У.бр.170/2009

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 15 јули 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на д-р Агим Вела, поднесено преку Адвокатската канцеларија“ Пепељугоски” од Скопје за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот, што се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност, во врска членот 46 од Уставот на Република Македонија, предизвикана со Решението број 12-4847/1 од 02.07.2009 година, донесено од страна на министерот за образование и наука.

2. Д-р Агим Вела, преку Адвокатската канцеларија “Пепељугоски” од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот, утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, што се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност, во врска со член 46 од Уставот.

Во барањето се истакнува дека со Решение на министерот за образование и наука, број 12-4847/1 од 02.07.2009 година, му биле повредени неговите слободи и права, утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, што се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност и правото на автономија на Државниот Универзитет во Тетово, бидејќи согласно членот 46 од Уставот и членовите 2 став 1, 11-15 од Законот за високот образование, на Универзитетот му се гарантирала автономија која ја опфаќала академската слобода, самостојно одлучување и управување и неповредливост на универзитетскиот простор. Од овие причини подносителот со иницијативата бара Судот да утврди повреда на слободите и правата, утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот, во врска со член 46 од Уставот, по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност, со предлог врз основа на член 27 од Деловникот на Уставниот суд, овој Суд да донесе Решение со кое ќе ги запре од извршување поединечните акти или дејствија што се донесени односно преземени од страна на министерот за образование и наука, Државниот просветен инспекторат, Државниот инспекторат за труд и од Управата за Финансиската полиција, а особено решението на Министерството за образование и наука, број 12-4847/1 од 02.07.2009 година.

3. Судот на седницата утврди дека Владата на Република Македонија на шеесет и првата седница, одржана на 07.04.2009 година, донела заклучок за вршење надзор во Државниот универзитет во Тетово, од страна на Државниот просветен инспекторат, Државниот инспекторат за труд и од Управата за Финансиската полиција, кои на ден 08.04.2009 година, извршиле надзор од својата надлежност во Државниот универзитет во Тетово, при што биле констатирани повеќе неправилности во работењето на Универзитетот, за што од страна на Владата на Република Македонија била разгледана и усвоена Информација за констатираните состојби од извршените инспекциски надзори во Државниот универзитет во Тетово, и истата била доставена до Собранието на Република Македонија.

Судот, исто така утврди дека врз основа на членовите 56, 57, 58 и 88 од Законот за установите (“Службен весник на Република Македонија”, број 32/05 и 120/05), согласно членовите 162 и 163 од Законот за високото образование (“Службен весник на Република Македонија”, број 35/08, 103/08 и 26/09), а во врска со Заклучокот на Собранието на Република Македонија број 07-2153/10 од 19.05.2009 година, усвоен на педесет и шестата седница одржана на 18.05.2009 година, министерот за образование и наука, донел Решение број 12-4847/1 од 02.07.2009 година, со кое им престанал мандатот на членовите на Сенатот на Државниот универзитет во Тетово и се поништени сите одлуки на Сенатот на Државниот универзитет во Тетово, донесени од постојниот состав. Со истото решение бил именуван вршител на должност Ректор на Државниот Универзитет во Тетово.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 1 и 2 и амандманот VI со кој се дополнува алинејата 2 на членот 8 од Уставот на Република Македонија, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се и основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и слободното изразување на националната припадност, соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и други јавни институции на сите нивоа.

Едни од основните слободи и права на човекот и граѓанинот се и граѓанските и политичките слободи и права и економските, социјалните и културните права.

Согласно членот 9 од Уставот, кој се однесува на граѓанските и политичките слободи и права, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно членот 46 од Уставот, кој се однесува на економските, социјалните и културни права, на универзитетот му се гарантира автономија, а условите за основање, вршење и престанок на дејноста на универзитетот, се уредува со закон.

Со членот 50 од Уставот, утврдено е дека секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија во постапка заснована врз начелото на приоритет и итност. Исто така се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.

Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Согласно членот 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредно право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во конкретниов случај, подносителот смета дека со Решението број 12-4847/1 од 02.07.2009 година, донесено од страна на министерот за образование и наука, му биле повредени слободите и правата, утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот, што се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност, во врска членот 46 од Уставот на Република Македонија.

Од барањето како и од самото решение, на кое подносителот се повикува, Судот утврди дека истото не претставува конечен или правосилен акт врз основа на кој може да се бара заштита за сторена повреда на слободи и права, утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот. Утврди и дека барањето до овој Суд, е поднесено на ден 08.07.2009 година, кога се уште тече рокот за поднесување на жалба против Решението број 12-4847/1 од 02.07.2009 година, кој рок содржан во упатството за правно средство од наведеното решение, изнесува 15 дена од денот на неговиот прием, преку Министерството за образование и наука до Комисијата за решавање во втор степен од областа на образованието на Владата на Република Македонија.

Со оглед на тоа што решението на министерот за образование и наука, со кое подносителот на барањето смета дека му е сторена повреда на слободи и права од член 110 алинеја 3 од Уставот, не претставува конечен или правосилен акт, во смисла на член 51 од Деловникот на Уставниот суд, Судот оцени дека во конкретниот случај, не постојат процесни претпоставки за постапување по барањето односно дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот, за отфрлање на истото.

5. Врз основа на напред изнесеното, согласно наведените уставни и деловнички одредби, Судот одлучи како во точкaта 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.170/2009
15 јули 2009 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски