У.бр.182/2002

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 8 април 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи (“Службен весник на Република Македонија” бр. 4/2002).

2. Васил Велковски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 5 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека според првобитниот текст на членот 191 од Законот, право на справедлив паричен надомест поради претрпени душевни болки имало и лицето спрема кое е извршено некое друго кривично дело против достоинството на личноста и моралот.

Со измената на овој член од Законот извршена со оспоре-ниот член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи ова право, место на наведените лица, било утврдено на лицата спрема кое е извршено некое друго кривично дело против половата слобода и половиот морал.

Со ваквата измена на членот 191 од Законот била исклу-чена можноста, односно правото на справедлив паричен надомест поради претрпени душевни болки на лицето спрема кое е извршено некое друго кривично дело против достоинството на личноста и моралот, поради што оспорениот член 5 од Законот не бил во согласност со член 25 од Уставот бидејќи не обезбедувал почитување и заштита на овие две вредности кои што ги гарантирал наведениот член од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 5 од Законот за изменување и дополнување, во ?ленот 191 од Законот за облигационите односи (“Службен весник на Република Македонија” бр. 18/2001) зборовите: “како и лицето спрема кое е извршено некое друго кривично дело против достоинството на личноста и моралот” се заменуваат со зборовите: ” како и лице спрема кое е извршено некое друго кривично дело против половата слобода и половиот морал”.

4. Основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, се утврдени во член 8 став 1, алинеја 2 од Уставот.

Меѓу уставно утврдените слободи и права спаѓа и почитувањето и заштитата на достоинството и угледот на секој граѓанин што се гарантира во членот 25 од Уставот, на кој член се повикува и подносителот на иницијативата.

Почитувањето на достоинството и угледот претставува морална должност и обврска на секого спрема другиот во меѓусебното однесување и комуницирање, да не се повреди или наруши на било кој начин достоинството и угледот на личноста, односно граѓанинот. Заштитата, пак, е инструмент за обезбедување на почитувањето на овие две вредности (достоинството и угледот на граѓани-нот) кога тоа е доведено во прашање, односно кога се повредени достоинството и угледот на граѓанинот.

Елементи на почитувањето на достоинството и угледот соодветно се
содржани и во членот 11 од Уставот, кој се однесува на неприкосновеноста на физичкиот и моралниот интегритет на човекот.

Уставната гаранција за заштитата на достоинството и угледот на граѓанинот се потврдува и со инкриминираност на нивната повреда како кривични дела со Кривичниот законик на Република Македонија.

Имено, во глава осумнаесета во Кривичниот законик, како кривични дела против честа и угледот од лична природа се инкрими-нирани клеветата, навредата, изнесувањето лични и семејни прилики и омаловажувањето со префрлување за кривично дело.

Посебна група на кривични дела што се утврдени во Кривичниот законик се кривичните дела против половата слобода и половиот морал. Како такви се кривичните дела утврдени од член 186 до 194 од Кривичниот законик и тоа: силување, обљуба врз немоќно лице, полов напад врз дете, обљуба со злоупотреба на положбата и др.

Освен со инкриминација на дејствијата со кои може да се повреди односно наштети на достоинството и угледот на граѓанинот, вклучувајќи го тука и неговиот физички и морален интегритет, уставната гаранција за нивна заштита се обезбедува, меѓудругото, и преку материјална компензација на штетата што граѓанинот ја претрпел поради повреда на неговото достоинство (чест) и углед. Ова се обезбедува со Законот за облигационите односи, во кој се содржани посебни одредби за надомест на материјална штета во случај на повреда на честа и ширење на невистинити наводи (член 187) и за на домест на нематеријална штета.

Од аспект на причините поради кои се оспорува членот 191 од Законот, значајно е да се има предвид особено член 189 од овој закон, според кој право на справедлив паричен надомест за претрпени душевни болки има и лице на кое му е нанесена повреда на угледот, честа и сл.

Од наведената законска одредба произлегува дека наводите во иницијативата според кои со измената на членот 191 од Законот е исклучена можноста за остварување на справедлив паричен надомест за претрпени душевни болки на лице на кое му е повредено достоинството и угледот се неосновани, бидејќи основ за тоа е токму членот 189 од Законот.

Тоа што, пак, во членот 191 од Законот, со измените од 2002 година е утврдено посебно право на справедлив паричен надомест поради претрпени душевни болки само на лице спрема кое е извршено кривично дело против половата слобода и половиот морал, а не и на лице спрема кое е извршено некое друго кривично дело против достоинството и моралот (како што било пред овие измени), Судот смета дека не е основ и аргумент за неуставноста на оваа законска одредба. Ова од причини што, според мислењето на Судот, со измените на членот 191 од Законот, а кои се предмет на оспорување во иницијативата, не само што се врши усогласување на наведениот член од Законот со Кривичниот законик во кој што кривичните дела против половата слобода и половиот морал, се посебни кривични дела од кривичните дела против честа и угледот, но утврдувањето на право на справедлив паричен надомест за претрпени душевни бо лки за лицето спрема кое е извршено некое од овие кривични дела претставува посебна сатисфакција што законодавецот ја утврдил во овие случаи, при тоа имајќи го предвид секако тежината, начинот и дејствието на нивното извршување. Затоа, и овој член е систематизиран во поднасловот на делот В од Законот, кој што гласи “Сатисфакција во посебни случаи”.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.182/2002
8 април 2003 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Тодор Џунов