У.бр.178/2010

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 10 октомври 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 195 став 2 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2010, 23/2011, 47/2011, 148/2011, 55/2012 и 77/2012).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на законот наведен во точка 1 од ова решение.

3. Според наводите во иницијативата одредбата на оспорениот член од Законот не била во согласност со темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, затоа што не можело да се поистоветуваат надоместокот за закупнина на стан со стварните трошоци за превоз ниту меѓусебно да се исклучуваат, како што било предвидено во ставот 1 од член 195 од Законот: „надоместокот на трошоците за одвоен живот и надоместокот за закупнина на стан меѓусебно се исклучуваат„.

Во иницијативата е наведено дека правото на надоместокот за закупнина на стан и правото на стварните трошоци за превоз биле посебни права. Овие права биле за посебни намени и не можеле меѓусебно да се исклучуваат. Дека е тоа така, произлегува и од одредбата на член 188 став 1 точка 7 од Законот, според која воениот и цивилниот персонал имале право на надоместоци за трошоци за превоз. Во оваа законска одредба не било предвидено правото за надоместок за закупнина на стан.

Исто така, според наводите во иницијативата, согласно член 194 став 1 од Законот, вработените во Армијата кои засновале работен однос на неопределено време, а не им е обезбедено користење на службен стан, имале право на надоместок на трошоци за закупнина на стан.

Тргнувајќи од наводите во иницијативата со оспорената законска одредба се повредувал член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот и се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на член 195 став 2 од Законот.

4. Судот на седница утврди дека според член 195 став надоместокот на трошоците за одвоен живот и надоместокот за закупнина на стан меѓусебно се исклучуваат. (став 1) Надоместокот за закупнина на стан, правото на исплата на стварни трошоци за превоз и користење на организиран превоз меѓусебно се исклучуваат.(став 2)

5. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според членот 8 став 1 алинеи 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со членот 1 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 36/2010, 23/2011, 47/2011, 148/2011, 55/2012 и 77/2012) се уредува статусот, правата, обврските, должностите и одговорностите на персоналот на служба во Армијата на Република Македонија, како и системот на плати и надоместоци на плати и други прашања во врска со службата во Армијата.

Според членот 2 став 1 под служба во Армијата се смета вршење на воени должности во Армијата. Според ставот 2 како служба во Армијата се смета вршење на должности во Министерството за одбрана, Воената академија, другите органи на државната власт, трговските друштва, јавните претпријатија, установите и службите, воените претставништва на Република Македонија во странство, учество во вежбовни активности и обука и во хуманитарни или мировни операции надвор од територијата на Република Македонија, како и должности во мултинационални воени сили формирани согласно ратификувани меѓународни договори кои Република Македонија ги склучила или им пристапила.

Согласно членот 3 став 1 од наведениот закон, служба во Армијата врши воен и цивилен персонал.

Во членот 3 точка 1 од Законот е дефинирано што според овој закон се смета за воен персонал, при што, покрај другото, воен персонал е воен старешина офицер и подофицер. Во точката 2 од наведениот член, цивилен персонал во смисла на овој закон, се смета цивилно лице поставено на должност согласно со актот за формација на Армијата.

Согласно членот 4 од Законот воениот и цивилниот персонал вршат служба во Армијата со засновање на работен однос со Министерството за одбрана, а согласно член 74 од Главата IX. насловена “Поставување на воениот и цивилниот персонал и други односи во вршење на службата во Армијата” од Законот, воениот и цивилниот персонал се поставува на соодветна должност, односно формациско место според неговата воена евиденциска специјалност и според потребите на службата во Армијата.

Во Главата XIII. “Други примања” во член 188 став 1 од Законот, воениот и цивилниот персонал има право на надоместоци за: патни, дневни и други трошоци за службени патувања во земјата и странство; трошоци за користење возило во лична сопственост за службени цели; трошоци за одвоен живот од семејството; парична помош во случај на смрт на член на потесно семејство (родител, брачен другар, деца родени во брак или вон брак, посиноци, посвоени деца идеца земени на издржување), ако живееле во заедница; штета при елементарни непогоди; селидбени трошоци; трошоци за превоз; вршење на служба за дежурство, стражарска служба и служба на посебни воени објекти и за време поминато на трупно патување и служба под посебни услови. Висината на надоместоците од ставот 1 точки од 1 до 5 на овој член и начинот на распределувањето, се исти како и за државните службеници.(став 2) Начинот за исплата и висината на надоместоците од ставот 1 точки од 6 до 9 на овој член ги утврдува министерот за одбрана.(став 3)

Во Главата XIV насловена “Станбенo обезбедување” во членовите од 192-198 од Законот, содржани се одредби со кои за прв пат се дава реална можност за станбено обезбедување на воениот и цивилниот персонал на служба во Армијата на Република Македонија за време на вршење на службата и се уредуваат прашања кои се однесуваат за правата и обврските на воениот и цивилниот персонал за време на вршењето на службата во Армијата, како што се право на користење на службен стан, право на надоместок на трошоците за закупнина на стан и правото на надоместок на стварни трошоци.

Овие права се уредени со Законот за служба во Армијата на Република Македонија како lex specialis, за разлика од останатите закони кои се во сила и се применуваат во Република Македонија но не содржат одредби од ваков тип за вработените лица. Имено, очигледно е дека на прашањето за станбеното згрижување на воениот и цивилниот персонал на служба во Армијата на Република Македонија, законодавецот му посветил посебно внимание, се со цел оваа категорија на вработени во текот на вршењето на службата во Армијата да имаат достојни услови за живеење.

Тргнувајќи од наводите во иницијативата дека дел од утврдените права во оспорените одредби и во Законот како целина меѓусебно се исклучуваат, како што е правото на надоместокот на трошоците за одвоен живот и надоместокот за закупнина на стан (член 195 став 1) односно надоместокот за закупнина на стан, правото на исплата на стварни трошоци за превоз и користење на организиран превоз (член 195 став 2) и дека истите се во спротивност на член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот, сметаме дека истите се неосновани.

Од анализата на оспорените одредби и целината на Законот, произлегува дека кога на воениот и цивилниот персонал ќе му биде овозможено користење на службен стан за кој се плаќа закупнина од средствата на Министерството за одбрана, закупениот стан е во местото на службување. Во таков случај на корисниците на службен стан не им припаѓа правото на надоместок на стварни трошоци за превоз и користење на организиран превоз бидејќи живеат во местото на службување.

Правото на исплата на надоместок на стварни трошоци за превоз и колективен превоз припаѓа на воениот и цивилен персонал на служба во Армијата само во случај кога не живее во местото на службување и истиот се исплатува во стварен –реален износ, заради патување од местото на живеење до местото на службување, односно заради посета на семејството, со приложување на сметка–билет за направените трошоци. Ова од причина што истовремено не би можело да се користат две права.(no bis in idem)

Од наведеното произлегува дека одредбата на член 195 став 2 не се во спротивност со Уставот, поради што во конкретниот случај не може да стане збор за повреда на одредбите од член 8 став 1 алинеи 3 и член 51 од Уставот на која се повикува подносителот на иницијативата, поради што сметаме дека не може да се постави прашањето за уставноста на истата.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурaти, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски .

У.бр.178/2010
10 октомври 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски