У.бр.181/1992-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 април 1994 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ член 2 став 1 и член 10 од Одлуката за основање на Служба за општи и заеднички работи во Владата на Република Македонија, донесена од Владата на 12 септември 1991 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/91), во делот што се однесува на работите од општа управа и на подрачните единици за општа управа.

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативата на Милан Величковски од Скопје, со Решение У.бр.181/92 од 16 февруари 1994 година, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на оспорените делови од одредбите на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со член 95 став 3 од Уставот на Република Македонија и со член 117 од Законот за органите на управата.

4. На седницата Судот утврди дека со член 2 став 1 од Одлуката се пропишува Службата за општи и заеднички работи да врши, покрај другото, и работи од општа управа, а во член 10 од Одлуката се предвидува во Службата да се преземат, покрај другото, и работниците, средствата, опремата и инвентарот на подрачните единици за општа управа во општините и во Градот Скопје.

5. Според член 95 став 3 од Уставот на Република Македонија, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон.

Во член 117 од Законот за органите управата (“Службен весник на СРМ” бр.40/90) е определено дека работите на општата управа ги врши Министерството за правосудство и управа.

Од изнесените уставни и законски одредби произлегува дека организацијата и работата на органите на управата, меѓу кои и работите од општа управа, се уредуваат со закон, а со Законот за органите на управата тие работи се ставени во надлежност на Министерството за правосудство и управа.

Со оглед на тоа што со оспорените делови од одредбите на Одлуката Владата ја уредува организацијата на органите кои вршат работи од општа управа на поинаков начин од утврдениот со Законот за органите на управата, Судот оцени дека тие не се во согласност со означените уставни и законски одредби.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ и д-р Фиданчо Стоев.