У.бр.180/2008-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 15 април 2009 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА членот 109 од Законот за електронските комуникации („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2005, 14/2007, 55/2007 и 98/2008).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива на Стамен Филипов од Скопје со решение У.бр.180/2008 од 18 февруари 2009 година, поведе постапка за оценување на уставноста на член 109 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 5 и член 38 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека, според содржината на оспорениот член 109 (Обезбедување на универзална услуга за време на штрајк) од Законот, давателите и/или операторите на универзални услуги се должни да донесат одлука со која ќе одредат вработени кои за време на штрајк мораат да обезбедат непречено обезбедување на универзална услуга или исполнување на обврските на операторот согласно со членот 106 од овој закон.

5. Според членот 8 алинеи 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Согласно членот 38 од Уставот, се гарантира правото на штрајк. Со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата.

Оспорениот член 109 од Зако­нот ја уредува должноста на давателите и операторите на универзални услуги да донесат одлука, односно подзаконски акт, со кој ќе одредат вработени кои за време на штрајк мораат да обезбедат непречено обезбедување на универзална услуга или исполнување на обврските на операторот. Донесувањето на ваква одлука, според оцена на Судот, остава простор за арбитрерност, бидејќи со законски определената должност за донесување на таква одлука се уредува самото право на штрајк со подзаконски акт, наме­сто со закон и со колективен договор како што бара членот 32 став 5 од Уставот. Ова уште повеќе ако се има предвид дека во оспорениот член 109 од Законот не е содржано поблиско упатување за тоа кои се и каде се содржани критериумите врз основа на кои ќе се определат вработените кои за време на штрајк ќе мораат да го обезбедат функци­онирањето на јавната комуникациска мрежа и давањето на јавната комуникациска услуга за време на воена и вонредна состојба.

Имајќи го предвид изнесеното Судот одлучи дека оспорениот член 109 од Законот не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 5 и член 38 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.180/2008
15 април 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски