У.бр.169/2008-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 15 април 2009 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА членот 8 став 2 од Законот за постапување по претставки и предлози („Службен весник на Република Македонија“ бр.82/2008).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата на Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.169/2008 од 18 февруари 2009 година, поведе постапка за оценување на уставноста на членот 8 став 2 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Законот со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека во членот 8 став 1 од Законот е предвидено органот кој постапува по претставките и предлозите не постапува по анонимна претставка, односно предлог, освен ако се работи за прашање од јавен интерес утврден со закон.

Според оспорениот став 2 од овој член од Законот, органот нема да постапува по претставки и предлози и кога претставката, односно предлогот е со навредлива содржина.

5. Согласно членот 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според членот 16 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

Според членот 24 од Уставот, секој граѓанин има право да поднесува претставки до државните органи и други јавни служби и на нив да добие одговор.

Граѓанинот не може да биде повикан на одговорност, ниту да трпи штетни последици за ставовите изнесени во претставките, освен ако со нив не сторил кривично дело.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Законот за постапување по претставки и предлози, во членот 1 определил дека со овој закон се уредува постапувањето по претставките и предлозите поднесени до Претседателот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија, судовите, органите на државната управа, единиците на локалната самоуправа, јавните установи и служби и други органи и организации што вршат јавни овластувања (во натамошниот текст: органи кои постапуваат по претставките и предлозите).

Според одредбите од Законот, секое физичко или правно лице може да биде подносител на претставка или предлог.

Во членот 3 став 2 од Законот, јасно е определено дека подносителот на претставката, односно предлогот не смее да биде повикан на одговорност, ниту да трпи какви било штетни последици поради поднесувањето на претставката, односно предлогот и изнесувањето на ставови и мислења, освен ако со тоа не е сторено кривично дело.

Според Судот, имајќи ги предвид изнесените уставни и законски одредби, а поаѓајќи од содржината на оспорената одредба од членот 8 став 2 од Законот, произлегува дека наспроти правото определено со Уставот и Законот, граѓаните да поднесуваат претставки до државните органи и јавни служби и на нив да добиваат одговор, со оспорената одредба од Законот се дава право на органот да не постапува по претставките или предлозите кои имале навредлива содржина.

Анализирајќи ја оспорената одредба од Законот, произлегува дека одредбата дава право на органот слободно да цени што претставува навредлива, а што не е тоа, и во зависност од слободната проценка да не постапува по претставката односно да не дава одговор заради карактерот на содржината која ја оценил како навредлива надвор од постоењето на нормирани објективизирани критериуми за тоа и само во рамки на индивидуалните оценки на органот како го сватил текстот на претставката. Со оглед на тоа, а имајќи предвид дека оспорената одредба е непрецизна, недоволно дефинирана и недоволно определива се создава простор за арбитрерност и различно и неконзистентно постапување кон поднесените претставки и предлози, а со тоа граѓаните да добиваат или да не добиваат одговор врз основа на тоа што содржината или ставовите во претставката се сметале за навредливи од страна на органот.

Имајќи ја предвид уставната позиција за слободите и правата на граѓаните која се однесува на слободата на уверувањата, мислата и јавното изразување на мислата и правото да се поднесуваат претставки и на нив да се добие одговор, а граѓанинот да не трпи штетни последици за ставовите освен ако со нив не сторил кривично дело, Судот утврди дека оспорената одредба од Законот не е во согласност со наведените уставни определби.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.169/2008
15 април 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски