У.бр.173/2002-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и ?лен 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 7 мај 2003 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ член 14 во делот “што го утврдува Адвокатската комора на Република Македонија на начин и постапка уредена со Статутот на Адвокатската комора”, член 21 став (2) и член 23 став (2) точка 4) во делот “што го утврдува Адвокатската комора на Република Македонија” од Законот за адвокатурата (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2002).

2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата поднесена од Ленче Панчевска, нотар од Скопје со Решение У.бр.173/2003 од 19 март 2003 година поведе постапка за оценување уставноста на одредби од членовите на Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано беше поставено прашањето за нивната согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 14 од Законот, адвокатите од другите држави можат да даваат правна помош и да вршат адвокатска дејност на територијата на Република Македонија под услови на реципроцитет, што го утврдува Адвокатската комора на Република Македонија на начин и постапка уредена со Статутот на Адвокатската комора.

Во однос на овој член Судот утврди дека реципроцитетот како услов адвокатите од другите држави да даваат правна помош односно да вршат адвокатска дејност на територијата на Република Македонија не е спорен. Меѓутоа, според мислењето на Судот утврдувањето на реципроцитетот не може да се делегира на Адвокатската комора, бидејќи ова прашање според меѓународното право спаѓа во исклучива надлежност на државните органи и се регулира со склучување на билатерални договори меѓу државите за пружање на правна помош. Согласно ова, работите што се однесуваат на меѓународната правна помош спаѓаат во надлежност на Министерството за правда и истите се остваруваат во координација со Министерството за надворешни работи.

Поради наведеното, Судот оцени дека делот од член 14 од Законот според кој реципроцитетот го утврдува Адвокатската комора на Република Македонија на начин и постапка уредена со Статутот на Адвокатската комора, не е во согласност со Уставот на Република Македонија.

Според оспорениот член 21 став (2) од Законот, адвокатот во вршењето на адвкатската дејност има имунитет. Ова законско решение преставува новина во однос на решенијата содржани во членот 17 од претходниот Закон за адвокатурата, во кој скоро на идентичен начин беа уредени сите други прашања што се уредени во останатите ставови на членот 21 од овој закон.

Имено, според член 21 од Законот, адвокатот не може да биде повикан на одговорност за искажано мислење при давањето правна помош (став (1); не може да биде лишен од слобода ниту притворен за кривично дело сторено во вршењето на адвокатската дејност без претходна согласност од Адвокатската комора на Република Македонија (став 3); претресувањето на адвокатската канцеларија може да се врши само во присуство на адвокатот и овластен претставник на Адвокатската комора (став 4) и претресувањето на адвокатската канцеларија може да се врши само во однос на писмената изрично наведена во решението за претрес донесено од надлежен судија во кривична постапка, а овластените службени лица немаат пристап во другите пишани материјали, списи, предмети и архивата.

Од наведените одредби на член 21 од Законот произлегува дека во нив се определени условите под кои адвокатот не може да се повика на одговорност, не може да биде лишен од слобода или притворен и да може да се врши претресување на неговата канцеларија, како и списите и другите пишани материјали. Сите овие одредби се во функција на обезбедување слобода, самостојност и независност на адвокатот во неговата работа и кореспондираат со член 53 од Уставот според кој адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Обезбедувајќи ја и на овој начин самостојноста и независноста, како и слободното вршење на адвокатурата, Судот смета дека ставот (2) на членот 21 од Законот не само што сам за себе е излишен, но неговото опстојување е спорно и од уставен аспект. Ова од причини што според Уставот уживањето на имунитет е резервирано само за определени носители на јавни функции и тоа утврдени во самиот Устав, а не и за носители на други функции утврдени со закон, како што тоа е утврдено за адвокатите во конкретно оспорената одредба од Законот. Поради тоа, Судот оцени дека и членот 21 став (2) од Законот не е во согласност со Уставот на Република Македонија.

Во ставот (2) точката 4) на член 23 од Законот е утврдено дека правото на вршење на адвокатска дејност на адвокатот му престанува ако биде лишен од деловна способност или трајно ја загуби способноста за вршење адвокатска дејност, што го утврдува Адвокатската комора на Република Македонија.

Во однос на оваа законска одредба Судот утврди дека таа по својата формулација отстапува, односно се разликува од другите точки на ставот (2) на член 23 од Законот. Исто така, според мислењето на Судот ваквата нејзина формулација не е доволно прецизна и јасна во однос на прашањето дали Адвокатската комора, освен за утврдување трајна неспособност на адвокатот за вршење адвокатска дејност, е надлежна да одлучува и за лишување на адвокатот од деловна способност (како што впрочем смета и подносителката на иницијативата), поради што остава простор за нејзино различно толкување.

Со оглед дека за лишување од деловна способност е надлежен да одлучува судот во вонпроцесна постапка, а не Адвокатската комора, а оспорената одредба на членот 23 од Законот во тој поглед не е сосема јасна и прецизна, Судот оцени дека таа не е во согласност со принципите на владеењето на правото и на поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, утврдени како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија во членот 8 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков и д-р Јосиф Талевски, со тоа што одлуката во однос на членот 14 ја донесе едногласно, а во однос на другите членови од Законот со мнозинство гласови.

У.бр.173/2002
7 мај 2003 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Тодор Џунов