У.бр.178/2012

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија(“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 22 јануари 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 11 став 1 точка 12 во делот

2. Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на законот означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, актот кој се наведувал во оспорениот законски дел не можело да се смета како конкретен поединечен акт со кој непосредно се извршувале законите и другите прописи, туку напротив, со истиот на оригинерен и изворен начин се утврдувале правата и обврските за самостојните уметници. Тоа од причина што законското овластување на министерот за култура да ги утврдува критериумите, во соодветна постапка и со соодветен акт, излегувало надвор од уставните рамки со закон и со колективен договор да се уредуваат правата на граѓаните.Според наводите во иницијативата, оспорениот законски дел не бил во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 34, член 47 ставови 3 и 5, член 51, член 68 став 1 алинеја 2, член 95 став 3 и член 96 од Уставот. Од овие причини, се предлага Уставниот суд, да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот законски дел и истиот да го укине или поништи.

3.Судот на седница утврди дека во Законот за пензиското и инвалидското осигурување, Глава II со наслов „Осигуреници„ во членот 11 е уредено дека осигуреници со задолжително пензиско и инвалидско осигурување се: 1. работниците во работен однос и со нив, согласно со посебни закони, изедначени лица; 2. воениот и цивилниот персонал согласно со закон; 3. избраните или именуваните носители на јавна и друга функција, ако за вршењето на функцијата примаат плата, односно остваруваат надоместок на плата за вршење на таа функција; 4. државјаните на Република Македонија кои на територијата на Република Македонија се вработени кај странски и меѓународни органи, организации и установи, кај странски дипломатски и конзуларни претставништва или се во лична служба на странски државјани, ако со ратификуван меѓународен договор поинаку не е определено; 5. државјаните на Република Македонија вработени во странство, ако за тоа време не се задолжително осигурани кај странски носител на осигурувањето; 6. државјаните на Република Македонија вработени кај странски работодавач во држава во која се задолжително осигурани, но во која правата од пензиското и инвалидското осигурување, што како права се утврдени со овој закон, не можат да ги остваруваат или не можат да ги користат надвор од таа држава; 7. самовработените лица – физички лица кои вршат самостојна економска дејност или професионална и друга интелектуална услуга од која остваруваат приход, во согласност со закон; 8. физичките лица кои вршат дејност, а немаат даночна основица; 9. индивидуалните земјоделци – обврзници на данок од приход од земјоделска дејност на кои земјоделската дејност им е единствено занимање (индивидуални земјоделци); 10. невработените лица кои примаат паричен надоместок најмногу до навршување на 15 години пензиски стаж; 11. инвалидите на трудот за време на чекање за упатување и за време на професионална рехабилитација и соодветно вработување; 12. самостојните уметници кои со таков статус се здобиле според критериумите, во соодветна постапка и со соодветен акт на министерот за култура (оспорена точка) и 13.професионалните спортисти кои имаат склучено договор за вработување со професионален спортски клуб. Според ставот 2 на овој член, Фондот поблиску го пропишува начинот на утврдување на својството на осигуреник за лицата од ставот 1 точки 4, 5, 6, 8, 9 и 12 на овој член.

4.Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и законите.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Во конкретниот случај по поднесувањето на иницијативата оспорениот законски дел во членот 11 став 1 точка 12 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” број 98/12, 166/12 и 15/13), зборовите: „според критериумите, во соодветна постапка и со соодветен акт на министерот за култура“ се заменуваат со зборовите: „согласно со Законот за култура“, односно овој законски дел има друга содржина од онаа што ја оспорува подносителот на иницијативата. Истиот е изменет со членот 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” број 170/13 од 06 декември 2013 година).

Со оглед на наведеното Судот оцени дека се исполнети процесните услови од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата во однос на член 11 став 1 точка 12 од овој закон, од причина што оспорената одредба повеќе не е во правниот поредок според содржина која е предмет на оспорување со иницијативата.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер- Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.178/2012
22 јануари 2014 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева