У.бр.173/1991

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 27 ноември 1991 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на член 40 од Правилникот за станбени односи, донесен од Работничкиот совет на Претпријатието за производство на стакло и стаклени влакна “Стакларница” во Скопје, на 19 март 1990 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на член 40 од правилникот означен во точка 1 од ова решение, затоа што со начинот на вреднување на придонесот определен во оспорениот член се вршело преферирање на високостручните и раководни кадри, со што се наулирале работниот стаж и социјалната состојба на работниците, што не било во согласност со закон.

3. Судот на седницата утврди дека според член 40 од Правилникот работниот придонес се вреднува со 30% од масата на бодови односно со најмногу 48 бода, а како основ за мерење на резултатите во работата е остварениот чист личен доход во последната година во претпријатието спореден со основицата која работникот треба да ја оствари, земајќи ја предвид неговата лична ставка и соодветната вредност на бодот во периодот од една година пред конкурсот.

4. Според член 42-а од Законот за станбените односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.48/88 – пречистен текст, 31/89, 21/89), и член 52 од Законот за основните права од работниот однос (“Службен лист на СФРЈ” бр.60/89, 42/90), кој согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на уставот на Република Македонија се применува како републички закон, со општ акт на организацијата се утврдуваат основите и мерилата за користење на средствата за заедничка потрошувачка по основ на распределбата според трудот и солидарноста.

Од изнесените законски одредби произлегува дека основите и мерилата за распределба на средствата за заедничка потрошувачка, во кои спааѓаат и средствата за решавање на станбените прашања на работниците, се утврдуваат со општ акт на организацијата, со кој се определуваат и основите и мерилата за редот на првенство за добивање на стан на користење, при што како основ за распределба на станови треба да се предвиди и придонесот во работата и начинот на неговото вреднување.

Со оглед на тоа што во оспорениот член од Правилникот, како еден од основите за распределба на станови е предвиден и вреднуван придонесот во работата, Судот смета дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со означените законски одредби.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.