У.бр.171/2014

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, членoвите 28 алинеа 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 јуни 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Одлуката за усвојување на Предлог на ДУП за Урбан блок 45-општина Тетово, со површина (5.42 ха) за плански период 2010-2016 година, донесена од Советот на Oпштина Тетово под бр.07-3572/9 од 31 октомври 2012 година („Службен гласник на Општина Тетово“ бр.45/2012 од 02 ноември 2012 година).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот со кој се бара оценување на меѓусебната согласност на Одлуката, означена во точката 1 од овој предлог со одредбите од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија “бр.142/2010).

3. Марин Најдов и Трпана Ацеска и двајцата од Тетово, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијативa за оценување на уставноста на Законот, означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одлука не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот, од причина што со донесениот план не се уредувал ниту пак се хуманизирал просторот и не се заштитувала и унапредувала животната средина и се уназадувала постоечката животна средина и природата, а тоа било во спротивност со одредбата на член 43 од Уставот.

Во натамошниот тек на иницијативата се наведува дека оспорената одлука не била во согласност и со темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија, правната заштита на сопственоста од член 8 став 1 алинеа 6 и член 30 од Уставот и дека секој човек има право на сопственост, како самостојно така и заедно со другите и никој нема да биде лишен произволно од неговата сопственост согласно член 17 од Универзалната декларација на човековите права и основните слободи. Во конкретниот случај со нивната сопственост која се наоѓала на градежна парцела број 2415 се правеле суштински отстапки и се повредувале законските одредби од Законот за просторно и урбанистичко планирање за да се стекне со материјална корист друго физичко лице – сопственикот на соседната градежна парцела под број 2456/1, а тоа не било од јавен интерес утврден со Закон и на тој начин им било ограничено правото на сопственост и површината која би им припаднала била помала од онаа која претходно ја имале.

Понатаму, се наведува дека оспорената одлука била спротивна на членот 11 ставови 1 и 2 од Законот за просторното и урбанистичко планирање, бидејќи оспорениот детален урбанистички план не бил усогласен со Генералниот урбанистички план. Во поткрепа на ваквото тврдење, во натамошниот тек на иницијативата се презентираат податоци по однос на тоа дека не било можно да се донесе урбанистички план без претходна консултација со сопствениците на имотот, без да им се овозможи навремено изнесување и давање на свои предлози, забелешки на Нацрт-планот согласно членот 23 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Според наводите во иницијативата согласно член 11 став 7 од Законот, Деталниот урбанистички план, како план од пониско ниво мора да биде усогласен со Генералниот урбанистички план, што не било сторено со оспорениот план за да се утврди неговата неуставност и незаконитост.

Воедно, при донесувањето на оспорената одлука не биле почитувани стандардите за просторно и урбанистичко планирање и планот бил донесен без да се почитуваат член 23 точки 1, 2 и 6 и член 42 став 2 точка 3 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање и предлагаат да се поништи оспорената одлука.

Советот на Општина Тетово на седницата одржана на 31.10.2012 година ја донел оспорената одлука во која со членот 1 е определено дека се усвојува Предлогот на ДУП за Урбан блок 54- општина Тетово со плански опфат (5,42ха), технички број 3-1/11 изработен од ДОО „УРБАН ПЛАН„ Тетово.

Во членот 2 од Одлуката е определено дека составен дел на Планот е техничката документација бр.3-1/11 изработена од ДОО „УРБАН ПЛАН“-Тетово, со поблиско означување во кои органи се чуваат седумте примероци од техничката документација.

Во членот 3 од Одлуката е определена должност за Советот на Општината во рок од 30 дена од донесувањето на планот да обезбеди картирање на планот на хамер или астролон.

Според членот 4 од Одлуката, Деталниот урбанистички план не може да се применува пред да се исполнат условите од член 2 и 3 од Одлуката.

Во членот 5 е определено дека Одлуката влегува во сила осмиот ден од денот на објавување во „Службен гласник на општина Тетово“.

Одлуката е заведена под бр.07-3572/9 од 31 октомври 2012 година.

Врз основа на доставената и прибавена документација се утврди дека:

– Програмата за изработка на урбанистички планови, меѓу кои и за урбаниот блок 54, за 2011 година е донесена од Советот на Општина Тетово под бр.07-124/27 од 27 јануари 2011 година, по што е донесено и посебно решение за отпочнување на постапката за изработка на Нацрт- Планот за наведениот урбан модул.

– Планската програма за изработка на ДУП за У-54 во Општина Тетово, заверена со печат и потпис од градоначалникот на Општина Тетово, бр.09-1021/2-1 од 26 декември 2011 година и Предлог изработен од ДОО за урбанизам, проектирање и инженериг „УРБАН – ПЛАН“- ДОО од Тетово со техн. број 3-1/11 од август 2012 година.

– Стручната ревизија е изработена од Друштвото за производство, трговија и услуги „АТЕЛИЕ – 2“ од Тетово под У бр.05-03/2012 од 23 март 2012 година.

– „Урбанплан“- ДОО од Тетово во април 2012 година дало Извештај од извршената Стручна ревизија и одговор на наводите од ревизијата, под број 0307/4-4/12 од 20.04.2012 година.

– Со решение бр.09-1885/1 од 25 април 2012 година градоначалникот на Општина Тетово формирал тричлена комисија, со овластување за изработка на урбанистички планови, која дала дека Нацрт-деталниот урбанистички план по вградување на забелешките може да претставува основа за продолжување на законската постапка. Кон ова решение е доставен на увид и Геодетски елаборат за ажурирана геодетска подлога изработена од „ГЕОПОЛОГ„ – Тетово со број 1110-86/1 од 01 ноември 2011 година.

– Мислење по планот од Комисијата, заверено под број 09-1885/2 од 25 мај 2012 година.

– Со Одлука број 07-1556/15 од 31 мај 2012 година Советот на Општина Тетово го утврдил Нацрт-планот на ДУП за Урбан блок 54 Општина Тетово за плански период 2011-2016, со тех.бр.3-1/11, со површина од 54252 м2.

– За организирање на јавната презентација и јавната анкета во траење од 15 работни дека (од 04.07.2012 до 24.07.2012) по Нацрт-планот градоначалникот на Општина Тетово донел Одлука број 09-1885/4 од 28 јуни 2012 година и за таа цел е подготвено Соопштение од 09-1885/5 од 29 јуни 2012 година дека ќе се организираат јавна презентација и јавна анкета во канцеларијата број 22 на првиот кат во Општина Тетово.

– За одржување на јавната презентација по писмен пат биле известени засегнатите јавни претпријатија, а соопштението за јавна презентација и јавна анкета било објавено во дневните весници „Нова Македонија“ и „Лајм“ на 4 јули 2012 година.

– Со решение бр.09-1885/3/ од 26 јуни 2012 година градоначалникот на Општина Тетово формирал тричлена комисија, со овластување за изготвување на извештај од спроведената јавна презентација и јавна анкета.

– Во Записниците за спроведена јавна презентација бр.09-1885/10 од 24 јули 2012 година, бр.09-1885/13 од 30 јули 2012 година Комисијата констатирала дека по Нацрт-планот биле вкупно поднесени 8 анкатни листови и 2 барања, и биле прифатени 2 а не биле прифатени 6 анкетни листови и барањата биле разгледани од страна на Комисијата и на истите било писмено одговорено во претежен дел со образложение дека забелешките биле спротивни на Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање.

– Извештај од јавната презентација и јавна анкета заведен под број 09-1885/12 од 30 јули 2012 година со дадена констатација дека сите измени треба да се вградат во Предлог-планот.

– Известување за постапување по стручната ревизија и спроведената јавна анкета, заведено под број 09-2596/14 од 31 јули 2012 година со дадена констатација дека сите забелешки се доставени на изготвувачот и се внесени во Предлог-планот.

– Дирекцијата за заштита и спасување-Подрачно одделение Тетово по извршениот увид во планската документација дала согласнот бр.10-193/2 од 16 јули 2012 година и бр.10-223/2 од 16 август 2012 година.

– Управата за заштита на културното наследство донела решение бр. УП 17-2368/2 од 23 јули 2012 година за одобрување на Заштитно-конзерваторски основи за културно наследство во границите на Урбаниот блок 54 во Тетово.

– Министерството за животна средина и просторно планирање во допис бр.15-7953/2 од 27 август 2012 година дало мислење дека во однос на усвојувањето на Планот, ги прифаќа одлуките од аспект на тоа дека не ќе се спроведе Стратегиска оцена за влијание на животната средина.

– Поединечни известувањата до граѓаните со образложение за прифатени и неприфатени забелешки од страна на Општина Тетово се доставени по писмен пат до заинтересираните субјекти.

– Министерството за транспорт и врски дало согласност на Предлог-планот со допис бр.16-18652/2 од 1 октомври 2012 година.

Оспорената одлука бр. 07/3572/9 е донесена на 31 октомври 2012 година и е објавена во „Службен гласник на Општина Тетово“ бр.45/2012 од 2 ноември 2012 година.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3, 6 и 10 од Уставот на Република Македонија владеењето на правото, правната заштита на сопственоста како и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се темелни вредности на уставниот поредок на Републиката.

Со членот 30 став 1 од Уставот се гарантираат правото на сопственост и правото на наследување. Според ставот 2 на овој член, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за доброто на поединецот и заедницата, а според ставот 3 никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесувањето на плановите, како и другите прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” 51/2005, 137/2007, 151/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011 и 53/2011).

Во членот 3 од наведениот закон е утврдено дека изработувањето, донесувањето и спроведувањето на Просторниот план на Република Македонија и на урбанистичките планови се работи од јавен интерес.

Видовите и содржината на плановите, како и постапката за нивно изработување и донесување се уредени во посебен дел од Законот означен и насловен со II. Планирање на просторот, кој ги опфаќа членовите од 7 до 48.

Согласно член 11 ставовите 1 и 2 од Законот, детален урбанистички план, за каков што се работи во конкретниот случај, се донесува за плански опфат за кој е донесен генерален урбанистички план. Деталниот урбанистички план содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија на опфатот, како и нумерички дел со билансни показатели за планскиот опфат и за инфраструктурата.

Според ставот 3 од овој член од Законот, графичките прикази на планот содржат: граница на планскиот опфат, регулациони линии, парцелација на градежното земјиште, површини за градење на градби определени со градежни линии, максимална висина на градбата изразена во метри до венец, намена на земјиштето и градбите, планско решение на секундарната сообраќајна мрежа со нивелманско решение и плански решенија на сите секундарни комунални и телекомуникациски инфраструктурни објекти.

Според ставот 4 од овој член од Законот, текстуалниот дел од планот содржи: општи услови за изградба, развој и користење на земјиштето и градбите, посебни услови за изградба на поединечни градежни парцели, податоци за сообраќајните, комуналните и телекомуникациските инфраструктури и други параметри.

Во ставот 7 на членот 11 од Законот е предвидено дека деталниот урбанистички план како план од пониско ниво, мора да биде усогласен со генералниот урбанистички план.

Според член 17 став 1 од Законот, за изработување на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон , општините и Градот Скопје донесуваат годишна програма. Во годишната програма општините и Градот Скопје можат да утврдат одредни планови заради економски развој на општината, да се донесат во постапка,пропишана во членот 24-а ставови 2, 3, и 4 на овој закон. Според ставот 2 од истиот член од Законот, програмата од ставот 1 на овој член општините и Градот Скопје ја доставуваат до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот и задолжително ја објавуваат во јавните гласила.

Согласно ставот 3 на овој член изработката на плановите од програмата од ставот 1 на овој член,се финансира од буџетот на оп штината и буџетот на Градот Скопје.

Според одредбата од членот 22 став 1 од Законот, плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план. На нацртот на плановите, согласно членот 21 од Законот се врши стручна ревизија со која се утврдува дека плановите се изработени во согласност со одредбите на овој закон, прописите донесени врз основа на овој закон и друг закон. Стручна ревизија на плановите од член 7 точка 2 на овој закон финансирани од буџетот на општината и буџетот на Градот Скопје врши овластено правно лице од член 18 став 1 на овој закон, определено од градоначалникот на општината или на Градот Скопје. Согласно став 5 на овој член, забелешките од стручната ревизија се вградуваат во нацртот на планот, а изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по забелешките на стручната ревизија до органот надлежен за донесување на планот. Стручната ревизија и извештајот за постапување по забелешките од стручната ревизија се составен дел на планот.

Во член 24-а став 2 од Законот, е утврдено дека, на предлогот на планот се врши стручна ревизија согласно членот 21 став 3 на овој закон, се спроведува стручна расправа согласно членот 23 на овој закон и се спроведува јавна презентација и јавна анкета согласно членот 24 од овој закон. Јавната анкета трае десет работни дена и се организира во рок од три работни дена по добивање на одговор на стручното мислење од страна на изготвувачот на планот. Стручната расправа се одржува во периодот на времетраењето на јавната анкета,а извештајот од стручната расправа се изработува во рок од три дена по одржаната стручна расправа. Извештајот од јавната анкета се изработува во рок од пет работни дена по завршување на јавната анкета,а по извештајот на комисијата изработувачот на планот постапува во рок од седум работни дена.

Според ставот 3 на член 24-а од законот, комисијата од членот 17 став 4 на овој закон дава стручно мислење на предлогот на планот во рок од пет работни дена по доставувањео на предлогот на планот од страна на изработувачот.

Согласно ставот 4 на наведениот член на предлогот на планот се бара согласност од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот која се издава во рок од пет дена по поднесување на барањето од страна на доносителот на планот. Предлогот на планот се донесува во рок од десет работни дена од приемот на согласноста.

Според членот 25 став 2 на овој закон на плановите од членот 7 точка 2 изработени во форма на предлог на план согласност дава органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот ,со која се потврдува дека постапката за изработување на предлог планот е спроведена согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Во членот 31 став 1 од Законот, помеѓу другото е предвидено дека во постапката за изработување на плановите задолжително се применуваат стандардите и нормативите за уредување на урбанистичкото планирање.

Од изнесените законски одредби произлегува дека законодавецот, во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување

Tргнувајќи од наведената законска регулатива како и од увидот и анализата на доставената документациja за донесување на оспорената одлука, во делот што се оспорува со иницијативата, Општина Тетово како орган за донесување на наведената одлука ги спровела законски определените дејствија во постапката за донесување на истата.

Во иницијативата се наведува дека оспорениот план не бил во согласност со Генералниот урбанистички план. Оценувајќи ги наводите на иницијаторот, Судот одлучи дека прашањето за усогласеноста на Деталниот со Генералниот урбанистички план е надлежност на оценка на Министерството за транспорт и врски и во рамки на дадената согласност во конкретниот случај за донесување на деталниот урбанистички план, Министерството ја ценело усогласеноста на двата плана во рамки на својата надлежност, при што во време на издавањето, ниту ја повлекло ниту ја изменило дадената согласност.

Во врска со уставноста на Одлуката во однос на членот 30 од Уставот, Судот оцени дека наводите во иницијативата се неосновани, бидејки со оспорената одлука не се уредуваат прашања на сопственост на конкретни физички лица и одземање на нивните сопственички права, како што наведува подносителот на иницијативата.

Оттука, Судот утврди дека оспорената одредба од Одлуката не може да се оценува од аспект на нејзината согласност со член 30 од Уставот, поради што има процесни пречки за постапување по тој дел од иницијативата, па таа во тој дел се отфрли согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд.

Уставниот суд ја цени исклучиво законитоста на постапката од аспект на фазите за донесување на планот, а не и од аспект на содржината на планот. Ова од причини што Уставниот суд нема надлежност да го преиспитува работењето на субјектите кои одлучувале за целисходноста и оправданоста на предложените плански решенија од граѓаните, како и на нивните забелешки по однос на нацрт-планираните решенија, туку Стручната комисија која е надлежна да постапува по забелешките и предлозите од граѓаните по однос на нацрт-плановите и да одлучува за нивната оправданост или неоправданост. Имено, клучно за постапката во која е донесен оспорениот план е транспарентноста во смисла на запознавањето на граѓаните со планските решенија во нацрт-планот, заради овозможување граѓаните преку анкетни листови да достават свои предлози и забелешки на нацрт-планот.

Од списите по предметот произлегува дека во постапката за донесување на конкретната одлука од страна на Општина Тетово биле почитувани сите фази за донесување на детален урбанистички план на начин како што предвидел Законот за просторното и урбанистичко планирање. Меѓу другото, била спроведена јавна презентација и јавна анкета. Од страна на Комисијатата е даден Извештај дека Планот е изработен на ажурирана геодетска подлога, од овластен геодет и е заверен од Агенцијата за катастар на недвижности, како надлежна институција, како и тоа дека приговорите се спротивни на одредбите од Законот за просторното и урбанистичко планирање и Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање.

Од друга страна, доколку и има промена на намената на земјишетото, утврдена со Генералниот план за Општина Тетово, за разлика од намената утврдена со оспорениот план, со што би бил повреден членот 11 став 7 од законот, Судот оцени дека вака изнесените наводи се однесуваат на содржината на деталниот урбанистички план, што е прашање од технички карактер и не се однесува на правните аспекти на постапката за донесување на планот. Оценката на стручно – техничките прашања и аспекти на планот излегува од границите на надлежноста на Уставниот суд, кој ја цени само постапката за донесување на урбанистичкиот план, а не и неговата содржина. Како и да е, Уставниот суд оцени дека вака изнесениот навод не може да се прифати од причина што Судот не е надлежен да ја цени согласноста на понискиот со повисокиот урбанистички план, односно прашањето за усогласеноста на деталниот со генералниот урбанистички план е надлежност на оценка на Министерството за транспорт и врски во постапката за давање на согласност на планот.

Со оглед на тоа што од приложената документација при утврдувањето на фактичката состојба за спроведувањето на постапката за донесувањето на предметниот план Министерството за транспорт и врски дало согласност за донесување на деталниот план, произлегува дека во тие рамки е третирано прашањето на усогласеноста на содржините на деталниот урбанистички план како план од пониско ниво со генералниот урбанистички план. Од аспект на уставно­-судската анализа на законитоста на предметниот план за кој се однесува оспорената одлука, релевантно е дека сите фази и дејствија на донесување на планот се запазени и спроведени согласно со закон.

Од изнесената правна и фактичка состојба произлегува дека оспорената одлука била донесена согласно предвидената постапка, од каде истата е во согласнот со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање кои ја уредуваат постапката за донесување на детални урбанистички планови.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 на ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.171/2014
24.06.2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева