У.бр.184/2007-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 ноември 2008 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА членот 13-в став 1 точка 4 од Законот за Државен пазарен инспекторат („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2007 и 81/2007).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива поднесена од Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.184/2007 од 6 февруари и 17 септември 2008 година, поведе постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според членот 13-в став 1 точка 4 од Законот за Државен пазарен инспекторат, член на Комисија може да се разреши ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело.

5. Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според членот 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони, а според членот 91 алинеи 1 и 5 Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршување на законите и донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Со членовите 13-а, 13-б и 13-в од Законот за Државен пазарен инспекторат, се уредени условите, организацијата и начинот на работа на прекршочните комисии, кои се надлежни за водење на прекршочна постапка за прекршоци од одделни области и за одделни подрачја во Република Македонија, во согласност со надлежноста на апелационите судови определена со Законот за судовите.

Според членот 8 став 3 од Законот, прекршочната комисија на Инспекторатот е составена од службени лица овластени од министерот.

Со оспорената одредба од членот 13-в став 1 точка 4 од Законот, е определено дека член на Комисија може да се разреши ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело.

Од анализата на оспорената одредба Судот оцени дека осудуваноста на лицето во текот на вршењето на работите и задачите како член на прекршочната комисија на Државниот пазарен инспекторат, е причина за негово разрешување од должноста член на комисијата. Оспорената одредба од Законот генерално се однесува за наведените лица во случај кога се осудени за сторени кривични дела и на кои им се изречени санкции, без оглед на видот на кривичното дело, неговата природа или тежина и независно од видот на санкциите и нивната висина.

Според Судот со оспорената одредба од Законот се ограничува по сила на закон правото на едно лице да врши определена дејност и во случаи кога кривичното дело за кое лицето е осудено не е во никаква врска со вршењето на оваа дејност, па оттука формулацијата на оспорената одредба е недоволно прецизна и јасна и како таква не обезбедува правна сигурност на граѓаните, што е еден од елементите на уставниот принцип на владеењето на правото.

При оценувањето на уставноста на оспорената одредба од членот 13-в став 1 точка 4 од Законот основен критериум е постоењето на двата принципа на казнено-правниот однос утврден во членовите 13 став 1 и 14 став 1 од Уставот, а тоа се прво, дека казната може да се изрече само со судска одлука, и второ, дека за извршено казниво дело на сторителот може да му се изрече казна што како таква е утврдена со закон или друг пропис.

Со оглед на изнесеното, Судот утврди дека  одредбата од членот 13-в став 1 точка 4 од Законот  не е во согласност со членот 8 став 1 алинеи 3 и 4, членот 9 став 2, членот 13 став 1, членот 14 став 1 и членот 51 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.184/2007
20 ноември 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски