.185/2006
17 јануари 2007 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи