У.бр.183/2004

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 25 јануари 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 95-а и членот 95-б од Глава VIII. Преодни и завршни одредби од Законот за државните службеници (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003, 40/2003, 85/2003,17/2004, 69/2004 и 81/2005).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот со кој се бара поведување на постапка за оценување на меѓусебната согласност на членовите 95-а и 95-б со членовите 11, 12, 13, 14 и 15 од Законот за државните службеници, означен во точката 1 од ова решение.

3. Ова Решение ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Бранко Костовски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 2 од Законот за дополнување на Законот за државните службеници (“Службен весник на Република Македонија” бр. 69/2004).

Со оглед на тоа што оспорениот член 2 од наведениот закон ги содржи членовите 95-а и 95-б од интегралниот текст на Законот, означен во точката 1 од ова решение, Судот во постапката ја оценуваше согласноста на овие одредбите од интегралниот текст со Уставот на Република Македонија.

Според подносителот на иницијативата, со оспорените одредби се давала можност одредени граѓани да бидат во привилегирана положба во однос на останатите со што се кршеле член 9 и член 32 од Уставот, како и членовите 11 до 15 од Законот за државните службеници.

Поконкретно со оспорените одредби се овозможувало припадниците на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија преку одредена селекција и обука да добијат третман, право, можност, привилегија и приоритет да бидат избрани за конкретно работно место пред сите останати граѓани кои живеат во Република Македонија. Меѓутоа, според подносителот на иницијативата, работните места требало да бидат достапни на секого под еднакви услови, според член 32 од Уставот.

Со оспорените одредби се овозможувало припадниците на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија да се вработуваат директно, без објавување на јавен оглас, без запазување на критериумите на стручност и компетентност, со спроведување на обука, а нивното распоредување на работните места го вршела Владата на Република Македонија. По однос на припадниците на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија било предвидено да не се применуваат членовите 11 до 15 од Законот за државните службеници. Наспроти тоа за останатите граѓани се предвидувало вработување преку објавување на јавен оглас, приправнички стаж и полагање на стручен или приправнички испит, распоредување на работни места од страна на самиот работодавец или работник овластен од него.

Поради разликите што постоеле во одредбите од Законот што ја уредуваат постапката за вработување на припадниците на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија и постапката за вработување на останатите граѓани на Република Македонија, подносителот на иницијативата смета дека се повредувал уставниот принцип за забрана на дискриминацијата на граѓаните по основ на национална припадност и достапноста на работните места под еднакви услови.

Истовремено, подносителот на иницијативата не ја оспорува потребата од вработување на припадниците на заедниците заради примена на начелото на соодветна и правична застапеност, меѓутоа смета дека ова начело треба да се реализира со спроведување на законски пропишана постапка под еднакви услови за секого и без дискриминација.

Оттаму, се предлага Судот да донесе одлука за поништување на оспорените членови од Законот и воедно да донесе решение за запирање на извршувањето на сите дејствија што се преземаат врз основа на оспорените одредби.

5. Судот на седницата утврди дека според содржината на членот 2 од Законот за дополнување на Законот за државните службеници во Глава VIII. Преодни и завршни одредби, по членот 95 се додаваат два нови членови 95-а и 95-б.

Според член 95-а став 1 од Законот, заради примена на соодветна и правична застапеност и за вработување на припадниците на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија во органите од членот 3 став 2 и 3 на овој закон, како стручни државни службеници и стручно-административни државни службеници преку спроведување на обука за работа во државна служба, Владата на Република Македонија донесува посебна одлука.

Според став 2 од овој член на Законот, со одлуката од став 1 на овој член особено се уредуваат огласувањето на потребата за вработување на припадниците на зедниците кои не се мнозинство во Република Македонија во органите од членот 3 ставови 2 и 3 на овој закон, распишувањето на оглас за пријавување на кандидати за следење на обука за работа во државна служба, спроведувањето на обуката, утврдување на орган да изврши селекција на пријавените кандидати, утврдување на услови кои треба да ги исполнат кандидатите, дефинирање на критериумите врз основа на кои се врши селекција на пријавените кандидати, утврдување на субјект задолжен да ја организира и спроведе обуката, утврдување на периодот за кој се спроведува обуката и друго.

Според став 3 од овој член на Законот, за припадниците на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија кои успешно завршиле обука за стручни државни службеници и стручно-административни државни службеници, успешната обука се смета за положен стручен испит, како и приправничкиот испит и истите нема да го полагаат испитот утврден со член 12 од овој закон.

Според став 4 од овој член на Законот, припадниците на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија кои успешно ќе ја завршат обуката за стручни државни службеници и стручно-административни државни службеници се вработуваат и распоредуваат во органите од член 3 ставови 2 и 3 на овој закон без објавување на јавен оглас и за истите не се применуваат одредбите од членовите 11, 12, 13, 14 и 15 на овој закон.
Според став 5 од овој член на Законот, распоредувањето на стручните државни службеници и стручно-админстративните државни службеници од ставот 5 на овој член во органите од членот 3 ставови 2 и 3 на овој закон го врши Владата на Република Македонија.

Според содржината на член 95-б од Законот, спроведувањето на обуката за работа во државна служба за припадниците на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија и нивното вработување од членот 95-а на овој закон ќе се применува до 31 декември 2006 година.

6. Според Амандманот VI на Уставот на Република Македонија, со кој е дополнета алинејата 2 на членот 8 став 2, слободното изразување на националната припадност; соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 до Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена неврабортеност. Според став 2 од овој член, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Според став 5 од истиот член на Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Согласно член 3 став 1 од Законот за државните службеници, државен службеник е лице кое врши стручни, нормативно-правни извршни, управно-надзорни работи и решава управни работи во согласност со Устав и со закон.

Според став 2 од овој член на Законот, државен службеник во смисла на став 1 од овој член е лице вработено во органите на државната управа, во општинската администрација и администрацијата на градот Скопје и стручните служби на: Собранието на Република Македонија, претседателот на Република Македонија, Владата на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија, Врховниот суд на Република Македонија, судовите, Републичкиот судски совет, Народниот правобранител, Јавното обвинителство, Државната изборна комисија, Државната комисија за спречување на корупцијата, Дирекцијата за заштита на личните податоци, Комисијата за заштита на конкуренцијата, Агенцијата за државни службеници и Државниот завод за ревизија: (во натамошниот текст:органите од членот 3 став 2 на овој закон).

Според став 3 од овој член на Законот, одредбите на овој закон се применуваат на лица вработени во установите на кои им се доверени јавни овластувања и на установите што вршат дејности од јавен интерес, ако тоа е утврдено со закон.

Согласно член 3-а од Законот, при вработување во органите од членот 3 став 2 и 3 на овој закон, се применува начелото на соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници, во сите звања утврдени со овој закон и почитување на критериумите на стручност и компетентност.

Во Глава II од Законот под наслов “Вработување на државните службеници” е уредена постапката за вработување на државните службеници воопшто, а во Глава VIII од Законот под наслов “Преодни и завршни одредби”, во која спаѓаат оспорените одредби е уредена постапката за вработување на граѓаните кои припаѓаат на сите заедниците во Република Македонија, како исклучок од редовната постапка за вработување.

7. Тргнувајќи од содржината на Амандманот VI од Уставот, произлегува дека со него е утврдено начелото на соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа, што воедно е и определба на членот 3-а од Законот.

Притоа, оценувајќи ја оваа темелна вредност преку принципот на афирмативна акција или позитивна дискриминација, кој е содржан во наведената темелна вредност во релација со членот 9 и 32 од Уставот, произлегува дека овој принцип го зајакнува принципот на еднаквост на граѓаните според националното потекло, како и принципот за достапност на работното место секому под еднакви услови.

Имено, со цел реализација на оваа темелна вредност и создавање на реални претпоставки за вработување на припадниците на заедниците во органите на државната власт и другите јавни институции, како и заради отстранување на постоечката нерамноправност, законодавецот се определил по однос на припадниците на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија да се спроведе постапка за вработување на начин содржан во оспорените одредби, како исклучок од редовната постапка за вработување.

Дека реално станува збор за исклучок упатува и фактот што оспорените одредби се проектирани во Глава VIII . Преодни и завршни одредби, чиј член 95-б од Законот, предвидел спроведувањето на обуката за работа во државна служба за припадниците на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија и нивното вработување од членот 95-а да се применува до 31 декември 2006 година.

Оспорените законски одредби го уредуваат прашањето за достапност на работните места на припадниците на заедниците преку принципот на афирмативна акција, односно позитивна дискриминација и имаат за цел да се реализира соодветна и правична застапеност на граѓаните кои не се мнозинство во Република Македонија во секторот на државните службеници со што се оживотворува, операционализира уставното начело од Аманманот VI на Уставот. Во членот 95-б се определува временскиот период во кој треба да се спроведе операционализацијата на наведената темелна вредност.

Оттаму, според Судот, конкретните разлики што се јавуваат во двата видови постапки за вработување на државните службеници на кои се укажува во поднесената иницијатива, можат да најдат свое уставно оправдување во принципот на рационалност и целисходност и побрза имплентација на соодветната и правична застапеност на припадниците на заедниците во секторот на државните службеници, со што во крајна линија се реализира и програмата “Обука за стручно-административни државни службеници припадници на заедниците за работа во државната служба” на Европската Агенција за реконструкција.

Даденото законско овластување, со акт на Владата на Република Македонија да се уредат прашањата кои се однесуваат на начинот на вработување на припадниците на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија, наместо тоа да се стори со закон и колективен договор, според Судот, не може да ги доведе под сомнение оспорените одредби (посебно член 95-а став 1 и 2 од Законот) по однос на согласноста со член 32 став 5 од Уставот, особено поаѓајќи од местото и улогата на Владата на Република Македонија во системот на организацијата на власта.

Имено, согласно член 91 алинеја 5 од Уставот, Владата на Република Македонија донесува уредби и други прописи за извршување на законите. Во таа смисла законодавецот во членот 95-а став 2 од Законот, ја овластил Владата да ја операционализира, законската одредба преку донесување на одлуката со која се уредува огласувањето на потребата за вработување на припадниците на зедниците кои не се мнозинство во Република Македонија, да распише оглас за пријавување на кандидати за следење на обука за работа во државна служба, спроведувањето на обуката, утврдување на орган да изврши селекција на пријавените кандидати, утврдување на услови кои треба да ги исполнат к андидатите, дефинирање на критериумите врз основа на кои се врши селекција на пријавените кандидати, утврдување на субјект задолжен да ја организира и спроведе обуката, утврдување на периодот за кој се спроведува обуката и друго.

Оттаму, според Судот наведените овластувања не излегуваат надвор од уставно утврдените овластувања.

Конечно, реализација на темелната вредност за соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа, утврдена во Амандманот VI на Уставот не е спорна и за подносителот на иницијативата.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

9. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласност на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отрфли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Тргнувајќи од надлежност на Уставниот суд определена во членот 110 алинеја 1 и 2 од Уставот произлегува дека Уставниот суд не е надлежен да ја оценува меѓусебната согласност на одредбите од ист закон, поради што Судот одлучи како во точката 2 од ова решение.

10. Решение во делот под точка 1, Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов, а Решението во делот под точката 2 едногласно.

У.бр. 183/2004
25 јануари 2006 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Издвоено мислење по предметот У.бр.183/2004