У.бр.168/2006

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992) на седницата одржана на 7 ноември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 185, став 1, во делот

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на дел од оспорената одредба од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата одредбата во оспорениот дел не била во согласност со начелото на двостепеност во одлучувањето, загарантирано со Амандманот XXI од Уставот на Република Македонија, бидејќи по жалбата на осуденото лице против решението за изречената дисциплинска казна решавало истото лице – директорот на Управата.

Според подносителот на иницијативата, смислата на наведената уставна одредба била да се обезбеди двостепеност во одлучувањето, со тоа што по жалбата ќе одлучувал друг, повисок орган од органот што одлучувал во прв степен, во што се состоело деволутивното дејство на жалбата, па поради тоа оспорената одредба не била во духот на уставната интенција и гаранција на начелото на двостепеност во одлучувањето, односно во втор степен да одлучува друг орган кој не учествувал во донесувањето на првосстепеното решение. Според наводите во иницијативата, ова воедно претставувало повреда и на темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото.

Поради наведеното, подносителот на иницијативата смета дека законската одредба во оспорениот дел е спротивна на член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и Амандманот XXI од Уставот на Република Македонија и предлага Судот да поведе постсапка за оценување на нејзината уставност.

3. Судот на седницата утврди дека според член 185 став 1 од Законот, против решението за изречена дисциплинска казна, како и против решението од членот 184 на овој закон со кое е одлучено за надоместување на штетата, осуденото лице има право на жалба во рок од три дена до директорот на Управата.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според Амандман XXI на Уставот, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд. Според ставот 2 на овој Амандман, правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 1 од Законот за извршување на санкциите, со овој закон се уредува извршувањето на санкциите, а според член 7 став 1 од Законот, санкциите ги извршуваат органите определени со овој закон.

Надлежните органи за извршување на санкциите се уредени во посебен дел од Законот, а тоа се Управата за извршување на санкциите, казнено-поправните и воспитно-поправните установи и судијата за извршување на санкциите.

Според член 8 од Законот, работите на извршувањето на санкциите се во надлежност на Управата за извршување на санкциите. Со работите на извршувањето на санкциите раководи директорот на Управата (став 2), а според ставот 3 на овој член, организацијата и делокругот на работите што се извршуваат во Управата се определуваат со овој закон.

Според член 14 од Законот, Управата го организира, спроведува и врши надзор на извршувањето на казната затвор, малолетничкиот затвор, алтернативните мерки општокорисна работа и куќен затвор, заштитниот надзор изречен со одлука за условна осуда или за условен отпуст, како и воспитната мерка упатување во воспитно-поправен дом.

Според ставот 2 на овој член, управата е орган во состав на Министерството за правда со својство на правно лице.

Според член 15 став 1 од Законот, со Управата раководи директор. Според ставот 2 на овој член, директорот на Управата го именува и разрешува Владата на Република Македонија по предлог на министерот за правда.

Според ставот 3 на истиот член, директорот се именува за време од пет години со право на повторен избор.

Според ствот 4 на овој член, за директор на Управата може да биде именувано лице кое има висока школска подготовка VII-1 степен и работно искуство од најмалку пет години во областа на извршувањето на санкциите или сродни работи.

Според член 16 од Законот, директорот ја претставува Управата, е одговорен за законито и правилно извршување на работите од областа на извршувањето на санкциите во Републиката и за својата работа одговара пред Владата на Република Македонија и министерот за правда.

Во делот на одредбите кои се однесуваат на казнено-поправните и воспитно-поправните установи, Законот го уредил и раководењето со овие установи. Па така, според член 33 од Законот, со работата на установата раководи директор. Според ставот 2 на овој член од Законот, директорот на установата е лично одговорен за законито, правилно и навремено извршување на функцијата на установата.

Според член 34 од Законот, директор на установа и негов заменик именува и разрешува Владата на Република Македонија по предлог на Министерот за правда. Според ставот 2 на овој член, за директор на установа и негов заменик може да биде именувано лице кое има завршено високо образование VII – 1 степен и работно искуство од најмалку пет години во областа на извршувањето на санкциите или на сродни работи.

Дисциплинската одговорност на осудените лица е уредена со посебна Глава XI од Законот.

Според член 176 од Законот, редот и дисциплината се одржуваат во интерес на безбедноста на установата, за да се овозможи заеднички живот на осудените лица и за постигнување на целите на третманот (став 1). Осудените лица се должни да се придржуваат на одредбите на овој закон и на куќниот ред, да ги исполнуваат обврските од програмата за третман и да се придржуваат на наредбите на службените лица (став 2).

Според член 177 став 1 точка 1 од Законот, дисциплинските повреди можат да бидат потешки и полесни.

Според член 177 став 1 точка 2 од Законот, потешки дисциплински повреди се:
– неисполнување на наредба на службено лице со што би се предизвикале поголеми нарушувања во работата на установата,
– физички напад на службено или друго осудено лице,
– внесување или изготвување на предмети што можат да се користат за напад, бегство или за вршење на кривично дело,
– бегство од издржување на казната затвор,
– злоупотреба на доделените погодности,
– внесување или изработка на алхохолни пијалаци и нарко-тични средства, нивно уживање или растурање,
– намерна повреда на прописите за заштита при работа, заштита од пожар, експлозија или други природни несреќи,
– предизвикување на поголема материјална штета, ако била предизвикана намерно или од големо невнимание,
– занимавање со препродавање,
– позајмување на пари и меѓусебно задолжување за лихварска камата,
– присилување, вршење на психички притисок и физички облик на притисок над други осудени лица и поттикнување кон тоа и
– повторување на полесни повреди.

Според став 2 од истиот член од Законот, полесните повреди на дисциплината се утврдуваат со куќниот ред на установата.

Во членот 178 од Законот се содржани видовите на дисциплински казни, (опомена, јавна опомена, одземање на дел од надоместокот за работа во висина од 20%, ограничување на доделување на погодности до три месеци, ако осудениот ги злоупотребил дадените погодности и упатување во самица од три до 15 дена со или без право на работа.

Според член 179 од Законот, дисциплинските казни ги изрекува директорот на установата или лице кое го заменува (став 1). Во дисциплинската постапка осуденото лице мора да биде сослушано и неговата изјава проверена (став 2). При изрекувањето на дисциплинската казна ќе се земе предвид поведението на осуденото лице и дали порано било дисциплински казнувано (став 3). Пред издржувањето на дисциплинската казна за упатување во самица ќе се прибави мислење од лекарот за здравствената состојба на осуденото лице (став 4).

Според член 183 од Законот, директорот на установата може да го запре извршувањето на дисциплинската казна ако утврди дека со дотогашното извршување на казната е постигната целта на дисциплинското казнување.

Според оспорениот член 185 од Законот, против решението за изречената дисциплинска казна, како и против решението од член 184 на овој закон со кое е одлучено за надоместување на штетата, осуденото лице има право на жалба во рок од три дена до директорот на Управата (став 1). Жалбата на осуденото лице не го задржува извршувањето на казната (став 2). Постапката за решавање по жалбата е итна (став 3).

Од наведените одредби од Законот за извршување на санкциите произлегува дека во Законот точно се определени органите задолжени за извршување на санкциите (Управата за извршување на санкциите како орган во состав на Министерството за правда, казнено-поправните установи и судијата за извршување на санкциите). Поради тоа во Законот јасно се разграничени и надлежностите на овие органи во извршувањето на санкциите. Имено, во делот на дисциплинската одговорност на осудените лица, изрекувањето на дисциплинските казни со Законот е ставено во надлежност на директорот на казнено-поправната установа.

Од оспорената одредба на членот 185 став 1 од Законот,исто така јасно произлегува дека за одлучување по жалба против решението за изречена дисциплинска казна, е надлежен директорот на Управата за извршување на санкциите.

Оттука, произлегува дека подносителот на иницијативата всушност оспорената одредба од членот 185 став 1 погрешно ја интерпретира, односно го поистоветува директорот на установата, со директорот на Управата кои всушност се две различни лица, односно два различни органи.

Директорот на управата раководи со Управата за извршување на санкциите која согласно одредбите од членот 77 од Законот, го врши стручно-инструкторскиот надзор врз работата на установите и како таков орган таа всушност претставува повисок орган во однос на казнено-поправната установа, па следствено на тоа и директорот на Управата се јавува како повисок, односно надзорен орган во однос на директорот на установата (казнено-поправната или воспитно-поправната установа).Од овие одредби јасно произлегува дека со начинот на кој е регулирано правото на жалба против решението за изрекување на дисциплинска мерка против осуденото лице сосема е запазено деволутивното дејство на жалбата, односно дека по жалбата одлучува друг повисок орган кој не учествувал во донесувањето на првостепеното решение.

Според тоа, за Уставниот суд сосема се неаргументирани наводите во иницијативата дека со оспорената одредба не било обезбедено начелото на двостепеност по жалба и дека во прв и во втор степен одлучувал еден ист орган –директорот на Управата.

Поради наведените причини, Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на одредбата од членот 185 став 1 во делот: „директорот на Управата“ од Законот за извршување на санкциите со одредбата од Амандманот XXI и начелото на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 168/2006
7 ноември 2007
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски