У.бр.172/2005

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 12 април 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 13 став 4 од Законот за поштенски услуги (“Службен весник на Република Македонија” бр.55/2002).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 11 и член 17 став 4 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, овластувањата на министерот за транспорт и врски пропишани со оспорените законски одредби немале уставна основа. Ова поради тоа што министерот, врз основа на наведените овластувања, имал право да регулира права и обврски кои можеле да се утврдуваат само со закон, а не со подзаконски акт. Покрај тоа, овластувањата во оспорените одредби од Законот не биле во функција на извршување на одредби од закон, туку истите значеле арбитрерност. Со оглед на тоа што со оспорените одредби од Законот, се овозможувало орган на извршната власт да уредува прашања од законодавната власт, одредбите биле во несогласност со повеќе одредби од Уставот, и тоа со: член 8 став 1 алинеја 3 и 4, член 33, член 51, член 68 став 1 алинеја 2 и 3, член 91 алинеја 1 и 5 и член 96.

4. Судот на седницата утврди дека според членот 11 од Законот за поштенски услуги, министерот за транспорт и врски може за Основен поштенски оператор (ОПО) да пропише посебен начин за одделно водење на финансиските пресметки за резервираните услуги во услови на конкуренција, како и за курирските услуги.

Со членот 13 став 1 и 2 од овој закон е определено дека курирски услуги можат да вршат домашни и странски правни и физички лица како поштенски оператори, врз основа на лиценца, а лиценцата ја издава министерот за транспорт и врски.

Според ставот 3 на овој член од Законот, за издадената лиценца за вршење на курирски услуги се наплатува надоместок. Средствата од надоместокот се приход на Министерството за транспорт и врски и се користат за развој на поштенската инфраструктура на ОПО, како обезбедувач на универзалната поштенска услуга.

Со оспорената одредба од ставот 4 е определено дека висината на надоместокот од ставот 3 на овој член со акт ја утврдува министерот за транспорт и врски.

Судот, исто така, утврди дека според членот 17 став 1 од Законот за поштенски услуги, за регулирање на работите за вршење и обезбедување на поштенските услуги утврдени со овој закон е надлежно Министерството за транспорт и врски.

Со оспорениот став 4 на овој член од Законот е утврдено дека министерот за транспорт и врски на предлог на ОПО, поблиску ги утврдува општите услови за вршењето на поштенските услуги, Номенклатурата на поштенските услуги, како и подрачјата на единиците на мрежата на ОПО за вршење на универзалната поштенска услуга.

5. Според членот 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Законот за поштенските услуги во членот 1 определил дека предмет на негово уредување се условите и начинот на вршење на поштенските услуги во внатрешниот и меѓународниот поштенски сообраќај, на обезбедувањето пристап на секој корисник до универзална поштенска услуга на целата територија на Република Македонија, на воведувањето на конкуренција во вршењето на поштенските услуги, меѓусебните односи на корисниците и давателите на поштенските услуги, на издавањето на поштенски марки и поштенски вредносници, како и други прашања во врска со поштенските услуги.

Како цели на овој закон се определени потребата да се обезбеди вршењето на ефикасни и навремени поштенски услуги за прием, сортирање, пренос и достава на поштенски пратки, парични средства и стоки, како на територијата на Република Македонија, така и надвор од нејзините граници, да се заштитат интересите на корисниците на поштенските услуги и да се обезбеди доверливост на поштенските пратки, да се овозможи конкуренција во областа на поштенските услуги земајќи ја предвид потребата за обезбедување на финансиската рамнотежа на ОПО со цел да го обезбеди извршувањето на универзалната поштенска услуга која опфаќа минимален обем на услуги со утврден квалитет по достапни цени за сите корисници на целата територија на Република Македонија.

Имено, Јавното претпријатие за поштенски сообраќај Македонска пошта ги врши работите како основен поштенски оператор (ОПО), ова согласно членот 66 од Законот.

Во целите на Законот е определено и обезбедување на унапредувањето на поштенска инфраструктура на целата територија на Република Македонија за поквалитетно вршење на поштенските услуги; обезбедување на извршување на универзалната поштенска услуга која се состои од резервирани и нерезервирани поштенски услуги при што резервираните поштенски услуги може да ги обезбедува само ОПО; потоа да овозможи поштенските тарифи да бидат објективни, транспарентни и недискриминаторски и да обезбеди пренесување на поштенски пратки и преку курирски услуги.

Според членот 3, вршењето на поштенските услуги и издавањето на поштенските марки и поштенските вредносници се работи од јавен интерес.

Поаѓајќи од овие цели, со членот 5 од Законот се пропишани видовите на поштенски услуги и тоа универзалната поштенска услуга (резервирани и нерезервирани поштенски услуги) и други поштенски услуги кои не се во рамките на универзалната поштенска услуга.

Во Законот е определено дека универзалната поштенска услуга вклучува прием, сортирање, пренос и достава на поштенски пратки до 2 кг. и на пакети до 31,5 кг. Во универзалната поштенска услуга не спаѓаат курирските услуги и услугите на размена на документи.

Со оспорената одредба од ставот 4 на членот 13 од Законот, се овластува министерот за транспорт и врски со свој акт да ја утврди висината на надоместокот за издавање на лиценци на домашни и странски физички и правни лица како поштенски оператори за да вршат курирски услуги.

Од анализата на оваа оспорена одредба во контекст и на другите одредби од Законот за поштенски услуги, произлегува дека законодавецот предвидел, во случајов, овластување за министерот за транспорт и врски да ја определува висината на надоместокот за наведената лиценца, меѓутоа во Законот недостасуваат критериуми врз основа на кои надлежниот министер би ја определувал висината на овој надоместок.

Со оставената можност, без конкретна законска рамка да се определува висината на надоместокот за лиценца, се остава простор за мешање на извршната власт во законодавната власт, кои во системот на поделбата на власта се јасно разграничени со Уставот. Воедно, ваквиот недостаток на оспорената одредба остава можност за арбитрерност и нееднаков третман на лицата под објективизирани и еднакви услови да го остваруваат правото на лиценца.

Оттука, Судот оцени дека овластувањето кое произлегува од оспорената одредба нема уставна основа со оглед на тоа што Законот за поштенски услуги не содржи параметри за утврдување на висината на надоместокот, поради што основано се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од ставот 4 на членот 13 од Законот со принципот за поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија согласно членот 8 став 1 алинеја 4 од Уставот. Конечно, даденото законско овластување на надлежниот министер со свој акт да ја утврдува висината на надоместокот без постоење на законска рамка, не претставува подзаконски акт на министерот за разработка на законска одредба заради нејзино извршување, како што предвидува членот 56 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000 и 44/2002), туку води кон тоа со акт на министерот да се утврдуваат права и обврски за граѓаните, кои можат да се утврдуваат единствено со закон.

6. Врз основа на уставносудската анализа на одредбите од Законот за поштенски услуги, Судот, исто така, утврди дека во вториот дел од Законот, кој се однесува на “условите и начинот на вршење на универзална поштенска услуга”, во членот 7 е определено дека универзалната поштенска услуга ја врши ОПО и со Законот се определени условите под кои ОПО истите ги врши (достапност на услугата под еднакви услови до сите корисници на територија на Република Македонија; понуда на поштенската услуга без било каква форма на дискриминација; доверливост и сигурност на поштенските пратки; поштенската услуга да е непрекината освен поради елементарни природни непогоди, епидемии или слично; поштенската услуга да се развива во согласност со техничките и финансиските можности на ОПО и да биде во функција на потребите на корисниците).

Според членот 9 став 1 од Законот, во рамките на универзалната поштенска услуга единствено ОПО врши резервирани поштенски услуги (кои опфаќаат прием, сортирање, пренос и достава на поштенски пратки, вклучувајќи ја и дирекната пошта, како во домашниот така и во меѓународниот поштенски сообраќај, под услов овие пратки да тежат до 350 грама).

Во ставот 2 од овој член од Законот, е определено дека резервирани поштенски услуги врши единствено ОПО заради обезбедување на финансиски средства за вршење на универзалната поштенска услуга на целата територија на Република Македонија вклучувајќи и населени места каде што тоа е економски неисплатливо како и заради изградба, одржување и унапредување на јавната поштенска мрежа. Јавната поштенска мрежа ја користи ОПО, а доколку ја користат и други поштенски оператори, истите се должни да плаќаат надоместок за покривање на трошоците за користење на мрежата. Според ставот 3, нерезервираните поштенски услуги во рамките на универзалната поштенска услуга покрај ОПО можат да вршат и други поштенски оператори под услови и начин утврдени со овој закон.

Со членот 10 став 1 од Законот, е определено дека на тарифите што ги предлага ОПО за вршење на резервираните поштенски услуги во рамките на универзалната поштенска услуга, согласност дава Владата на Република Македонија.

Според оспорениот член 11 од Законот, министерот за транспорт и врски може за ОПО да пропише посебен начин за одделно водење на финансиските пресметки за резервираните услуги во услови на конкуренција, како и за курирските услуги.

Од изнесените законски одредби произлегува дека поштенските услуги ги вршат поштенски оператори, меѓутоа само универзалните поштенски услуги во делот на резервираните поштенски услуги се исклучиво во надлежност на вршење на ОПО – а тоа е Јавното претпријатие за поштенски сообраќај Македонска пошта, кое е сопственост на Републиката.

Владата на Република Македонија има донесено Одлука за делење на Јавното претпријатие за ПТТ сообраќај “Македонија” – Скопје на Јавно претпријатие за поштенски сообраќај “Македонски пошти” и на Јавно претпријатие за телекомуникации “Македонски телекомуникации”, објавена во “Службен весник на Република Македонија” бр.72/1996.

Со Законот за јавни претпријатија (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/1996, 6/2002 и 10/2003) општо е уредена материјата на вршењето на стопански дејности од јавен интерес преку јавни претпријатија, нивното основање, организација и други статусни прашања.

Според членот 1 од овој Закон, јавни претпријатија се основаат заради вршење на стопански дејности од јавен интерес кои претставуваат дејности кои се незаменлив услов за живот и работа на граѓаните, за работа на правните лица и на државните органи.

Според членот 3 од овој Закон, јавни претпријатија во име на Република Македонија основа Владата на Република Македонија, и тие се во сопственост на Републиката.

Со оглед на тоа што Јавното претпријатие за поштенски сообраќај Македонска пошта (ОПО) е на Републиката и е основано од Владата на Република Македонија, согласно членот 49 од Законот за јавни претпријатија тоа е должно во однос на организацијата и работењето да е во согласност со одредбите од тој закон.

Во овој контекст, поаѓајќи од фактот дека Јавното претпријатие за поштенски сообраќај Македонска пошта (ОПО) стопанисува со имот на Републиката, а Владата на Република Македонија има статус на негов основач, произлегува дека ова Јавно претпријатие согласно членот 11 од Законот за јавни претпријатија е условено да прибавува согласност од Владата при донесувањето на актите определени во овој член.

Со одредбата од членот 7 на овој закон воедно е предвидено дека јавното претпријатие го води своето материјално-финансиско работење според финансиските и сметководствените правила и стандарди за трговските друштва.

Значи, со Законот за јавни претпријатија се утврдени статусните прашања на јавните претпријатија, а со Законот за поштенски услуги утврден е режимот на вршењето на поштенските услуги, според кој како Основен поштенски оператор се определува јавно претпријатие во сопственост на Републиката.

Оттука, според Судот наспроти обврската која произлегува од Законот за јавни претпријатија за конкретното Јавно претпријатие за поштенски сообраќај “Македонска пошта”, да го води своето материјално-финансиско работење според финансиските и сметководствените правила и стандарди за трговските друштва, дадено е уште едно, ново право сега како на Основен поштенски оператор (ОПО) на ова Јавно претпријатие со членот 11 од Законот за поштенски услуги. Имено, тоа може и одделно да води финансиски пресметки само за одделни работи односно за резервираните услуги во услови на конкуренција, како и за курирските услуги, кое ќе го пропише министерот за транспорт и врски.

Одредбата од членот 11 од Законот за поштенски услуги се однесува само за ОПО. Тоа значи за курирските услуги кои ги вршат други поштенски оператори не се однесува актот на министерот.

Оспорената одредба од членот 11 од овој закон, според својата содржина дава овластување со акт на министерот да може само во услови на конкуренција да се пропише предметната работа, односно начинот за одделно водење на финансиските пресметки за одделни услуги во ОПО.

Поаѓајќи од целите на Законот и правото на законодавецот да го регулира начинот на обезбедувањето и остварувањето на тие цели во вршењето на дејноста од јавен интерес, произлегува и овластувањето на органот на извршната власт, односно на министерот во оспорената одредба од членот 11 од Законот, со што според Судот не се нарушува системот на финансиското водење на работите, туку се овозможува во посебни услови (конкуренција) да се прецизира од овој аспект работењето на Основниот поштенски оператор, и да се овозможи и одделно водење на финансиските пресметки во овој основен поштенски оператор. Со оглед на тоа што со ваквата законска определба со ништо не се повредуваат определбите во Уставот на кои се повикува подносителот во иницијативата, а од друга страна пак Уставниот суд не ја оценува целисходноста на законското решение, Судот утврди дека иницијативата во однос на оспорениот член 11 од Законот е неоснована, па поради тоа не може да се доведе во прашање уставноста на одредбата.

7. Понатаму со оспорената одредба од ставот 4 на членот 17 од Законот, се дава овластување на министерот за транспорт и врски, на предлог на ОПО, поблиску да ги утврди општите услови за вршењето на поштенските услуги, Номенклатурата на поштенските услуги, и подрачјата на единиците на мрежата на ОПО за вршење на универзалната поштенска услуга.

Оваа одредба е содржана во третиот дел од Законот, кој гласи “Надлежен орган за регулирање на работите во областа на поштенските услуги”.

Таа претставува законско овластување на министерот за транспорт и врски да донесе подзаконски акт со кој на предлог на ОПО, поблиску ќе ги уреди односно ќе го операционализира вршењето на поштенските услуги во однос на општите услови за нивно остварување и номенклатурата како и подрачната мрежа на ОПО за вршење на универзалната поштенска услуга.

Во одредбите од шестиот дел од Законот (од член 29 до член 61), кој гласи “Вршење на поштенски услуги” се определени: условите за вршење на поштенски услуги; изборот на поштенски услуги; тајноста и квалитетната достава на поштенските пратки; забранета содржина на поштенските пратки; одговорноста на испраќач; плаќање на поштенски услуги; доставата, потврдувањето на прием и враќањето на попштенските пратки; правото на испраќачот да располага со поштенски пратки; обврска за поставување на поштенски сандачиња од страна на ОПО; обврска за поставување на поштенски сандачиња од страна на корисниците на поштенските услуги; неврачливи поштенски пратки; неоштетени поштенски пратки; рекламации; одговорност на поштенските оператори; одгворност на поштенските оператори за книжена поштенска пратка со откупнина; висина на надоместокот за настанатата штета; најдена поштенска пратка; застареност на побарувања; надзорот и инспекцискиот надзор.

Судот оцени дека за овие прашања заради операционализација на вршењето на поштенските услуги според законската рамка определена во овие законски одредби, како и заради обезбедување на достапност на поштенските услуги на целата територија на Република Македонија што воедно е една од целите на уредување на материјата на овој закон, предвидено е овластувањето во оспорената одредба од ставот 4 на членот 17 врз основа на кое министерот може поблиску да ги уреди општите услови и номенклатурата на поштенските услуги како и подрачната мрежа на ОПО за вршење на универзалната поштенска услуга.

Имено, со оспорената одредба од ставот 4 на членот 17 од Законот не се дава овластување на министерот да утврдува права и обврски кои единствено можат да се утврдуваат со закон на што се однесуваат наводите во иницијативата со кои одредбата се оспорува како неуставна, туку овластувањето се однесува на министерот со подзаконски акт поблиску да ги уреди и разработи одредбите од Законот со кои се утврдени правата и обврските за граѓаните и правните лица со цел да се операционализира вршењето на поштенските услуги.

Оттука, Судот оцени дека не може за оспорената законска одредба на членот 17 став 4 не може основано да се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот.л

8. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.172/2005
12 април 2006 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова