У.бр.175/2008

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 3 декември 2008 година, донесе

 Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ бр.86/2008).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точка 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорената одредба од Законот биле допуштени и можни злоупотреби при определувањето на висината на паушалниот износ, бидејќи немало во Законот пропишани законски критериуми и параметри за определување на висината на тој паушален износ. Законот за нотаријатот ги утврдил само можните критериуми за определување на наградата и трошоците на нотарите.

Поради наведеното, со оспорената законска одредба се повредувале темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска од член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51 и член 68 став 1 алинеи 2 и 3 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека со член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за нотаријатот во членот 138 од основниот текст на Законот по ставот (1) се додаваат три нови ставови (2), (3) и (4) кои гласат:

„(2) Наградата на нотарите од ставот (1) на овој член се одредува:
1) според сложеноста и видот на нотарската исправа и
2) според времето и местото потребно за подготовка и вршење на одредени службени дејствија.

(3) За дејствата за кои не може да се определи награда врз основа на критериумите од ставот (2) на овој член се определува паушален износ, без оглед на вредноста или времето потребно за преземање на определени службени дејствија (оспорен став).

(4) Трошоците на нотарот за извршените службени дејствија се определуваат според реално направените трошоци за изработка на одделни нотарски исправи, трошоците за службените дејствија преземени надвор од нотарската канцеларија и трошоците за превоз“.

4. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, а според став 2 на овој член од Уставот секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 68 став 1 алинеи 2 и 3 од Уставот на Република Македононија, Собранието донесува закони и дава автентично толкување на законите и ги утврдува јавните давачки.

Со Законот за нотаријатот (член 1) се уредуваат постапката за именување и разрешување на нотарите, нивниот делокруг на работа и овластувања, составување на нотарски исправи и постапувањето со нив по упразнување на нотарското место, организацијата на нотаријатот и неговите органи, нотарите како повереници на судовите и другите органи, надзорот врз работењето на нотарите и дисциплинската одговорност.

Според член 2 од овој закон нотаријатот е самостојна, независна јавна служба во која се вршат работи од видот на јавни овластувања врз основа на закон по барање на граѓаните, државните органи, правните лица и други заинтересирани институции став 1. Нотарот ја врши својата служба како основно занимање за времето за кое е именуван (став 2).

Според член 3 од Законот, нотарот нотарските работи ги врши слободно, независно, самостојно, стручно и непристрасно врз основа на Уставот, закон, ратификувани меѓународни договори и други прописи и општи акти засновани врз закон.

Во Глава XIV со наслов „Награда за работата и надоместок на трошоците“ се содржани членовите 138-144 од Законот.

Членот 138 (кој имал само еден став) од Законот бил предмет на уставно-судска анализа и оценка, кој со одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.134/2007 од 7 ноември 2007 година е во целост укинат објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.138/2007 од 16 ноември 2007 година. Според овој член, нотарот имал право на награда за работата и надоместок на трошоците во вршењето на службените дејствија во неговиот делокруг во согласност со Нотарската тарифа која ја донесува Комороата во согласност со Министерството за правда.

Имено, во својата одлука Уставниот суд оценил дека оспорената одредба од Законот не е во согласност со одредбите во Уставот на Република Македонија. Ова од причина што во услови кога во Законот не се содржани критериуми и мерила за определување на висината на надоместокот на трошоците во вршењето на службените дејствија, како и наградата за работењето на нотарот, наградата за работа на нотарот определени во Нотарската тарифа донесена од Комората, а во согласност со Министерството за правда, според Судот постои навлегување на извршната во законодавната власт, што не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот.

Покрај тоа што членот 138 од Законот за нотаријатот е надвор од правниот поредок, односно со неговото укинување истиот не е веќе дел од правниот поредок, при донесување на Законот за изменување и дополнување на Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ бр.86/2008) Собранието го третира членот 138 како важечки и со член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за нотаријатот, определува дека по членот 138 став 1 се додаваат три нови ставови (2), (3) и (4), што значи дека при неговото дополнување ја немал во вид одлуката на Уставниот суд на Република Македонија, со што, според Судот се повредува една од основните темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото, односно правната сигурност на граѓаните на Република Македонија предвидени во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

Имено, Судот оцени дека со дополнувањето на членот 138 со ставот 2 точките 1 и 2, се дефинирани критериумите и мерилата за наградата на нотарите, но вакво дополнување е сторено без основ, бидејќи основот за определување на критериумите, наградата на нотарите, не постои и е надвот од правниот поредок. Од овие причини, според Судот дадените критериуми и мерила во ставот 2 точките 1) и 2) од оспорениот член, не може да се разработуваат, кога не постои основот за тоа. Токму поради ова, Судот оцени дека по однос на овие ставови од оспорениот член основано може да се доведе во прашање нивната согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, односно се доведува во прашање темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните на Република Македонија.

По однос на оспорениот став 3 на овој член од Законот, Судот изрази сомневање дека ова законско решение со кое се определува паушален износ без оглед на вредноста или времето потребно за преземање на определени службени дејствија, нема уставна основа, бидејќи ова овластување отстапува од општиот принцип на поделба на власта на законодавна, извршна и судска. Имено, ваквата законска определба, односно формулација според Судот не може да се смета како одредба која упатува на разработка на истата со подзаконски акт.

Тргнувајќи од темелната вредност за поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска, министерството како еден од органите на извршната власт не може да има овластување во законодавната власт. Даденото овластување за определување на паушален износ во нотарската тарифа донесена од Комората, а во согласност со Министерството за правда, значи навлегување во законодавната власт која е издвоена од извршната власт, односно отстапува од општиот принцип на поделбата на власта на законодавна, извршна и судска.

Од наведените прочини, Судот оцени дека членот 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за нотаријатот е во спротивност со уставните принципи содржани во член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.175/2008
3 декември 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски