У.бр.169/2001-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 47 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 25 декември 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за користење на паричните средства добиени од пазарна такса бр.0701/143, донесена од Советот на Општина Облешево, на седницата одржана на 30.03.2001 година.


2. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативата поднесена од Стевчо Николов и Славе Лазаров од с.Облешево, со Решение У.бр.169/2001 од 24 април 2002 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со членот 52 став 1 од Уставот на Република Македонија, како и со Законот за јавните претпријатија, Законот за комуналните дејности и Законот за локалната самоуправа.

3. Судот на седницата, врз основа на одговорот и приложената документација од доносителот на оспорената одлука, ја утврди следната правна и фактичка состојба:

Советот на општината Облешево, на седницата од 16.12.2001 година, врз основа на член 9 став 2 од Законот за јавните претпријатија донел Одлука за ставање вон сила на Актот за основање на ЈПКД “Облешево”- Облешево бр.0701-65/2 од 30.10.1997 година која е објавена во Службениот гласник на оваа општина бр.3/2001.

Освен што се става вон сила актот за основање на ова претпријатие, истовремено, во членот 2 од наведената одлука се утврдува дека се ставаат вон сила и Одлуката бр. 0701-143/1 од 30.03.2001 година за користење на паричните средства добиени од пазарна такса, како и Одлуката за наплатата на пазарна такса бр. 0701-209 од 8.08.2001 година.
Понатаму, во членот 3 од истата оваа одлука, се утврдува дека со нејзиното донесување им престанува работниот однос на вработените во ЈПКД “Облешево”, му престанува функцијата на директорот, како и функцијата на членовите на Управниот одбор и згаснува жиро сметката на ЈПКД.

Според членот 4 од одлуката, од 30.11.2001 година, работите околу наплатата на пазарната такса и изнесување на смет ќе ги извршуваат времени извршители, а начинот на извршување на овие работи ќе се уреди со посебна одлука.

Следователно на оваа Одлука, на ден 12.03. 2002 година Советот, до Основниот суд во Штип, како основач доставил и барање за бришење на ова претпријатие од судскиот регистер, по кое постапката е во тек.

4. Согласно член 47 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја запре постапката за оценување уставноста и законитоста на оспорениот акт, меѓу другото, и ако утврди дека во текот на постапката актот престанал да важи или престанат некои други процесни претпоставки за нејзино натамошно водење.

Имајќи ги предвид наведените деловнички одредби, како и утврдената фактичка состојба од која произлегува дека оспорената одлука престанала да важи, односно е ставена вон сила со Одлуката под бр.0701-374/1 на Советот на Општина Облешево донесена на седницата одржана на 16.12.2001 година, Судот утврди дека во конкретниот случај не постојат процесни претпоставки за натамошно водење на постапката за оценување уставноста и законитоста на оспорената одлука.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р ЈосифТалевски.


У.бр.169/2001
25 декември 2002 год.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов