У.бр.169/2005

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 5 април 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на:

а) уставноста на член 36 во делот: “и акти за условите и критериумите за доделување средства за остварување на Програмата за научно-истражувачка дејност” од Законот за научно-истражувачката дејност (“Службен весник на Република Македонија” бр.13/1996 и 29/2002) и

б) уставноста и законитоста на Правилникот за утврдување на услови и критериуми за доделување на средства за создавање на научно-истражувачки кадри, донесен од министерот за образование и наука (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/2004).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста, односно уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорениот член од Законот на органот на државната управа му дал овластувања кои излегувале надвор од уставните рамки и темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска. Дотолку повеќе што Законот не ги утврдил ни основните критериуми – рамки, туку тоа му било препуштено да го уредува министерот за образование и наука. Таквото овластување за органот на државната управа не претставувало извршување на законска одредба, туку основ за утврдување на услови и критериуми за додлеување на средства за создавање на научно-истражувачка дејност, што било исклучиво право и овластување на законодавната власт.

Според тоа, подносителот на иницијативата смета дека со оспорената законска одредба се повредувал членот 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51, член 68 став 1 алинеја 2, член 91 алинеи 1 и 5 и член 96 од Уставот на Република Македонија.

Поради наведените причини подносителот на иницијативата смета дека и оспорениот Правилник по автоматизам не бил во согласност со наведените уставни одредби, Законот за научноистражувачката дејност и Законот за организација и работа на органите на државната управа (членовите 56 и 61).

Врз основа на изнесеното се предлага, Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на дел од членот 36 од Законот и уставноста и законитоста на Правилникот за утврдување на услови и критериуми за доделување на средства за создавање на научно-истражувачки кадри.

3. Судот на седницата утврди дека според член 36 од Законот, годишни програми и акти за условите и критериумите за доделување средства за остварување на Програмата за научно-истражувачка дејност, донесува Министероството за образование и наука.

Судот, исто така, утврди дека со Правилникот за утврдување на услови и критериуми за доделување на средства за создавање на научноистражувачки кадри се определуваат критериумите и условите за доделување на средства за создавање на млади научно-истражувачки кадри (член 1).

Во дел 2 од Правилникот “Посебни одредби” се предвидени: услови и критериуми за стипендии за последипломски студии во земјата и странство; стипендии за стекнување на докторат во земјата и во странство и изработката на магистерски и докторски трудови.

4. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според членот 68 став 1 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Во членот 91 алинеи 1 и 5 од Уставот на Република Македонија е утврдено дека Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување и донесува уредби и други прописи за извршување на законите, а според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Според член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр. 58/2000 и 44/2002) министерот, меѓу другото, донесува правилници за извршување на законите кога за тоа е овластен со закон. Согласно член 56 став 1 од овој закон, со правилник се утврдуваат и разработуваат одделни одредби на законите и другите прописи заради нивно извршување, а според член 61 став 1 од овој закон со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежост на други органи.

Со Законот за научно-истражувачката дејност се уредуваат системот, начелата, јавниот интерес, облиците на организирањето и управувањето во научно-истражувачката дејност, начините на поттикнувањето и помагањето на развојот на научно-истражувачката дејност, научно-истражувачките кадри и други прашања од интерес за научно-истражувачката дејност.

Во членот 2 од овој закон е утврдено дека системот на научно-истражувачката дејност опфаќа научни истражувања, оспособување и усовршување на кадри за научно-истражувачка работа и научно-истражувачка инфраструктура.

Согласно член 3 став 4 од Законот, резултатите од научните истражувања се вреднуваат и соопштуваат преку рецензирање, објавување на научни трудови, научна критика, оцена од експерти и примена во практиката.

Во членот 4 од Законот е утврдено дека оспособувањето и усовршувањето на кадрите за научно-истражувачка работа опфаќа мотивирање, насочување и развивање на научно-истражувачките способности кај младите, избор и прифаќање на научниот подмладок, постдипломски, докторски и други форми и начини на оспособување, усовршување и унапредување на кадрите.

Во членот 7 од Законот е утврдено кои научни истражувања претставуваат јавен интерес, дека програма за научно-истражувачка дејност донесува Владата на Република Македонија и во ставот 4 на овој член е утврдено дека со Програмата за научно-истражувачката дејност се утврдуваат обемот, структурата и подрачјата на јавниот интерес во научно-истражувачката дејност.

Понатаму со овој закон е уредено дека Републиката со финансиски средства учествува во поттикнувањето, помагањето и остварувањето на јавниот интерес определен со овој закон и со Програмата за научно-истражувачката дејност (член 34 став 1).

Според ставовите 2 и 3 од овој член, Програмата за научно-истражувачката дејност ја донесува Владата на Република Македонија по правило од време за 5 години.

Во членот 35 од Законот се утврдуваат целите и правците на научно-истражувачката дејност.

Оспорениот член 36 од Законот е поместен во Четврта глава “Поттикнување и помагање на развојот на научно-истражувачката дејност” според кој годишни програми и акти за условите и критериумите за доделување средства за остварување на Програмата за научно-истражувачката дејност донесува Министерството за образование и наука.

Во членот 37 од Законот е утврдено дека средствата за остварување на Програмата за научно-истражувачката дејност се обезбедуваат од Буџетот на Републиката, како и од камати, дивденди, легати, подароци, завештанија, фондации и друго, а согласно членот 38 од Законот со овие средства располага Министерството за образование и наука.

Во членот 39 од Законот е утврдено дека при Министерството за образование и наука се формира Совет за научно-истражувачка дејност како советодавно стручно тело на министерот за образование и наука, составен од претседател и шест членови, кои пак согласно ставот 2 од овој член ги именува министерот од редот на истакнати научни работници за време од четири години.

Надлежностите на овој совет се утврдени во членот 40 од Законот, кој меѓу другото учествува и во изготвувањето на актите што се однесуваат на условите и критериумите за доделување средства за реализација на Програмата за научно-истражувачката дејност.

Во членовите 44 и 45 од Законот е предвидиено дека средствата за научно-истражувачката дејност по правило се доделуваат по пат на јавен конкурс што го распишува Министерството за образование и наука и дека Министерството за доделените средства склучува договор со корисникот.

Тргнувајќи од анализата на овие законски одредби во контекст на наводите во иницијативата и имајќи ја предвид оспорената одредба од Законот, произлегува дека законодавецот ги утврдил основните цели и критериуми за остварување на Програмата за научно-истражувачката дејност, а со тоа и рамките за финансиско помагање и поттикнување на оваа дејност, како дејност од јавен интерес.

Според тоа, Министерството за образование и наука при утврдувањето на поблиските услови и критериуми за доделување на средства за научно-истражувачката дејност има јасни законски рамки за облиците на оспособување и усовршување на кадрите за релевантните високо-образовни стандарди што се обезбедуваат преку улогата на Советот за научно-истражувачка дејност и функциите на Програмата за научно-истражувачката дејност во која се содржани критериумите за обемот на средствата потребни за нејзиното остварување.

Оттука, овластувањето на Министерството за образование и наука од оспорениот член 36 од Законот, претставува овластување за спроведување на законските одредби што се однесуваат на поттикнување и помагање на научно-истражувачката дејност, усовршување на кадрите и остварување на Програмата за научно-истражувачката дејност во границите на целите и критериумите утврдени во Законот, а не основ за самостојно уредување на материја што е во надлежност на законодавецот.

Поради тоа, Судот смета дека овластувањето на министерот за образование и наука предвидено во оспорениот член 36 од Законот претставува операционализација на законските одредби во функција на нивно извршување и не може да се доведе во сомнение во однос на одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата, имено, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Следствено, Судот оцени дека не може да се постави и прашањето за уставноста и законитоста на оспорениот правилник за утврдување на услови и критериуми на средства за создавање на научно-истражувачки кадри, донесен од министерот за образование и наука.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.169/2005
5 април 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова